Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Вселена, Географски вести » Што претставува феноменот „Крвава супермесечина“ кој ќе се случи во средата?

Што претставува феноменот „Крвава супермесечина“ кој ќе се случи во средата?

28.01.2018

Во среда на 31 јануари, околу полноќ, ќе може да ја набљудуваме веќе втората супермесечина за 2018-та година, заедно со т.н. „Сина“ и „Крвава“ Месечина. Супермесечина (научно: перигејна сизигија) ќе биде заради малата оддалеченост од Земјата (перигеум) од само 359.000 km (наспроти просечните 385.000 km), поради што ќе изгледа околу 13% визуелно поголема и 20-30% посјајна од вообичаеното. Реално, тие неколку проценти големина или сјајност во однос на претходните слични појави се едвај забележливи (поточно најчесто незабележливи) за човекот.

Сепак, по медиумите можат да се видат фотографии на огромна Месечина, неспоредливо поголема од нормалната појава и од објектите во околината. Најчесто станува збор за фотомонтажа, односно комбинација на 2 фотографии: една обична од даден простор-пејсаж и една фотографија на која Месечината е снимена со зголемување (зум) од 10, 20, 30 или повеќе пати. Едноставно, фотографијата на Месечината се нанесува на нормалната пејсажна фотографија и се добива ефект на неприродно голема Месечина. За да биде вака огромна, Месечината треба да е на само 100.000-150.000 km од Земјата, но во тој случај пак, нашата планета би трпела страшни последици: огромни плимски бранови, зачестени земјотреси и вулкански ерупции со катастрофален карактер, огромни цунами бранови, а денот и ноќта би траеле по само околу 5-6 часа. Во такви услови, тешко дека би постоел животот онаков како што го знаеме, а за човекот воопшто да не зборуваме. Всушност, во геолошката историја, Месечината навистина била толку блиску и толку голема (кога би се гледала од Земјата), но пред повеќе од 2 милијарди години! Тоа значи дека од создавањето, патеката (положбата) на Месечината е се подалеку од Земјата, а таа и денес се оддалечува по околу 3,8 cm годишно или околу 4 метри за еден век.

Терминот пак „Сина Месечина“ не значи дека таква ќе биде нејзината боја, туку е израз за појава на втора полна месечина во календарски месец, што обично се случува на секои 2-3 години. Сепак, оваа 2018 година ќе биде посебна, со две појави на т.н. „Сина Месечина“ (следната ќе се случи на 31 март), а обично двојна Сина Месечина има само 3-5 пати на 100 години (претходната била во 1999, а следната ќе биде во 2037 година). Инаку, изразот Сина Месечина често се користи во англосаксонското говорно подрачје (Blue Moon).

Речиси во исто време со Сината супермесечина, ќе дојде до целосно затемнување на Месечината од страна на Земјата, која неколку часа „ќе се испречи“ на патот на сончевите зраци. Поради дифузно расејување на светлината од земјината атмосфера, сенката на Месечината ќе изгледа црвеникава, поради што и називот „Црвена“ или „Крвава“ Месечина (Bloody Moon).

Интересно е што во овој февруари ќе нема полна Месечина, што се случува само еднаш на 19 години. Инаку, претходно сите три настани се случиле пред повеќе од 150 години, односно на 31 март, 1866 година.

За жал, „Сината крвава супермесечина“ ќе може директно да се набљудува само од Источна Азија, Австралија и западните делови на САД и Канада. Од подрачјето на Македонија, околу 5 часот наутро ќе може да се забележи сосема слабо, речиси неприметно затемнување, но затоа истото ќе може да се следи директно на интернет.

Видливост на целосното затемнување на Месечината на 31.01.2018 година.

Извор: 
http://www.masslive.com/news/index.ssf/2018/01/blue_moon_blood_moon_supermoon_january_2018.html

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 2620 пати!

Автор:

Од категорија: Вселена, Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger