Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Викенд предлог, Чудесна Македонија » За уникатните, но подзаборавени „Базалтни плочи“ кај Куманово!

За уникатните, но подзаборавени „Базалтни плочи“ кај Куманово!

4.04.2018

На 10-тина километри североисточно од градот Куманово, во атарот на с.Младо Нагоричане се наоѓа една од најуникатните појави на фосилен вулкански релјеф во Република Македонија – познатите „базалтни плочи“. Станува збор за 8 ридести возвишенија со релативна височина од 50 до 100 m, најчесто со купест изглед и зарамнети на врвот. Овие возвишенија се остатоци од пространа вулканска структура формирана со разлевање на базична (течна) лава на голема површина, пред околу 10 милиони години. Уште за време на активниот вулканизам, а особено по неговото завршување, на овој простор (како и во целата Кумановска Котлина) се создало и егзистирало (околу 5-8 милиони години) големо езеро, чии седименти го покриле околниот терен и самата плоча. По повлекувањето и исушувањето на езерото пред околу милион години, реката Пчиња и нејзините притоки започнале да се всекуваат и да ги еродираат првин езерските седименти, а потоа и самата вулканска плоча. Така, од некогаш единствена плоча долга најмалку 10 км, во релјефот заостанале само неколку маркантни карпести ридчиња од цврсти базалти кои се протегаат меридијански (север-југ), со исклучок на Зебарњак, кој лежи малку позападно. Под влијание на механичкото распаѓање (термичко, биогено, хемиско), од цврстите базалтни карпи на возвишенијата се откршувале кајанитски блокови, кои со текот на времето се уситнувале формирајќи дробина. Поголемите блокови пак, доколку се откршувале на стрмен терен, гравитациски се тркалале кон подножјето, односно до подзарамнети места. Тука, тие продолжуваат површински да се распаѓаат се додека има поволни услови или додека потполно не се распаднат. Заради наведеното, остатоците од некогашната вулканска плоча се значително редуцирани и на некои места сведени само на поголем карпест остенок.

Костоперска карпа, остаток од големата вулканска плоча.

Од наведените 8 возвишенија, во релјефот најдобро се изразени 2-те со купест изглед, покрај магистралниот пат Куманово-Крива Паланка. Поради изгледот, локалното население и оние кои поминуваат покрај нив, често погрешно ги именуваат како вулкански купи или „вулкани“. Всушност, денес тешко може да се каже од каде точно истекувала лавата кога вулканизмот бил активен, посебно ако се има во предвид полифазниот карактер на излевањето.
Речиси сите возвишенија, освен најсеверните кон с.Старо Нагоричане се зарамнети на врвот, токму во вид на „плоча“. На зарамнетата карпеста површина, по природен пат се содадени мали вдлабнатини (лочки), кои за време и неколку недели по појава на врнежи, обично се исполнети со вода. Слични по форма, но поголеми лочки и карпести корита има над с.Страцин (на локалитетот Плоче), а во водата која ги исполнува живеат мали ендемични ракчиња.
Освен геолошките вредности, подрачјето на базалтните плочи изобилува со разновидна вегетација својствена за вулкански карпи. Така, овој регион претставува живеалиште на реликтното растение жолта коприва (Celtis tournefortii), но и други раритетни видови. Во околината има неколку минерални извори, чиј состав е во тесна врска со локалните вулканити и магматити.

Вреди да се напомене дека покрај природните, на овој простор се присутни повеќе културни знаменитости, пред се археолошки наоѓалишта. Уште од бакарното време, на самото плато на една од плочите – Костоперска Карпа, постоела повеќеслојна населба со континуиран временски и културен живот. Во ова археолошко наоѓалиште најстарите траги и пронајдоци потекнуваат од енеолитот, а откриени се и предмети од железното време. Местото изобилува со фрагменти од квалитетно изработени керамички садови, орудија од камен и коска, ситни наоди од метал, монети и накит, како и со средновековни гробови, а откриено е постоење и на ранохристијанска базилика и бедем. Од посебна важност е и загадочниот подземен објект во карпата, со своите простории, ходници и вертикални отвори за проветрување. Овде, живописна е и самата локална селска архитектура, традиција и другите етнографските обележја.

Заради сите наведени атрактивности, а пред се раритетноста на ваква геолошка појава на Балканскиот Полуостров па и пошироко, локалитетот „Базалтни плочи“ е заштитен со закон како споменик на природата. Сепак, без оглед на законската заштита и значењето што го има, базалтните плочи перманентно се на удар на деградација од страна на човекот. Така, на плочите Вуевска Карпа, Костоперска Карпа, но и на Шодин Камен, по 2002 година се поставени телекомуникациски уреди и релеи кои драстично го нарушија првичниот природен пејсаж. Освен тоа, во близина има повеќе ископи за базалт (кај Зебарњак) и глина, зафати за приватни цели и сл., што се коси и со законот и со значајноста на плочите. Воедно, во целиот период по прогласување за споменик на природата, не се направени напори за соодветна презентација на појавата, пристап, уредување на околниот простор, едукација и сл. Затоа во најитен период се неопходни следните активности:

  • Изработка на сеопфатна студија за валоризација и управување со заштитеното подрачје „Базалтни плочи“ (поради тоа што во литературата нема детални податоци за природните, но и културните вредности и атрактивности на овој споменик на природата);
  • Уредување и означување на пристапни патеки до најмаркантните делови на плочите, со поставување на едукативни табли за вредностите и значењето на оваа појава;
  • Поставување на туристички патокази на патот Куманово-Крива Паланка за положбата на плочите;
  • Уредување на паркинг простор кај Вуевска Карпа (до црквата Св. Ѓорѓи) со можност за паркирање на возила или автобус и со инфо-табла на самиот паркинг;
  • Изработка на промотивен материјал (видео-презентација, разгледници и др.) за вредностите на базалтните плочи (геолошки, природни, културни);
  • Поставување и промоција на трекинг (пешачка) траса од Зебрњак преку Пркин Камен, Шодин Камен, Средни Камен, Вуевска Карпа до ридот-кота 496 метри над Вуевци;
  • Промоција на геотуризмот во областа, со презентација на уникатните гео-вредности;
  • Адаптација на една од училниците во селото за презентација на локалитетот (со модели, постери, можни презентации, етнолошки содржини и др);
  • Патна сигнализација до локалните цркви;
  • Промоција на соборот кој се одржува овде секоја година и др.

Вреди да се напомене дека на само 4 км источно од плочите, се наоѓаат познатите угостителски комплекси „Етно Село“ и „Визијана“ кои привлекуваат доста посетители. На североисток пак е локалитетот Кокино и граничниот премин Пелинце кон Србија. При посета на наведените комплекси и локалитети, или воопшто, при патувањето по магистралниот пат за Бугарија кој минува покрај самите плочи, или пак кон Србија преку Пелинце, добро е на кратко да се застане и барем да се погледнат или фотографираат овие уникатни сведоци на некогашниот импресивен вулканизам. Не случајно во бројни домашни и странски учебници по географија, геологија и геоморфологија, токму базалтните плочи од Нагоричане се дадени како типичен пример за ваква појава. За жал, често пати самите не сме (доволно) свесни со какви природни уникатности располага нашата држава, иако истите вистински ги воодушевуваат странските посетители. Како и да е, се надеваме дека плочите, кои опстојуваат со стотици илјади години, ако ништо друго, барем нема да бидат под уште посилен антропоген удар, а ќе им се восхитуваат уште бројни идни генерации (можеби многу повеќе отколку ние самите).

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 1866 пати!

Автор:

Од категорија: Викенд предлог, Чудесна Македонија

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger