Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Викенд предлог, Чудесна Македонија » Централните Шарпланински езера – Боженствена убавина која треба да се посети!

Централните Шарпланински езера – Боженствена убавина која треба да се посети!

04.11.2017

Во Република Македонија се среќаваат околу 50 – тина глацијални езера. Најмногу глацијални езера има на Шар Планина. Во делот на територијата на Р. Македонија,  Шар Планина има 27 глацијални езера, од нив 19 се постојани, а 8 се повремени езера. Во оваа прилика ќе се запознаеме со големите глацијални езера кои егзистираат во централниот дел на Шар Планина, околу врвот Бристовец или Бориславец (2675 m).

Боговинското Езеро се наоѓа помеѓу врвовите Бристовец (2675 m) и врвот Мала Смрека (2436 m). Езерото е сместено во валовската долина и се наоѓа на надморска височина од 1936 метри. Зафаќа површина од 66.880 m2, со која е најголемо глацијално езеро на Шар Планина, а воедно и најголемо во Република Македонија.  Долго е 452,5 m (исток – запад), а широко е 225 m (север – југ). Има брегова линија во должина од 1200 метри. Најголемата длабочина на езерото достигнува 2,20 метри. Во минатото било подлабоко, така што во 1952 година со всекување на челните морени (препреки на истеката),  длабочината на езерото е намалена за 30 cm. Езерото со вода се храни од топење на снегот како и од повеќе потоци, а водата ја губи преку испарување и истекување. Од езерото истекува Езерска Река, изворна река на Боговинска Река. Во последно време во езерото се среќаваат голем број на алги кои цветаат во текот на летото. Инаку, од животинскиот свет, во езерото се забележува присуство на речна пастрмка.

Црно Езеро се наоѓа јужно од врвот Бристовец (2675 m). Сместено е во маркантен цирк (амфитеатрална релјефна форма – длабнатина) на надморска височина од 2170 метри. Зафаќа површина од 33.520 m2 и претставува второ глацијално езеро по големина на Шар Планина.  Езерото има должина од 248 m, а широко е 185 m. Длабочината на езерото се движи околу 6 метри. Со вода се храни од топење на снегот и од неколку извори кои се наоѓаат на јужниот крајбрежен дел. Водата ја губи од испарување и од истеката, од која истекува реката Матени, лева притока на реката Мазрача.

Непосредно до Црното Езеро, се наоѓаат уште две помали езерца (локви). Поголемото езерце се наоѓа на височина од 2350 m и има должина од 30 m, ширина од 15 m и длабочина од 1 m. Малото езерце се наоѓа непосредно до Црното Езеро. Езерцето е во завршен развоен стадиум, има пречник од 2 метри и длабочина од 0,5 m. Од ова езерце тече поток кој се влива во Црното Езеро.

Бело Езеро се наоѓа на надморска височина од 2280 метри. Езерото е сместено во цирк (амфитеатрална релјефна форма – длабнатина),  кој се наоѓа југоисточно од  врвот Трпезница (2610 m). Белото Езеро има елипсоидна форма и зафаќа површина од околу 18.000 m2 (четврто по големина на Шар Планина).  Езерото е долго 193 метри, а широко 118 метри. Максималната длабочина достигнува до 1 метар. Во северозападниот дел на езерото се наоѓаат неколку извори, кои се слеваат во езерото. Од езерото истекува Белоезерска Река која се влива во Боговинско Езеро.

             Бело Езеро со Бориславец (Бристовец 2675 m) во позадина

Како да стигнам до езерата?
 До Боговинското Езеро водат неколку патеки, меѓу кои најкратка и најпогодна е патеката која води од Тетовското Ново Село (Општина Боговиње). Истата патека е маркирана и се движи по живописна природа долж Боговинска и Езерска Река. Должината на патеката изнесува  6,6 km (во еден правец), притоа се искачува релативна височина од околу 900 m, а истата се поминува за околу 3 до 4 часа. Исто така до Боговинско Езеро може да се стигне и од Попова Шапка. Притоа оваа патека се движи по колски пат се до Слапска Река, каде правецот се менува и движењето продолжува по планинарска патека, која го заобиколува билото и врвот Мала Смрека (2436 m), а потоа истата се спојува со патеката која води од Ново Село до Боговинско Езеро. Должината на оваа патека изнесува 15 km во еден правец,  притоа се искачува релативна височина од околу 880 m, а се спушта височина од 700 m. Инаку, патеката во просек се поминува за 4 до 5 часа. До Црното Езеро исто така водат неколку патеки, меѓу кои најкратка и најживописна е патеката која води од Гостиварското село Ѓурѓевиште. Истата патека е маркирана и има должина од 8,2 km (во еден правец) и релативна височина од 1240 m.  Патеката се поминува за 4 до 5 часа. До Црното Езеро може да стигнете и од Тетовското Ново Село, притоа, патот кој води од ова село се спојува на т.н. пат „Шарски Води“. Движејќи се по овој пат се доаѓа до патеката која води од селото Ѓурѓевиште (Општина Врапчиште – Гостивар) кон Црното Езеро.  До Белото Езеро најпогодно е да се дојде од Боговинското Езеро, притоа оваа патека продолжува на запад по течението на Белоезерска Река се до Бело Езеро. Истата патека има должина од околу 2,3 km и искачува релативна височина од околу 340 m, а истата се поминува со просечно темпо на движење од  час и половина до два часа во еден правец.

Треба да знаете дека:
Доколку се одлучите да ги посетите езера, треба да имате добра психо – физичка подготвеност, зависно од сезоната да поседувате соодветна планинарска опрема (летна опрема: соодветни планинарски чевли, кабаница, шушкавец – јакна; зимска опрема: зимски чевли, камашни, скафандер, зимска јакна, ракавици, капа и сл.), да носите доволно залиха на храна и вода, а воедно е потребно да се придржувате на времето кое потребно да се спуштете назад до некое од селата, затоа што во мрак е многу непријатно и отежнато движењето.

Извори: 
ВГИ (1987) Топографска карта со размер 1:100 000, лист Гостивар 730
Колчаковски Д. (2006) Физичка  географија на Република Македонија, институт за географија, Скопје
Колчаковски Д. (2006) Геоморфологија, институт за географија, Скопје
www.wikipedija.com
Теренски посети во текот на 2015 и 2016 год.
Фотографии: Стојчески Д.

 

Автор: Дарко Стојчески, дипломиран географ

 

 

Оваа статија е прочитана 1437 пати!

Автор:

Од категорија: Викенд предлог, Чудесна Македонија

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger