Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести, На тема » Почнува зимата. Зошто имаме годишни времиња?

Почнува зимата. Зошто имаме годишни времиња?

21.12.2011   Автор: д-р Ивица Милевски

Утре, на 22 декември 2011 година, во 6.30 часот, на северната полутопка и во Република Македонија почнува зимата. Точно во тој момент, на оваа полутопка сончевите зраци ќе паѓаат најниско над хоризонтот, а највисоко ќе бидат на јужната полутопка, односно над јужниот пов­ратник, на 23°27’ јужна географска широчина. Затоа, утре на северната полутопка ќе биде најкраток ден во годината, а на јужната полутопка пак, ќе биде најдолгиот ден. Во Република Македонија, утрешниот ден ќе трае само 9 часа и 7 минути. Ноќва пак (21.12-22.12), ќе биде најдолга за 2011 година и ќе трае цели 14 часа и 53 минути. Веќе од утре (22.12), ноќите ќе почнат да се скратуваат за по околу 2-3 минути, а за сметка на тоа ќе се зголемуваат деновите и тоа до 22 јуни 2012 година. Интересно е што поради закривеноста на Земјата, должината на најкраткиот ден и најдолгата ноќ се различни одејќи од екваторот кон половите, а различни се дури и во нашата држава. Така, утре во најјужните делови на Македонија (во правец на Битола), денот ќе трае 9 часа и 9 минути, а во најсеверните делови (над Крива Паланка) ќе трае точно 9 часа. Всушност, еве како изгледа тоа од екваторот кон половите:

Географска ширина:  0°

10°

20°

30°

40°

50°

60°

66°33’

Најдолг ден 12 часа

12ч35’

13ч13’

13ч56’

14ч51’

16ч09’

18ч30’

24ч

Најкраток ден 12 часа

11ч25’

10ч47’

10ч04’

9ч09’

7ч51’

5ч30’

Зимата на северната полутопка е најкратко годишно време и трае околу 88 дена, 2-3 дена пократко од другите годишни времиња. Причина за тоа е што во овој период, Земјата се наоѓа најблиску до Сонцето. Силното привлекување, условува голема брзина на движење на Земјата по нејзината патека од 31 км/сек и „брзо“ поминување на „зимската“ орбита. Инаку, најблиското растојание  меѓу Земјата и Сонцето или таканаречен перихел ќе се случи на 5. јануари 2012 година, кога Земјата ќе биде оддалечена „само“ 147 милиони километри.

Која е причината за смената на годишните времиња?

Причината за појавата на годишните времиња е тоа што оската на ротација на Земјата е наведната под одреден агол (66°33`) во однос на орбитата или патеката на Земјата околу Сонцето. Така, половина година, односно од 21 март до 22 септември, северната полутопка на Земјата е повеќе изложена (свртена) кон Сонцето, а следната половина година (од 22 септември до 21 март), во таква положба е јужната полутопка. Единствено 2 пати во годината, на 21 март и на 22 септември, двете полутопки се подеднакво свртени кон Сонцето и тогаш е рамноденица или еквиноциум (положби B и D на сликата). На 22 јуни пак, севрната полутопка е најсвртена кон Сонцето и тогаш на северната полутопка е највисоката летна положба или летен солстициум, односно летна долгоденица (положба A). Во исто време, на јужната полутопка Сонцето е најниско, во положбата на зимскиот солстициум или зимска краткоденица. Поради различната изложеност кон Сонцето во текот на годината, доаѓа до нееднакво осветлување и загре­ва­ње на северната и јужната полутопка и појава, односно смена на годишни времиња. Така, од 22 декември до 21 март силно се загрева јужната полутопка (лето), а се лади северната полутопка (зима). Бидејќи во овој период Земјата е најблиску до Сонцето (перихел), би требало да се очекува летата на јужната полутопка да се многу пожешки. Сепак тоа не е случај, бидејќи на јужната полутопка доминираат пространи океански површини, што условуваат поладна циркулација на воздушните маси. Обратно е на северната полутопка од 22 јуни до 22 септември. Инаку, загревањето и ладењето на земјините полутопки е релативно бавно. Побрзо се лади и загрева копното отколку големите водени површини. Затоа, во континенталните области, најниските или највисоките температури се јавуваат околу месец дена по стартот на зимскиот/летниот период, додека покрај морските брегови тоа е околу 2 месеци од датумот на почетокот на овие годишни времиња. Така, во Република Македонија највисоките летни температури обично се во месец јули, додека покрај брегот на Егејското или Јадранското Море, во месец август. Слично е во зимскиот период.

Значи, кога оската на ротација на Земјата би била нормална (под агол од 90 степени) во однос на орбитата, не би имало годишни времиња, бидејќи сите делови би биле подеднакво изложени кон Сонцето. Обратно пак, да беше аголот многу помал од оној што е, годишните времиња би биле екстремно изразени и контрастни. Во такви услови, ништо не би било како што е, особено во однос на живиот свет и неговата адаптираност на годишните промени.

Автор на текстот: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 12564 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести, На тема · Tags: , , , , , , , ,

Еден одговор на "Почнува зимата. Зошто имаме годишни времиња?"

  1. desi says:

    sekoja cest za izrabotkata na ovaa stranica,bidejki ima prekrasni raboti koi mozat da se procitaat na istata,a se od golema vaznost za nas geografite,no i dosta interesna za site ostanati koi se zainteresirani za ovaa nauka …pozdrav

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger