Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, Природник... » Физичко-географски карактеристики на Кочанска Kотлина

Физичко-географски карактеристики на Кочанска Kотлина

06.12.2017

Кочанска Котлина се наоѓа во источниот дел на Република Македонија, односно, по течението на реката Брегалница. Заградена е со планините Плачковица на југ, Голак на исток, Осогово на север и ридовите Горица, Аргулица и Селце на запад. Котлината има површина од 1.020 km² и должина од 26 km. Средишниот рамничарски дел е познат како Кочанско Поле. Источната граница се протега во меридијански правец по билото на планината Голак со врвовите Обозна (1.181 m), Јастребец (1.273 m), Чавка (1.538 m) и Бајрамица (1.202 m) и истовремено претставува граница со Пијанечката и Малешевската Котлина.

Јужната граница се наоѓа на билото на планината Плачковица и во напореднички правец се протега по врвовите Туртел (1.607 m), Џамија (1.569 m), Картал (1.442 m), Козбран (1.708 m) и Паруца (1.356 m) при што претставува граница со Струмичко- радовишката Котлина.

Западната граница, која ја одделува Кочанската Котлина од штипско, се наоѓа во долниот дел на сливот на Злетовска Река, во непосредна близина на Штип. Северната граница на Кочанската Котлина, која ја одделува од Злетовско – Пробиштипскиот крај, се наоѓа помеѓу изразитиот планински дел и низинското подножје на Осоговските Планина, на надморска височина помеѓу 700 m и 1000 m, близу до селата Пресека, Безиково, Јастребник, Лешки, Пантелеј и Рајчани.

Досегашните испитувања укажуваат на тоа дека Котлината настанала по тектонски пат. Пресудно значење за денешната форма и релјефната структура имале тектонските движења што се случиле пред средниот олигоцен (пред 33.9 до 23 милиони години). Тогаш дошло до спуштање на земјиштето меѓу две раседни линии и тоа една од северната и друга од јужната страна. При крајот на миоценот (пред 23 до 5,3 милиони години) и почетокот на плиоценот (од  5.3 до 1.8 милиони години), котлината е поплавена од слатководно езеро кое заедно со другите соседни езера го создава Средновардарското Езеро, кое е доста познато во геоморфолошката литература. Длабочината на ова плиоцено езеро била над 500 m.Што се однесува до климата, средната просечна годишна температура на воздухот изнесува 13°С, така што оваа котлина е една од потоплите котлини во Република Македонија. Како резултат на тоа, Кочанската Котлина е поволна за одгледување на ориз, па затоа во ова подрачје доста чести се оризовите полиња.

Исто така, оваа котлината изобилува со термални извори, од кои покарактеристични се оние кај селата Истибања, Долни Подлог, Бања и Крупиште.

Извори:


Изработи:
Драгана Ефтимова

Корекција: Антонио Трајков

Оваа статија е прочитана 795 пати!

Од категорија: На тема, Природник... · Tags: , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger