Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести, На тема » Можности за комерцијална примена на беспилотни летала во Република Македонија

Можности за комерцијална примена на беспилотни летала во Република Македонија

25.1.2018

Соочувајќи се со предизвиците на модерното општество човекот секојдневно се соочува и со општествени проблеми за кои е потребно време, напор, работен тим, средства и уреди. Поради тоа што беспилотните летала овозможуваат полесно и поефикасно справување со зададените проблеми, тие се моќна алатка со чија примена се добиваат ефикасни резултати.

Малите беспилотни летала се моторизирани беспилотни воздушни возила. Се управуваат со помош на далечински управувач од страна на навигатор кој се наоѓа на земја на стотици метри оддалеченост од самото беспилотно летало.

Во развиените држави дроновите се користат во повеќе сфери и развојот на истите е поголем за разлика од состојбата во Република Македонија. Така, беспилотните летала често се применуваат за набљудување, контрола, инспекции, атмосферски набљудувања, справување со катастрофи, достава, рударство, археологија, земјоделство, новинарство, хоби, пребарување, спасување, мониторинг, за аерофото снимки, 3D моделирање на терен и објекти и уште многу други примери во најразлични сфери.

Во Република Македонија дроновите се применуваат за катастарски услуги, во земјоделството и за добивање на 3D модели на терен и објекти, но сепак, најчесто се користат за фотографирање и хоби.

Плоштад „Македонија“ во зима, снимка од дрон, извор www.keif.mk

Постојат бројни можности за примена на дроновите во Р. Македонија. На пример, за добивање на аерофото снимки, мониторинг на природни непогоди, мониторинг на поледелски култури, мониторинг и заштита на животна средина и слично.

Аерофото снимките добиени со помош на дрон може да се употребуваат во различни области, како геодезија, геологија, географија, астрономија, картографија, археологија, комерцијални реклами, надзор, воени цели, шумарство, хидрологија, архитектура, градежништво, индустрија и спорт.

Со преработка на аерофото снимките може да се добијат дигитални висински модели (DEM), ортофото снимки, 3D модели на терен и објекти, топографски карти, планиметриски карти и проценка на волумен на теренот.

Често се случува за време на природни непогоди пристапот до подрачјето е отежнат или невозможен. Малите беспилотни летала во вакви случаи се најпогодни поради тоа што нивната големина нуди можност за пристап до истите. На пример, за интервенирање за време на земјотреси, пожари или поплави. Сепак, кога станува збор за примена на мали беспилотни летала за време на природни непогоди, треба да се напомене дека во вакви случаи со дронот мора да управува пилот со големо искуство.

Голем потенцијал за примена на беспилотните летала во Република Македонија има и при процесот на заштита на животната средина. Со примена на дроновите може да се добијат снимки од кои може да се извлечат бројни податоци. На пример, мониторинг на квалитет на воздух преку снимање на одредено подрачје, со цел да се детектираат полутантите, а со овие добиени податоци може да се добие 3D модел на теренот и/или да се изработи heat map.

Освен тоа, постои можност за обезбедување и мониторинг на културно научни објекти, заштитени подрачја, природни вредности и слично.

Во географијата, дроновите се користат за картографско снимање, фотографирање, регистрирање и истражување на разни геолошки и релјефни структури, снимање и следење на природни непогоди, пожари, еко-хазарди, анализи на просторни активности, промени, снимање и извидување на тешко достапни или недостапни локации пред нивна посета, снимање на спелеолошки објекти, атмосферски појави, ГПС-трасирање на објекти и појави, снимање на растителен и животински свет, фотографирање за цели на далечинска детекција, изработка на релјефни модели, почвени, вегетациски карти и многу други намени.Од сѐ претходно споменато, може да се заклучи дека беспилотните летала стануваат незаменливи во сите активности поврзани со далечинско снимање, далечинско истражување и воопшто, далечинска детекција на просторните содржини и појави.

Автори:

 

Оваа статија е прочитана 1758 пати!

Од категорија: Географски вести, На тема · Tags: , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger