Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести, На тема » Просечните глобални температури веќе ја надминаа горната граница поставена со договорот од Париз

Просечните глобални температури веќе ја надминаа горната граница поставена со договорот од Париз

1.03.2018

Според најновите податоци, просечните глобални температури за периодот 2018 – 2022 година се очекува да бидат за 1,5°С повисоки од прединдустрискиот период (1850 – 1900). Ова драстично ги надминува сите предвидувања, па и горната граница поставена со Парискиот договор за климатски промени. Самиот договор ги обврзува државите да придонесат растот на глобалната температура да се одржува значително под 2°С, во однос на прединдустрискиот период. Предвидената максимална рамка на пораст, по истиот договор е 1,5°С, но очигледно овој лимит ќе се надмине веќе во следните 3 – 5 години. Според врвните светски климатолошки институции, преминувањето на споменатиот лимит може да предизвика „климатски хаос“ на Земјата. Зголемените температури веќе го манифестираат својот катастрофален ефект, преку се почести екстремни временски појави, циклони, поплави, суши, интензивни поројни врнежи, силни ветрови и др. и тоа како глобално, така и локално или регионално (на пример на Балканскиот Полуостров).
Воедно, веќе се најавува можноста во некоја од следните 5 години, да се надмине границата од 1,5°С и да постави нов рекорд на глобално најтопла година откако се вршат мерењата. Овде мора да напоменеме дека според податоците на NASA и NOAA, 2016 година беше глобално најтопла во последните 150 години (од 1880 откако има планетарни податоци), а веднаш по неа, како втора најтопла е „прогласена“ 2017 година.
Паралелно со вака драстичното глобално загревање, значително се зголемуваат и штетите предизвикани од атмосферско-метеоролошките непогоди. Во минатата, 2017 година, истите се проценуваат на неколку стотици милијарди долари. Овие непогоди особено негативни ефекти имаат во слабо развиените држави (земји во развој), каде штетите во одредени години достигнуваат и над 50% од нивниот БДП. И во Република Македонија, штетите од метеоролошко-хидролошките непогоди постојано се зголемуваат, достигнувајќи до 5% од БДП, а заедно со сите останати природни непогоди, се искачуваат дури и над 10% од годишниот БДП!

Извор: futurism.com/stick-our-climate-goals-paris-agreement-deliver-drier-world

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 828 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести, На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger