Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, Отворено... » Образование на ученици со оштетен вид и географија во наставата со слепи и слабовидни лица

Образование на ученици со оштетен вид и географија во наставата со слепи и слабовидни лица

25.03.2018

Образованието на лицата со оштетен вид (слепите) започнува да се развива кон крајот на 18 и во почетокот на 19 век, истото е инспирирано од неколку историски случки и личности. Најпрво Дени Дидро напишал есеј со наслов „Писмо за слепите за оние кои гледаат“, текстот е плод и инспирација од способноста и успехот на неколку слепи лица, како што биле математичарот Саундрес и слепата пијанистка Марија Терезија фон Парадис. Идејата на Дени Дидро за образование на слепите ја продолжил Валентин Ај, кој при една средба со слеп питач, случајно забележал дека слепите лица со помош на прстите можат да разликуваат релјефни облици и на тој начин дошол до идеја за нивно образование и читање на релјефни букви. По долго учење и тренирање на еден слеп младинец на релјефни букви изрезбани на дрво, успеал да издејствува кај „Француската академија на науки“ да добие дозвола и подршка да образува слепи лица. Образованието на слепите лица било комплетирано со пронајдокот на Луј Брај, кој во 1825 година ја измислил релјефната шестточка која е основа за креација на релјефното писмо (азбука) на слепите. Оттогаш ширум светот се отвараат голем број на  училишта за слепи лица.

Во Р. Македонија се до Втората Светска Војна, слепите лица првенствено биле згрижувани во религиски објекти, претежно манастири во кои биле огранизирани во монашки братства. Во 1946 година за прв пат во Р. Македонија се отвара „Дом на слепи“ во Битола кој се грижи за работно оспособување на слепите лица. Во 1954 година во Скопје се отвара првото училиште за слепи ученици. Четири години подоцна во Драчево се отвара „Завод за работно оспособување на слепите младинци“. Во 1962 година двете институции се интегрираат во една установа под името „Завод за слепи деца и младинци“ – Скопје.  Во 1967 година оваа установа прераснува во „Завод за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид„ – Скопје, на која и се проширува дејноста, покрај образование на слепи започнува да се образуваат и слабовините лица. Денес истата установа претставува државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“. ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ се наоѓа во општина Кисела Вода во Скопје, истото е составено од повеќе сегменти и нивоа како што се: основно деветгодишно училиште, нижо музичко училиште,  средно училиште (три струки: графичка, ПТТ – сообраќајна и здравствена) и ученички интернат.

Наставниот план и наставната програма во ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ е речиси слична на наставата како и во редовните училишта, со исклучок на одредени ситуации и делови кои се адаптирани и приспособени според потребите и можностите на слепите и слабовидните ученици. Во ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ се изучува и наставниот предмет географија кој е застапен во основното училиште (VII, VIII и IX одд.) и во средното училиште во ПТТ – сообраќајната струка и тоа во I – ва година. Во наставата по географија се користат истите наставни форми (фронтална, индивидуална, работа во парови и работа во групи) и наставни методи (монолошки, дијалошки, демонстративен, читање на текст и сл.) како и во редовните училишта. Кога се користи молошкиот метод или методот на раскажување потебно е да се има во предвид дека слепите лица сакаат да слушаат, но истите не се’ следат и не се’ разбираат. Исто така, при користење на оваа метода потребно е да се внимава на темпото и емоционалната боја на изразување за да се зголеми вниманието кај децата со оштетен вид. Покрај тоа, кога се користи овој метод потребно е слободно да се користат зборовите види и погледни затоа што овие зборови за слепите имаат сосема поинакво значење, значат нешто да допрат и преку прстите да осознаат. Методот на разговор или дијалошкиот метод е најзастапен метод (се користи кога се зема нова наставна единица, повторување, вежбање и проверка), истиот на учениците со оштетен вид им помага да ја развијат и совладаат способноста на изразување. Методот на демонстрација се користи за прикажување на се она што перцептивно може да се доживее. Кога се користи овој метод, демонстрацијата треба да биде подалеку од прозор, ученикот потребно е да биде веднаш до местото каде се врши демонстрацијата,  потребно е ученикот да има оптичко помагало, на ученикот да му се дадат јасни инструкции  што ќе се набљудува тактилно или видно, да се користат едноставни релјефни карти и макети кои ги содржат најважните информации. Во наставата се користат повеќе оптички и електронски помагала како што се: рачна лупа, стоечка лупа, микроскоп, телескоп за читање и ТВ – лупа. Покрај тоа во наставата по географија може да се користат повеќе нагледни средства и други помагала како што се: глобус, релјефна карта, макета, релјефна скица, компјутер со power point и аудио презентација (звучна книга) и секако едни од најважните средства кои се користат во наставата е брајовата машина и брајовиот учебник. Кога се чита релјефна карта се користат четири техники на читање на релјефот, како што се: хоризантална, вертикална, концентрична и мешана техника. Хоризонталната техника се применува со користење на четири прсти без палец, рацете се движат во насока лево – десно и обратно, овој начин е погоден за следење на реките, морските брегови и планинските вериги. Со вертикална техника се чита со 6 прсти по три од двете раце (показалец, среден прст и до мал прст), со оваа техника се набљудуваат вертикалните објекти (згради, кули и сл.). Во концентрична техника се користат сите прсти притоа релјефот се чита со концентрични кругови или со дијагонални движења, со оваа техника најмногу се читаат океани, планини, низини итн. Мешана техника е техника каде се комбинираат и се користат сите претходни техники.

Како што беше спомнато во воведниот дел официјално писмо на сите слепи во светот е брајовото писмо кое се пишува со помош на брајова машина. Постојат повеќе видови на брајови машини, а најзастапени се: Перкинс и Татрапоинт. Брајовото писмо е релјефно писмо и истото се пишува со помош на шест релјефни точки, кои се распоредени во две вертикали и три хоризонтали, а точки се именуваат како: прва, втора, трета, четврта, петта и шеста. Секоја буква си има различна комбинација од релјефни точки, а една буква може да содржи од една до пет точки. Покрај букви со брајовото писмо се пишуваат бројки, математички, правописни и музички знаци и ноти. Во наставата со лица со оштетен вид може да се користат и некои наставни техники, како што се: техника „Грозд“, техника „Знам, сакам да знам, научив“, техника „Бура на идеи“,  техника „Ако – тогаш“, техника „Бинго“, техника „Аквариум“ итн. Кога се користат техниките тие се приспособуваат според можностите и потребите на учениците, така што со слабовидните ученици може да се работи видно или брајово, а се пишува табеларно или линеарно. Инаку, кога се работи со слепи ученици се користи брајова машина и се пишува линеарно.

Проверката на знаењето и оценувањето на учениците со оштетен вид се реализира со помош на неколку видови и начини на проверувања и оценувања. Се користат тековното, сумативното и самопроверувањето и самооценувањето. Од начините се практикуваат усното и писменото проверување и оценување. Кога се користи усното проверување и оценување истото се практикува со користење на нагледни средства (глобус, релјефни карти, макети, релјефни скици и сл), географски квизови, домашни задачи, чек листи, ученички досиеја и сл. Писменото проверување и оценување се реализира со користење на наставни ливчиња и тестови кај слабовидните, а со слепите може да се работи на брајова машина, притоа истите тестот го решаваат на брајово писмо.

Литература:
Ајдински Г., Киткањ З., Ајдински Љ. (2007) Основи на дефектологија, институт за дефектологија, Скопје
Димитрова – Радојичиќ Д. (2013) Методика на работа со лица со оштетен вид, институт за дефектологија, Скопје
ДУРДМОВ Димитар Влахов (1994) Јубилејно издание на училиштето, Скопје
ДУРДМОВ Димитар Влахов (2004) Јубилејно издание на училиштето, Скопје

 

Автор: Дарко Стојчески – наставник по географија во ДУРДМОВ „Димитар Влахов“

 

Оваа статија е прочитана 1323 пати!

Автор:

Од категорија: На тема, Отворено...

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger