Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Викенд предлог, Чудесна Македонија » Прилепско Езеро – излетнички туристички локалитет со голем потенцијал

Прилепско Езеро – излетнички туристички локалитет со голем потенцијал

11.2.2018

Општина Прилеп се наоѓа во централниот дел од јужното подрачје на Република Македонија. Го зафаќа Прилепското поле кое го сочинува северниот дел од најголемата котлина во Македонија – Пелагонија, Тројачката Котлина и подрачјето на градот Прилеп. Според пописот на населението од 2002 година, во градот Прилеп кој е центар на oпштината, на површина од 1.916,39 hа живеат 73.351 жители, со густина на населеност од 137,1 ж/hа. Прилеп е познат како „Градот под Марковите Кули“ – локалитет кој се наоѓа на привремената листа на Светско наследство на УНЕСКО. Потеклото на името Прилеп, според преданието на Марко Цепенков (собирач на македонски народни умотворби), потекнува од луѓето кои почнале да се доселуваат овде, а своите куќи ги граделе прилепени до калето на Марко.

Прилепското Езеро или езерото „Прилеп“ е вештачка акумулација, лоцирана во местото Горно Поле во долината на Ореовечката Река, 4 km североисточно од градот. Езерото се храни со малите водотеци: Пештерска и Стара Река, како и водите кои доаѓаат од атарот на село Крстец. Лачната, бетонска брана е изградена во 1965 година со поголем број на посебни бетонски лакови-столбови. Височината на браната на езерото изнесува 36 m, долга е 408 m, а ширината на круната изнесува 2,5 m. Котата на максималното ниво на водата се наоѓа на височина од 745 m. Акумулацијата е изградена во 1967 година. Максималната должина на езерото изнесува 1,5 km, додека максималната широчина изнесува 0,55 km, а зафаќа вкупна површина од 0,55 km2.Прилепското Езеро е мало, но доста атрактивно, а со доуредување лесно може да стане посетен туристички локалитет. До 1980-тите години, до езерото постоел Мотел „Езеро“, кој бил изграден набрзо по изградбата на браната. Мотелот уште во тоа време претставувал туристичка мамка и бил посетуван од многу туристи. Денес, за жал, не постои никаков угостителски објект со кој би се поттикнал туристичкиот развој. Според локалната самоуправа на градот Прилеп, во тек е изготовка на детален урбанистички план, според кој во околината на езерото ќе се гради модерна викенд населба. Освен самата околина, езерото е значајно по тоа што располага со повеќе видови на риби од кои најзастапени се клен, скобал, крап и костреш. Кострешот како еден од ретките видови се одликува со тоа што е редок и многу вкусен за јадење. Затоа, најчести посетители на езерото се токму рибарите. Сепак, поради неконтролираниот риболов, езерото денес е заштитено од ловочувари кои го штитат од т.н. „крадци на риби”.Прилепското Езеро како вештачка акумулација служи за наводнување на Прилепското Поле и дел од околните села, кои имаат изградено хидросистеми. Исто така,  служи за спортско – рекреативни цели како и излетнички локалитет, а со своето амбиентално опкружување нуди можности за велосипедизам, натпревари во спортска ориентација, организирање на излети, кајак на мирни води, како и натпревари во спортски риболов.

Извори:

  • Венко Стомнароски – ,,Можности за развој на туризмот во Северниот дел на Пелагониската котлина” – Магистерски труд
  • 10bez10.com
  • oldprilep.com
  • stat.gov.mk


Автор: 
Филип Стомнароски, студент на Институт за географија

Оваа статија е прочитана 2115 пати!

Од категорија: Викенд предлог, Чудесна Македонија · Tags: , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger