Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести, На тема » 2017-та, втора просечно најтопла година на глобално ниво, во последните 140 години!

2017-та, втора просечно најтопла година на глобално ниво, во последните 140 години!

20.02.2018

Според извештајот на НАСА, по просечните глобални температури на воздухот, минатата 2017 година беше втората најтопла од 1880 до денес, веднаш по 2016 година, која е „прогласена“ за убедливо најтопла во последните речиси 140 години! Како што продолжува долгорочниот тренд на глобално затоплување, просечната температура во минатата година била за 0,9°С повисока од просекот за периодот 1951 – 1980 година.
Според друга студија неодамна објавена од NOAA (Nacional Oceanic and Atmosferic Administration), 2017-та година била третата најтопла за споменатиот период. Оваа мала разлика во рангирањето е резултат на различните методи за анализа на глобалните температури користени од двете институции, иако долгорочните податоци им се речиси идентични.

Она што загрижува е што дури 5 планетарно најтопли години (од 1880-та, односно откако постојат глобални податоци), се по 2010 година! Всушност, во 21-виот век, 16 од 17-те години биле најтопли во последните 100 години. Бидејќи локациите на метеоролошките станици и начините на мерење со текот на времето се делумно сменети, постои мала несигурност во интерпретацијата на разликите во глобалните просечни температури. Земајќи го претходното во предвид, NASA смета дека глобалната просечна температура за 2017 година е со точност од +/- 0.1°С.

Според двете студии, без оглед на тоа што во одредени подрачја на Земјата, просечните температури можеби имаат мал тренд на намалување, на глобално ниво, сепак, продолжува забрзано загревање какво што не било забележано до сега. Оваа забрзана промена на климата веќе се рефлектира на различни начини од еден регион до друг. Всушност, некои понови истражувања покажуваат дека на локално ниво (на приемр на делови од Балканскиот Полуостров), промените ќе бидат сосема непредвидливи и можеби сосема поинакви од досегашните сценарија. До слични индикации дојде и авторот на оваа статија споредувајќи ги податоците за подрачјето на Република Македонија од последните 50 години и постоечките сценарија за климатски промени на овој простор. Имено, според претходно прифатените сценарија (врз основа на кои се изготвени и стратегии за справување со климатските промени во Македонија), веќе требаше да дојде до забележливо намалување на просечната годишна сума на врнежи. Сепак, постои обратен тренд – врнежите се зголемуваат, но за жал нивниот распоред во текот на годината е се понерамномерен: се почести се појавите на суши и на краткотрајни поројни врнежи со голем интензитет.
Како и да е, се очекува и оваа 2018-та година да биде меѓу просечно најтоплите, ако не и најтопла во последните 140 години. Имајќи ги во предвид неизвесните, но веќе јасно видливи ефекти од глобалното затоплување, неопходни се драстични акции за „спасување на она што сеуште може да се спаси“. Одговорноста на сите држави, особено најразвиените, но и на човештвото во целина, навистина е на тест!

Извор: www.reuters.com/article/us-climatechange-temperatures

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 1224 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести, На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger