Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, Чудесна Македонија » Феноменот на вулкански топки (бомби) во Кратовско

Феноменот на вулкански топки (бомби) во Кратовско

23.12.2011. Автор: Соња Николова

Дали знаете дека во околуната на Кратово има на стотици вулкански топки или уште познати како вулкански бомби?

Вулкански бомби претставуваат делови на лавата кои се откинати како вжештена тестеста маса и со ерупцијата исфрлени од кратерот. Поради движењето во воздухот тие задобиваат различни облици и форми (Боев, 2006). Во Природонаучниот музеј се изложени вулкански бомби стари 15 милиони години, кои се пронајдени во атарот на селото Неокази крај Пробиштип. Најголемата бомба тежи околу 300 килограми, a хемискиот состав на бомбата треба се уште да се испитува. Според обликот и големината на бомбите, најверојатно се работи за вулкан во Кратовско – злетовскиот регион кој имал силни ерупции. Бомбите се природна реткост.  Досега во Македонија не се пронајдени вакви вулкански остатоци. Вулканот од кој се исфрлени бомбите имал силна еруптивна моќ. Тој бил активен од пред 35 милиони години, а неговата активност престанала пред два милиони години. Не се знае кога повторно ќе се активира. Вулканизмот се јавува во фази. Ако можел да престане да работи пред два милиони години, може да се случи и повторно да се активира. Во врска со ова е и пронаоѓањето на најмладиот вулкан, односно кратер на главниот кратер од Кратово т.н. вулкан Штрковец во близина на с. Шлегово. Тоа е најмлад вулкан, бидејќи денес во околината некогаш исфрлената магма се наоѓа во форма на топки, кои според структурата не се толку цврсти, повеќе личат на седиментни отколку на вулкански карпи. Овие топки на горната страна имаат кора која укажува дека се распаѓаат. Сепак најрепрезентативните вулкански бомби кои му даваат и специфичен облик на просторот во облик на микрорелјефни форми се вулканските бомби откриени во околината на Кратово, поточно во с. Горно Кратово кое се наоѓа на 4,5 km оддалеченост северно од градот. Староста на бомбите со оглед на вулканизмот во овој крај е олигоценска.

Од сопствени истражувања е забележано дека тие можат да се сретнат во поединечни форми во атарот на селото. Но, како поголема оаза на овие микрорелјефни форми можат да се сретнат во една линија која следи од местото наречено Орница (според жителите), во горниот дел се до зградата на мала филтерна станица во долниот дел од таа линија. Наклонот на самиот терен се  движи од 15 – 20˚ па сметаме дека тие се откриени на површината под дејство на ерозивни процеси. На ова укажува и нивната поединечна распространетост во горниот дел на набљудуваниот предел па се до групните појави во долниот дел. Самата линија оди во должина од околу 200 – 250 m, а во широчина  од 10 – 15 m. Самиот наклонет терен има јужна експозиција и се спушта во долината на Табачка Река која тука ја всекла својата речна долина.

Овој предел е поврзан со активноста на вулканскиот центар Уво – Буковец и паразитскиот центар Голем Рид кој се наоѓа североисточно од главниот центар. Временските рамки и видот на вулканската активност кај двете структури се поклопуваат (олигоцен). На запад од Голем Рид се наоѓаат неколку помали паразитски купи како што се Валановец и Потис. Токму паразитската купа Потис се наоѓа југоисточно од просторот на кој што се лоцирани вулканските бомби. Сметаме дека вулканските бомби потекнуваат од магмата која е исфрлена токму од тие паразитски купи со нивниот центар Голем Рид. Горнократовските вулкански бомби претставуваат еден од најубавите природни мотиви, кои биле создадени во времето додека биле активни најголемите вулкани на Балканот. Локалното население ги користело за изградба на куќи од камен и за преградување на водите, а денес најчесто како украс. Вулканските бомби сеуште се неоткриени тајни на богатото кратовско подрачје.

Вулкански бомби – со пречник до 80 сантиметри и тежина до 200 килограми, се природна реткост во Горно Кратово. Тие биле создадени пред 20 – 30 милиони години, во времето кога еруптивната магма избивала на површината. Од вжештената лава, со температура од 1000 степени, исфрлената течна маса се разладувала за време на летот и од неа се создавале тела со совршена форма на топка. Се среќаваат со големина на јаболко, па се до пречник од 80 cm, а жителите велат дека можат да достигнат и тежина од 200 kg. Мерено од површината на земјата височината им достигнува до 1 m. На набљудуваниот простор ги има над 10 изразито големи вулкански бомби, а бројот на средните и мали по големина бомби е далеку поголем (над 150). Најчесто во природата можат да се најдат како единечни или по две бомби на едно место. Се среќаваат во неколку варијанти на топчести форми од правилна топчеста до јајцевидни и печуркаста  форма.

Вулканските бомби сведочат за нескротливите природни сили, кои оставиле траги од збиднувањата во дамнешните времиња, создавајќи уникатно дело, а прекрасните предели што извираат од утробата на вулканските карпи се вистинска сензација за очите и душата. Локалното население во минатото ги користело за изградба на куќи од камен, а денес најчесто служат за украс. Покрај странските истражувачи, за оваа природна атракција најмногу се заинтересирани странските туристи. Но главен проблем е што поради неизградената патна инфраструктура, тешко се стигнува до овој локалитет.

Вулканските бомби како експонати можат да се видат и во Општинскиот центар за карпеста уметност во Кратово, кој од неодамна склучи договор со повеќе туристички агенции за посета на локалитетот во Горно Кратово и на другите знаменитости во овој регион.

Користена литературa

Арсовски, М. (1989): Неовулканизмот на територија на Македонија, Geologica Macedonica, Кн. 4, 1- 28стр, Штип;
Боев, Б. (2006): Општа геологија, Скопје;
Колчаковски, Д. (2006): Геоморфологија, Скопје
Милевски, И. (2005): Основни одлики на палеовулкаснкиот релјеф во западниот дел на Осоговскиот Масив, Геогр. разг., Кн. 40, 47 – 67 стр, Скопје
Милевски И. (2006): Геоморфологија на Осоговскиот планински масив. Докторска десертација одбранета на Институтот за географија, ПМФ, (ракопис)
Серафимовски, Т., Петров, Г. (1990 – 91): Морфоструктурни карактеристики на рудниот реон Кратово – Злетово , Geologica Macedonica, Кн. 5, 133 – 148 стр, Штип
Стојановиќ, М. (1986): Области на изгаснати вулкани на територија на СР Македонија, Год. збор. На ПМФ : Географија, Кн. 30, 148 – 166, Скопје
Христов, С., Карајовановиќ М., (1969): Толкувач за ОГК – лист Кратово и Ќустендил, СГЗ, Белград
Цвијиќ, Ј. (1906): Основе за географију и геологију Македоније и Старе Србије. СКА, Књ. 1, Београд
Основна геолошка карта 1: 100 000, К 34 – 69, Кратово, Геолошки завод Скопје, 1963 – 1968 г.
Топографска карта 1 : 25 000, Крива Паланка 683 – 3 – 4 (Кратово), Воено географски институт Белград, 1973 г.
Сопствени теренски истражувања

Автор на текстот: Соња Николова, дипломиран географ

Оваа статија е прочитана 6435 пати!

Автор:

Од категорија: На тема, Чудесна Македонија · Tags: , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger