Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Пелистерски Очи – Глацијални езера на Пелистер

Пелистерски Очи – Глацијални езера на Пелистер

28.11.2017

Пелистер е името на највисокиот врв на Баба Планина, а со своите 2.601 m надморска височина, претставува трет највисок планински врв во Република Македонија. Често, името на врвот Пелистер се користи и како име за самата Баба Планина и синоним за градот Битола.
Националниот парк Пелистер е оддалечен 15 km од Битола, 65 km од Охрид и 30 km од Преспанското езеро. Паркот се карактеризира со голем број врвови и возвишенија над 2.000 m, меѓу себе раздвоени со длабоки долини.
Глацијални езера или леднички езера се природни езера кои настанале со топење на мразот. Најчесто се наоѓаат на високите планини и имаат мала површина, а карактеристична за нив е ладната и бистра вода.
Со посебна природна привлечност се одликуваат двете глацијални езера – Големото и Малото Езеро, познати како „Горски Очи“ или „Пелистерски Очи“.
Големото Езеро се наоѓа на надморска височина од 2.218 m. Ова езеро е долго 233 m, широко 162 m, а длабоко е 14,5 m. Во Големото Езеро живеат и неколку видови на риби. Веднаш до него се наоѓа и планинарскиот дом „Димитар Илиевски – Мурато“, кој има капацитет од 50-100 легла и прекрасни терени за планинарење, алпинизам, планински велосипедизам и спортување.
Малото Езеро се наоѓа на надморска височина од 2.180 m, има должина од 79 m, широчина од 162 m и длабочина од 2,6 m.
Во езерото постои редок жив свет како полноглавци и ракчиња, а неговата вода често ја пијат дивите планински животни како дивите коњи, мечки и елени, но и стадата овци. Поради малата длабочина неговите води брзо се загреваат, поради што езерото е многу често посетено од капачи и планинари за време на летото.
До езерата може да се стигне преку две обележани патеки. Едната патека води од селото Нижеполе преку ски-лифтот преку Дебел Рид. Другата патека, по која можат да се движат и возила, започнува од хотелот „Молика“ преку „Јоргов Камен“ минува покрај двете езера и продолжува кон највисокиот врв, врвот Пелистер (2.601 m).
Највпечатливи одлики на фауната во Националниот Парк Пелистер се нејзината разновидност, како и присуството на голем број реликтни и ендемични видови. Ендемичните видови се главно регистрирани кај без’рбетните групи на организми.
Од без’рбетните организми, во малото глацијално езеро, „Мало Езеро”, се среќава една раскошна популација од вилинското ракче Chirocephalus diaphanus carinatus, кое претставува балкански реликтно-ендемичен таксон.
Исклучиво во големото глацијално езеро, „Големо Езеро”, живее амфиподното ракче Niphragus pancici peristericus, пелистерски ендемит, досега регистриран само во ова езеро.
На Пелистер растат и 88 дрвни видови, што претставува 29% од вкупната дендрофлора на Македонија. Пелистер претставува класично наоѓалиште на повеќе од 20 растителни видови, од кои два вида се локални ендемити. Од рибите, се истакнува присуството на пелистерската ендемична поточна пастрмка и пелагониската поточна пастрмка.

Извори:

Изработи: Драган Талевски
Корекција: Билјана Бабаноска

Оваа статија е прочитана 936 пати!

Од категорија: Чудесна Македонија · Tags: , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger