Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Земјотресот од 1911 година во јужниот дел од Охридско Езеро најсилен во епицентралното подрачје

Земјотресот од 1911 година во јужниот дел од Охридско Езеро најсилен во епицентралното подрачје

23/11/2017

Сеизмичката активност на територијата на Република Македонија и пограничните региони е поврзана со деструктивните процеси во Земјината кора, односно тектонските движења кои се манифестираат и денес, во издигањето или тонењето и латералното поместување на одделните блокови. Доказ за тоа се големиот број на земјотреси случени во минатото како и во поновата историја. Земјотресите случени во периодот 1901 – 2015 година прикажани се на Слика 1.

Слика 1. Каталог на земјотреси за Македонија и блискиот соседен регион (1900 – 2015 г.).
Извор на податоци: Сеизмолошка обсерваторија при УКИМ-ПМФ, Скопје.
Изработиле: Д. Черних, К.Дрогрешка
Регионот околу Охридското езеро е еден од сеизмички најактивните, со висок потенцијал за генерирање на силни земјотреси. Од расположивите историски податоци, освен за разурнувачкиот земјотрес од 527 г.н.е., постојат и податоци кои говорат за случување на силни земјотреси со магнитуда ML≥6 (1906, 1911 и 1912 г.). Карактеристична е серијата на земјотреси кои се случиле во јужниот дел на Охридското езеро во периодот 1896 – 1912 г. (Слика 2, Табела 1) која резултирала со сериозни оштетувања во регионот.
Ноќта помеѓу 18 и 19 фебруари 1911 г., во јужниот дел на Охридското Езеро се случил силен земјотрес со магнитуда ML=6.7 и епицентрален интензитет од Io=IX степени. Земјотресот најсилно бил почуствуван во околината на с.Старово и Поградец во Албанија, како и во с.Љубаништа во Македонија. Силината на земјотресот била почуствувана и во поширокиот регион, се до Скопје и Скадар (Слика 3). После случувањето на овој силен земјотрес, сеизмичката активност која следела по силниот земјотрес била во времетраење повеќе од една година, а се карактеризирала со низа последователни сеизмички настани од кои десетина биле со магнитуда ML помеѓу 5 и 6 степени од Рихтеровата скала (Слика 2).

Слика 2. Сеизмичка активност во епицентралното подрачје Јужен дел на Охридското Езеро за периодот пред и по 1900 г. со магнитуда Mm ≥ 5.0. Mm- магнитуда според макросеизмичките податоци, Io- епицентрален интензитетИзвор на податоци: Сеизмолошка обсерваторија при УКИМ-ПМФ, Скопје.
Изработиле: Д. Черних, К.Дрогрешка

Табела 1: Најсилни земјотреси од епицентралното подрачје Јужен дел на Охридското Езеро за периодот пред и по 1900 г. со магнитуда Mm ≥ 5.0.

Слика 3. Карта на изосеисти за земјотресот од 18 фебруари 1911 г.
Извор на податоци: Сеизмолошка обсерваторија при УКИМ-ПМФ, Скопје.
Изработил: Д. Хаџиевски; Дигитализација: Р. Шалиќ, З.Милутиновиќ

Неотектонски и сеизмотектонски карактеристики

Во крајниот западен дел на Македонија со неотектонските процеси, во режим на екстензија била формирана низа од тектонски депресии (грабени). Од југ кон север тоа се Преспанската, Охридската, Пискупштинската и Дебарската. Спрема запад Охридската има продолжение во Албанија во депресиите Малиќи-Корча, а Пискупштинската и Дебарската во Пешкопеа. Сите овие депресии претставуваат тектонски грабени формирани со млади гравитациони (нормални) раседи, од кои некои се активни и денес и акумулираната енергија вдолж нив се ослободува со појави на земјотреси, често и со катастрофален карактер. Според флористички фосилни остатоци во седиментите кои ги исполнуваат овие неогенски грабени, истите како тектонски потонати блокови биле создадени во најгорен миоцен, пред околу 6 – 8.6 милиони години. Грабените постепено преминувале во слатководни езера, од кои Преспанското, Охридското и некои плитки езерца во Албанија и денес егзистираат. Притоа најстари фосили се пронајдени во Пискупштинскиот и Преспанскиот седиментен грабен, додека Охридскиот и Дебарскиот се јавуваат како помлади структури.

Според Думурџанов, Милутиновиќ и Шалиќ (2016) сеизмотектонското Охридско епицентрално подрачје влегува во Охридско-Струшката сеизмотектонска зона. Зоната е дефинирана со Охридскиот грабен, ограничен со систем на паралелни гравитациони раседи, контрастно изразени во рељефот со протегање север-југ спрема издигнатиот блок (хорст) Галичица-Петрина Планина на исток (Пештанско-Петринските раседи) и хорстот Мокра Гора-Јабланица на запад (Јабланички расед). На север, грабенот е лимитиран со раседи слабо изразени во рељефот спрема планините Славеј и Слатински Планини.

Јужното крајбрежје на Охридското Езеро (Албанија), како дел од Охридскиот грабен, каде се јавува најсилна сеизмичка деструктивност, претставува ридесто возвишение со нејасно дефинирани гравитациони раседи од исток – запад, североисток – југозапад и северозапад – југоисток ориентација. Исклучок е јасно изразаниот расед, кој се протега од северозапад кон југоисток и кој го ограничува грабенот спрема хорстот Галичица (Галички расед).

Поместувањата долж јужните краеви на Пештанско-Петринските и Јабланичкиот расед, како контрасно изразени раседи во релјефот, но и како рабни раседи на Охридската депресија, продолжуваат и денес, условувајќи ја висока сеизмичка активност во јужниот дел на Охридското Езеро.

Ефекти врз изградената околина и природната средина

Земјотресот од 1911 г. предизвикал целосно уништување на многу станбени објекти во Поградец, но и во селата Старово, Тучемишт и Загорчан во Албанија. Големите оштетувања биле пропратени и со бројни човечки жртви. Сите станбени објекти кои го преживеале земјотресот биле сериозно оштетени. Сите села во околината на Поградец биле целосно уништени. Сериозни оштетувања имало во градовите Корча и Билишти во Албанија, но и Битола, Прилеп и Дебар каде постојат податоци за оштетувања во ѕидовите и рушења на оџаци. Сериозни биле оштетувањата и во градот Охрид, каде покрај оштетувањето на многу станбени објекти постои и податок за целосно рушење на три џамии. Исто така сериозни биле оштетувањата и на верските објекти во с.Старово каде постојат податоци за рушење на минарињата на постојните џамии. За време на овој земјотрес нивото на водата во Охридското езеро пораснала за 50 cm.
Пропратен со помали оштетувања овој земјотрес е почуствуван и во градот Елбасан во Албанија, Кичево и Гостивар. Со послаб интензитет е почуствуван и во градот Лече во Италија и на грчкиот остров Крф. Главниот земјотрес е регистриран од повеќе сеизмолошки станици во Европа во тоа време.

Сведоштва

Бурните историски настани кои се случувале во периодот 1911-1912 г. на територијата на овој дел на Балаканскиот полуостров, во одредена смисла го засениле публицитетот на овој земјотрес, како последица на што податоците кои денес можат да се најдат по историските архиви се изразито лимитирани.
Едни од расположивите историски податоци кои се навистина вредни, се макросеизмичките податоци кои ги поседува Сеизмолошкиот завод во Белград, Србија, во рамките на кои се дадени описи за распоространетоста и типот на штетите кои се предизвикани во серијата на земјотресите од 1911 – 1912 г (Слика 4).

Слика 4. Извадок од макросеизмичкиот каталог на земјотреси за 1911 г.
Извор на податоци: Сезмлошки завод, Белград, Србија..

Сеизмичка опасност за регионот на Охридското Езеро

Регионот околу Охридското Езеро во Република Македонија според најновите карти на сеизмичко зонирање (Слика 5) припаѓа во зони со изразито висока сеизмичност во Македонија (Z-4 и Z-5). Оттаму, објектите кои ќе се градат во овој регион според европсите прописи ќе захтеваат највисоко ниво на сеизмичка заштита.

Слика 5. Карти на сеизмичко зонирање на Македонија за повратен период од 475 год.,
изработени според барањата на стандардот МКС EN 1998-1:2012 – Еврокод 8
Извор на податоци: Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, УКИМ-ИЗИИС, Скопје.
Автори: З.Милутиновиќ, Р. Шалиќ; Соработници: Н. Думирџанов, В. Чејковска, Л. Пекевски, Д. Томиќ

 

Автори: проф. д-р Зоран Милутиновиќ1, д-р Драгана Черних-Анастасовска2, проф. д-р Никола Думурџанов3, доц. д-р Радмила Шалиќ1, м-р Катерина Дрогрешка2, д-р Вера Чејковска2, м-р Јасмина Најдовска2, Даниел Томиќ1.

1 Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).
2 Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, Природно-математички факултет, Сеизмолошка обсерваторија.
3 Рударско-геолошки факултет во Штип.

Објавено во ПОРТА3, бр. 261, октомври 2017, стр. 36-39.
www.porta3.mk

Оваа статија е прочитана 963 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger