Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, По Светот, Природник... » Ангелски Водопад – највисокиот водопад во светот

Ангелски Водопад – највисокиот водопад во светот

11.01.2018

Ангелски Водопад (шпански: Salto del Ángel) се наоѓа во висорамнините Гвајана, еден од големите авантуристички региони во Венецуела.

Водопадот се наоѓа во Националниот Парк „Канаима“. Паркот се наоѓа во југозападниот дел на Венецуела, јужно од реката Ориноко во регионот Гран Сабана од сојузната држава Боливар. „Канаима“ на 12 јуни 1962 година бил прогласен за национален парк.

Паркот има 3 милиони хектари, што го прави второ по големина заштитено подрачје во Венецуела и шесто место во светот.

Фасцинантниот свет на Националниот Парк „Канаима“ е совршена комбинација на магија и реалност, формирана со прекрасни планини наречени Tepuys, безброј реки, езера, водопади, шуми и савани кои се шират како зелено море.

Ангелскиот Водопад е висок 979 m, а има слободен пад на вода од 807 m, со што претставува највисок водопад во светот. Тој за 19 пати е повисок од Нијагарините Водопади (51 m).

Водопадот, освен тоа што е рангиран како највисок водопад во светот, исто така се наоѓа и на листата на Светско наследство на УНЕСКО.

Водопадот го добил своето име по пилотот Jimmie Angel, односно James Crawford Angel од Мисури, САД. Jimmie Angel е првиот пилот кој го прелетал водопадот во 1933 година, заедно со неговиот партнер со кој биле во потрага по легендарната река од злато, уште познато и како Златниот Град.

Во 1937 година, пилотот во потрага по злато и со цел да го докаже постоењето на водопадот повторно прелетувал над него. Овој пат, прелетувањето не завршило според очекувањата бидејќи авионот на Jimmie Angel  заглавил на Auyántepui.

Поради авионската несреќа, пилотот и неговата сопруга биле принудени да се движат во џунглата околу 12 дена.

Денес, авионот може да се види во авијацискиот музеј во Маракај, додека реплика од самиот авион е поставена на врвот на водопадите.

Името на овој водопад повеќе пати било доведено во прашање. На пример, во 2012 година претстедателот Хуго Чавез имал намера да го промени името на водопадот бидејќи сметал дека водопадот треба да го носи оригиналното име Kerepakupai Vená.

Помеѓу населението постоеле неколку легенди за името и постоењето на овој водопад. Драматичниот пад на водата кој се нарекува Auyántepui е познато како „Ѓаволска планина“ и „Планина на Богот на Злото“.

Домородното име на водопадот (Kerepakupai-merú) доаѓа од домородците од Pѐmon, кое според нив значи „пад од најдлабокото место“ и потекнува од легендата дека водата паѓала од небото.

Ангелскиот Водопад е широк 150 m, а при одредени услови посетителите на водопадот може да почуствуваат мали капки вода од далечина од 1 km.

Овој водопад претставува неповторлива природна атракција и светска туристичка дестинација, со што придонесува  за туризмот во Венецуела.

Извори:

Автор: Билјана Бабаноска, дипломиран географ – ГИС

Оваа статија е прочитана 5400 пати!

Од категорија: На тема, По Светот, Природник... · Tags: , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger