Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Изработен е 3D модел на коренот на планината Галичица

Изработен е 3D модел на коренот на планината Галичица

15/11/2017

Планините се вид релјефен облик кои се изучуваат уште од најмала возраст. Општо познато е дека тие претставуваат возвишувања на Земјината површина создадени како резултат на движењето на внатрешните сили на Земјата. Вообичаено кога се изучуваат планините се говори за надморската височина, геолошки состав, експозицијата, па натаму флората и фауната, но во досегашните истражувања не е даден осврт кон тоа што се случува или поедноставно, како изгледаат планините под површината. Односно, се поставува прашањето: Зошто планините не тонат?

За оваа проблематика постојат многу мал број на информации како во стручната, така и во Web литературата. Изгледот на планините под површината на Земјата важи за сеуште неоткриено поле во проучувањата на внатрешноста на Земјата.

Планините настануваат како последица на судирот помеѓу две континентални плочи кои се спојуваваат познат како зона на колизија,. Резултатот е деформирање на кората, односно нејзино задебелување. Оваа “подебела кора” лежи врз мантијата, пловејќи над неа, исто како што ледениот брег плови во вода.

Ако планините ги замислиме како ледени блокови, делот што го гледаме е многу помал од делот кој е скриен под површината на Земјата. Овие скриени делови во внатрешноста на Земјата во литературата се познати под името корени на планините.

Висината на планините зависи од дебелината на Земјината кора, но и од разликата во густината помеѓу кората и мантијата. Овие односи се дел од принципот на изостазија.
Терминот изостазија потекнува од грчкиот збор izostazis кој означува рамнотежа.

Под дејство на процесот на воспоставување на изостатичка рамнотежа дебелината на Земјината кора се менува, па врз база на гравиметриските испитувања, може да се проучи дали е воспоставена изостатичка рамнотежа, односно дали е во тек процес на издигање или процес на тонење. Така на пример, геодетските и гравиметриските мерења укажуваат дека Скандинавскиот Полуостров е во процес на издигање, кој е започнат од времето на последниот леден период, додека во доменот на младите венечни планини во тек е процесот на тонење.

Имајќи го сето ова во предвид, со помош на најсовремени ГИС софтвери, направен е целосен 3D модел на коренот на планината Галичица, според кој коренот на планината достигнува неверојатни 9000 метри под Земјината површина. Моделот ќе се користи првично за разни сеизмолошки истражувања, како продукт произлезен од Сеизмолошката Опсерваторија при ПМФ, но се разбира и за разни други геофизички, географски и геолошки цели.

Автори:

  • д-р Драгана Черних Анастасовска
  • м-р Катерина Дрогрешка
  • м-р Јасмина Најдовска
  • Моника Андрееска
  • Арсе Кузманоски

 

 

 

Оваа статија е прочитана 16354 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger