Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Најдолг праволиниски патен и поморски правец на Земјата!

Најдолг праволиниски патен и поморски правец на Земјата!

3.06.2018

Двајца Индиски информатичари Роан Чабукшвар и Кушал Муџреј (Rohan Chabukswar и Kushal Mukherjee) создале алгоритам преку кој компјутерски се генерираат најдолгите прави линии кои одат само по вода или само по копно. Алгоритамот е таков, што во случај линијата да оди по вода, истата не смее да пресекува позначајна копнена маса или ледена површина. Обратно е доколку оди само по копно – не смее да дојде во допир со поголем воден басен. Алгоритамот го примениле на глобалната детална мапа на копнени и водени површини изготвена од NOAA (National Oceanic and Atmospheric Administration), со резолуција од 1,8 km. Со оглед на огромниот број на можни комбинации кои требало да се генерираат и споредат, за постапката им бил потребен одличен компјутер и повеќе денови непрекинати автоматизирани софтверски пресметки.
Користејќи го наведениот пристап, истражувачите генерирале најдолго праволиниско растојание по океански пат, кое се протега од Пакистан и се движи кон запад покрај брегот на југоисточна Африка, крајните делови на Јужна Америка, па до полуостровот Камчатка во Русија. Така земено, оваа растојание изнесува извонредни 32089,7 km. Секако, поради закривеноста на Земјата и употребената проекција, на карта линијата не изгледа права, но таква е доколку се повлече на глобус.

На ист начин, истражувачите го пресметале и најдолгото копнено праволиниско растојание (без премин преку поголемо водно тело). Рутата започнува близу Џинџианг (Jinjiang) во Кина и минува низ Монголија, Казахстан, Русија, Полска, Чешка, Германија, Австрија, Лихтенштајн, Швајцарија, Франција, Шпанија и завршува во градот Сагрес во Португалија. Всушност минува низ вкупно 15 земји и иако не е долг како океанскиот пат, сепак изнесува неверојатни 11,241 km.

Двајцата истражувачи оваа права линија ја нарекле „минлива“ во смисла дека може генерално да се следи со возило. Сепак, вистината не е баш таква, со оглед на тоа што по рутата има премногу препреки како што се високи планини, густи шуми, бројни реки и сл. Во таа смисла, правецот би можел да се следи по најблиските постоечки патишта, со теренско возило и со странично поместување и до 500 km (посебно над Алпите, Пиринеите, Урал, Монголските планини и др. Истото се однесува и за океанската рута која ако се следи стриктно, може да ви ја загрози безбедноста. Според тоа, пристапот има повеќе географско, отколку практично значење.

Извор: gizmodo.com/this-is-the-longest-straight-path-you-could-travel-on-w-1825725532

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 1032 пати!

Автор:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger