Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » По Светот » Кои се 10-те скапоцени камења поретки дури и од дијамантите?

Кои се 10-те скапоцени камења поретки дури и од дијамантите?

10.04.2018

Најчесто сметаме дека дијамантите се меѓу најретките и најскапоцени камења во светот. Сепак, добрите познавачи знаат дека има и такви кои се многу поретки од самите дијаманти. Во наредниот текст ви претставуваме десетина такви скапоцени камења.

  1. Паинит

Во 2005 година, Гинисовата книга на рекорди го наведе паинитот како најредок минерал во светот. Откриен е во Мјанмар во 1950-тите, од страна на британскиот минералог Артур. До 2005 година, имало помалку од 25 познати примероци од овој минерал. Сепак денес, паинит не е толку редок бидејќи се откриени неколку големи лежишта на вакви скапоцени камења, повторно во делови на Мјанмар.

9. Александрит
Александритот е познат по своите чудни оптички својства-ја менува бојата во зависност од интензитетот на светлината што паѓа кон него. Оваа промена на бојата е независна од нашиот агол на гледање (скапоцен камен кој ги менува боите кога го ротирате во раката, се вели дека е плехохричен). Александритот припаѓа на истото семејство на скапоцени камења како што е Смарагдот. Таквите својства се должат на многу ретката комбинација на минерали како титаниум, железо и хром.

8. Танзанит
За танзанитот се смета дека е 1000 пати поредок од дијамантите. Најпознатото негово лежиште се наоѓа во подножјето на Килиманџаро и тоа само на неколку места. Слично како Александритот и Танзанитот покажува драматични промени во боја при различни услови на осветлување. На дадената слика може да се види како танзанитот ја менува бојата кога се гледа при вертикално поларизирана светлина, неполаризирана светлина и хоризонтално поларизирана светлина. Овие варијации на бои во голема мерка се должат на присуството на јони на ванариум.

7. Бенитоит
Овие изразито сини скапоцени камења се пронајдени во близина на реката Сан Бенито во округот Сан Бенито, Калифорнија. Некои извори тврдат дека мали количини бенитоит се пронајдени во Јапонија и Арканзас, но дека овие примероци не се од ист квалитет. Една од најпрепознатливите карактеристики на бенитоитот е тоа што под UV-светло флуоресцира брилијантна сина боја. Она што е чудно е дека иако првпат беше опишан предд еден век, а со децении го познаваме и неговиот хемиски состав, необичните флуоресцентни својства сè уште не можат да се објаснат.

6. Поудретит
Првите минерали на поудретит биле откриени во средината на 1960-тите години во рудник на планината Мон Сент Хилаир, Квебек, но тој не бил официјално признает како нов вид минерал до 1987 година и не бил детално опишан сѐ до 2003 година. Тоа е еден од најретките минерали на светот, а многумина веројатно никогаш нема да слушнат за него.

5. Грандидиерит
Овој сино-зеленкаст минерал се наоѓа речиси исклучиво на Мадагаскар, иако првиот чист примерок бил пронајден на Шри Ланка. Како александрит и танзинит, грандидиеритот е плеохроичен и може да пропушта сина, зелена и бела светлина.

4. Црвени дијаманти
Дијамантите може да имаат различни бои, па според честината се јавуваат: жолти, кафеави, безбојни, сини, зелени, црни, розови, портокалови, пурпурни и црвени. Од претходното произлегува дека „нормалните“ дијаманти се многу почести отколку што е црвениот дијамант. Всушност, досега најголемиот познат црвен дијамант наречен Мусаеф црвениот, тежи само 5,11 карати. Од друга страна,  најголемите традиционални дијаманти – како што се оние кои се исечени од дијамантот Кулинан, тежат над 500 карати.

3. Мусгравит
Овој минерал првпат бил откриен во 1967 година на планината Масгрејв во Јужна Австралија, но во мали количини бил најден и на Гренланд, Мадагаскар и Антарктик. Првиот примерок, кој бил доволно голем и чист за да се пресече во одреден облик, се појавил дури во 1993 година, а до денес се верува дека постојат само осум такви примероци.

2. Еремејевит
Првично е откриен во Сибир кон крајот на XIX век. Поголеми кристали (т.е. минерали големи и доволно јасни за да се пресечат по саканиот облик), подоцна биле откриени во ограничени резерви во Намибија. На сликата е прикажан еремејевит, формиран во ретка, јасна кристална форма и претставува најголем еремејевит на Земјата.

1. Црвен Берил
Црвениот берил за прв пат е опишан во 1904 година, и иако е хемиски близок со Смарагд и Аквамарин, истиот е значително поредок од двата минерали. Распространетоста на црвениот берил е ограничена само на делови од Јута и Ново Мексико, и се докажа дека е исклучително тешко да се ископа на економски изводлив начин. Некои проценки велат дека рубини со сличен квалитет (рубините се ретки скапоцени камења), се приближно 8000 пати почести во однос на црвениот берил. Како резултат на тоа, цените на црвениот берил можат да достигнат и до 10,000 долари по карат.

Извор: io9.gizmodo.com/5902212/ten-gemstones-that-are-rarer-than-diamond

Подготвила: Наталија Крстевска
Корекции и рецензија: Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 2527 пати!

Автор:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger