Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Бањски туризам – Катлановска бања

Бањски туризам – Катлановска бања

3.3.2018

Катлановска Бања е еден од најпознатите бањски центри во Република Македонија. Бањата се наоѓа во долниот тек на реката Пчиња, над селото Катланово, на надморска височина од 230 m. Од Скопје е оддалечена околу 25 km, а околу 9 km од Меѓународен Аеродром Скопје.

Оваа бања е една од најпосетуваните бањи за жителите од Скопје и скопската околина. Исто така, бањата е посетена и од туристи, а посебно во викендите кога доаѓаат да ја посетат и воедно да ја видат природната убавина во околината. Пред влезот на Катлановска бања на само 800 m од левата страна се наоѓаат два извори на лековита вода, која многу помага за дигестивни (стомачни) проблеми. Исто така, Катлановска бања е поврзана со редовна линија од градски сообраќај на секои 40 минути, со што се подобрува пристапноста.

Катлановска бања е природен и национален капитал, откриен уште пред неколку века. Уште од поодамна била забележана поврзаност на некогашен Ниш со Скопје, а понатму со Стоби, каде имало табла со знак за бања.

Катлановската бања постоела уште во времето на владеењето на Рим и на овие простори имала неповратно значење како лечилиште. Тоа го потврдуваат длабнатините на карпите од просторот, каде течела термална вода и тоа од двете страни на брегот од реката Пчиња. До катастрофалниот земјотрес од 1963 година, во Катлановска бања била поставена спомен плоча од 1898 година. Содржината на спомен плочата е спомен за благодетите што ги дава оваа топла вода. Турскиот амам (бања) е изграден во 1859 година и бил користен сѐ до катастрофалниот земјотрес. Веќе во мај 1991 година Катлановскиот предел е прогласен за Споменик на природата. Тој се наоѓа на левиот и десниот брег на реката Пчиња и левиот брег на реката Вардар, до устието на овие две реки. Заштитената површина изнесува 5400 ha и се простира во атараот на селата Градманци, Катлановска Брезница, Летевци и дел од атарот на селата Катланово, Бадар и Кожле.Минералните извори се наоѓаат на средината од Бањскиот Рид. Фосилите од растенијата и други фосили докажуваат дека многу одамна ова било дно на некогашно море. Исто така, тука може да се сретнат и бигровити наслаги. Тоа докажува дека од двете страни се наоѓаат минерални извори. Длабочината на пукнатината која пресекува големи комплексни земјени слоеви, овозможува постоење на термоминерални извори.

Се верува дека водите на Катлановска бања лечат хроничен ревматизам на зголобовите и на мускулите, ишијас, рани, костоболки, анемија, болки настанати од повреди, фрактури, неуралгија, туберкулоза, парализи, болести на женските полови органи, импотенција, камен во бубрегот, шеќерна болест, несоница, хроничен бронхитис и неплодност.

На просторот што го опфаќа Катлановска бања може да се сретнат околу 75 видови дрвја и грмушки. Катлановското блато во 1965 година е ставено под заштита со Законот за заштита на природните реткости.

Катлановската бања е позната туристичка атракција и понуда на извори на термална и термоминерлна вода. Селата во Катлановскиот предел, традицијата на настаните, спомениците на кулутурата, фолклорот, изворната архитектура, богатството на растителниот и животинскиот свет, вредностите што ги има просторот од аспект на создаденото од природата и човекот, ја прави оваа бања посетена во секој период од годината.

Што се однесува до сместувачките капацитети, првиот хотел овде бил изграден во 1934 година и нудел 156 легла. Денес во близина на бањата има три хотели и неколку одморалишта кои имаат капацитет од 450 гости. Бањата, годишно ја посетуваат околу 10.000 посетители, а од 2008 година, центарот е комплетно реновиран.

Постојат повеќе видови на третмани и тоа: термоминерлна бања (голем базен), термоминерлна бања (приватен базен), термоминерлна бања (када), масажа со топли перничиња, масажа со топли вулкански камења, Јустинјан третман, Александар Велики третман, Спа капсула, релакс масажа – парцијална, релакс масажа на целото тело, рачна лимфна дренажа (парцијална), рачна лимфна дренажа (комплетна) и други.

Извори:

  • Бањски туризам – проф. д-р. Билјана А. Тошевска
  • Македонска нација – Бањски туризам – Катлановска бања споменик на природата
  • www.booking.com
  • www.katlanovskaspa.com/mk

Автор: Ангел Спасовски, студент на Институт за географија

Оваа статија е прочитана 2085 пати!

Од категорија: Чудесна Македонија · Tags: , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger