Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Што е Нова година и зошто ја прославуваме?

Што е Нова година и зошто ја прославуваме?

29.12.2011.

Уште малку не дели од Новата 2012 година. Но што е Нова година, кога и зошто се прославува? Овде ќе се обидеме да дадеме одговор на некои од овие прашања.

Нова година е ден што го означува времето на почетокот на нова календарска година. Година пак е временски период за кој Земјата врши една потполна револуција (кружење) околу Сонцето и изнесува 365 дена 5 часа, 48 минути и 46 секунди или приближно 365,25 дена. Таканаречената „Граѓанска година“ која се користи во светот, од практични причини е заокружена на 365 дена, а остатокот од 6-те часа се „собира“ во текот на 4 години кога се додава како ден повеќе на месецот февруари (тогаш е престапна година). Таква престапна година ќе биде токму оваа 2012, кога февруари ќе има 29 дена.

Според грегоријанскиот календар кој денес се смета за „официјален“ светски календар, Новата година е на 1-ви јануари. Тоа, како традиција останало од стариот Римски календар поставен пред околу 2700 години, по кој е и редоследот на месеците како што го знаеме денес (јануари-декември). Прославувањето на Новата година е еден од најстарите обичаи. Новата година веројатно први почнале да ја слават древните Кинези или пак старите Германи или Римјани. Старите Германи со славењето всушност ја одбележувале смената на годишните времиња. Бидејќи зимата во нивните области почнувала во средината на ноември кога се завршувала жетвата, се собирале и се веселеле поради завршетокот на жетвата и претстојниот одмор. Така можеби настанал големиот празник: Нова година. По освојувањето на Европа, Римјаните во 153-та година пред нашата ера, го промениле датумот на славењето на Новата година на први јануари. Новата година ја славеле како симбол на почетокот на новиот живот и новите надежи за иднината. Тој обичај и значење се задржале до денешен ден. Во Средниот век, во разни подрачја на светот, Новата година започнувала на различни датуми: на 1-ви март, 25-ти март, 1-ви септември, 25-ти декември и др. Така, во Англија и Велс, до 1751 година, Новата година започнувала на 25-ти март, а од тогаш е прифатен датумот 1-ви јануари. Русите пак, некаде до X-тиот век, Новата година ја дочекувале и славеле на први март, како датум на пристигнување на пролетта. Празнувале во честа на Сонцето, а нивните обреди имале магиско значење. Во Јулијанскиот календар кој уште го применуваат некои цркви (Руската, Српската, Македонската), Новата година започнува на 13-ти јануари, од причина што овој календар доцни 13 дена зад новиот, Грегоријански календар. Кај нас датумот 13-ти јануари е познат уште како Стара Нова година (Нова година по стариот календар), православна Нова година (иако и многу православни цркви го прифатија и го употребуваат Грегоријанскиот календар) или под други називи. Како и да е, добрите познавачи на митологијата велат дека Новата година симболизира регенерација на космосот, копнеж за обновување и почеток на новото. Инаку, според христијанската традиција 1 јануари е денот на обрежувањето на Исус (осмиот ден од денот на неговото раѓање), кога му било дадено името Исус.

Одбележувањето и украсувањето во чест на Новата година, не било отсекогаш онакво какво што го знаеме денес. Во многу христијански земји, некаде пред околу два века, новогодишното дрво (елка) почнало да се кити со ѕвезда на врвот, светкави украси, венци, снег, а нешто подоцна како симбол се јавил и Дедо Мраз. Новогодишното дрво е симбол на древниот свет и претставува „космичко дрво“ кое покажува кон небото (вселената). Ѕвездата на врвот се поставува поради верувањата дека секој човек има своја ѕвезда која се појавува на небото во моментот на неговото раѓање и ја претставува неговата среќа. Подароците пак се израз на желбата за благосостојба, па оттука украсувањето на домот, како и поставувањето на богати, свечени трпези.

Што се однесува до Дедо Мраз, на запад познат под името Санта Клаус или едноставно Санта (Santa Claus или Santa), неговото значење не е целосно расветлено. Не се знае од каде точно доаѓа, зошто патува со санки влечени од летечки ирваси, зошто носи црвена наметка и се „симнува низ оџакот“. Според верувањата, современата легенда за Дедо Мраз се заснова на песната „Посета на Свети Никола“ на американскиот професор Клемент Мур, напишана во почетокот на XIX-тиот век, која Американците брзо ја прифатиле. Освен Мур, овој современ мит го создале и дваица илустратори кои на Дедо Мраз му дале арктичка облека и црвена наметка. Во тој период се „создава“ измислениот, американизиран лик Санта Клаус, чие живеалиште е на Северниот пол, на територијата на Канада. Во Европа пак, се смета дека живеалиштето на Дедо Мраз е во Финска, поточно во областа Лапонија. Меѓутоа, другите скандинавски земји исто така инсистираат дека Дедо Мраз живее на нивна територија, со точна адреса, па дури и соодветен e-mail.  Всушност, се смета дека во западните земји, ликот на Санта Клаус (Дедо Мраз), влече корени од ликот на светецот Свети Никола, па затоа некаде се сретнува и под името Свети Никола. Вистинските корени пак, можеби лежат во обичаите на древните шаманистички племиња во североисточниот Сибир, кои се задржани до денешен ден. Имено, тие племиња искажуваат огромно почитување кон шаманите (свештеници, исцелители и пророци), поради вербата во неговите магијско-религиозни моќи. Митско животно на шаманистичките племиња бил ирвасот, што оди во прилог на ликот на Дедо Мраз со санки кои ги влечат ирваси. Култно растение на овие племиња била отровната пеќурка мувара, која поради опојните својства ја јаделе за да се доведат во состојба на екстаза. Оваа пеќурка е карактеристична по црвената боја на чадорчето со изразити бели точки (бои карактеристични за облеката на Дедо Мраз). Интересно е дека (според кажувањата на древните народи), дури и ирвасите ја обожуваат оваа пеќурка и ја јадат додека не дојдат во состојба на транс и веројатно доживуваат слично чувство на „летање“ како кај човекот. На прашањето зошто Дедо Мраз се спушта низ оџак, одговорот е можеби затоа што во сибирските живеалишта-јурти (меѓутоа и во другите примитивни живеалишта на поларниот север), постојано гори оган со отвор за чадот точно на врвот, а тој отвор воедно е и влез во живеалиштето. Според ваквите гледишта, ликот на Дедо Мраз кој носи подароци се поврзува со улогата на шаманите кои претставувале врска помеѓу светот на духовите и на членовите на племињата. Шаманите им ги пренесувале божјите пораки на луѓето и обратно-пораките на луѓето кон боговите. Слично на Дедо Мраз, шаманот бил „забавувач“ кој со игра и глума ја предочувал тајната на преобразувањето. Наведеното толкување е само едно од бројните за тоа од каде и како потекнува ликот на Дедо Мраз, онаков како што го знаеме. Точната вистина, можеби никогаш нема да се расветли, бидејќи низ вековите се вткаени многу сродни верувања, традиции и обичаи од разни делови на светот.

Инаку, поради Земјината ротација од запад кон исток како и поделбата на часовни зони, Новата година не пристигнува едновремено на целата Земјина топка. Првин започнува на островот Каролина (Република Кирибати), кој е речиси на самата Меѓународна датумска граница на Пацификот (всушност сосема малку позападно од датумската граница). Потоа доаѓа во Нов Зеланд, па во Австралија, во делови на Источна Азија, потоа во Централна и во Западна Азија. По десетина часа, Новата година ќе дојде во Европа, Африка, а уште 5-6 часа подоцна и во Америка. По речиси 24 часа откако настапила на островот Каролина, Новата година доаѓа и до последните места на Земјата-неколку групи острови сосема малку поисточно од датумската граница.

Според официјалното, централноевропско време (кое е по 15-тиот степен и.г.д.), Новата година во Република Македонија настапува на целата територија точно на 1-ви јануари во 00 часот. Меѓутоа, бидејќи нашата држава е значително по на исток (20-23 степени и.г.д.) од централниот меридијан на средноевропското време, по реалното, локално (меридијанско) време, Новата година ќе дојде околу половина час порано, односно околу 23.30 часот. Првин ќе настапи во најисточните делови на нашата држава (Пехчево, Берово, Делчево), потоа минута по минута подоцна во централните делови и по 10-тина минути, ќе дојде до најзападните делови на нашата држава (Дебарско).

Како и да е, Ви посакуваме среќна и исполнета Нова 2012 година!!!

Автор: д-р Ивица Милевски, Институт за географија, ПМФ-Скопје

Оваа статија е прочитана 3487 пати!

Автор:

Од категорија: На тема · Tags: , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger