Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Вселена, На тема » Петте веројатно најубави маглини во нашата Галаксија

Петте веројатно најубави маглини во нашата Галаксија

25.06.2018

Луѓето, уште од дамнешни времиња, кога сеуште не бил пронајден телескопот, набљудувајќи го ноќното небото биле импресионирани од тоа што можеле да го забележат со голо око. Постојат докази дека Маите знаеле за маглините пред да биде конструиран телескопот. Ова може да се види од еден мит во кој се зборува за еден предел на небото кај соѕвездието Орион каде има „размачкана дамка околу пламенот“. Претходно, уште во вториот век од нашата ера, Птоломеј во книгите VII и VIII од неговото дело „Алмагест“ завел пет ѕвезди што изгледале магливо. Исто така забележал и област со магливост помеѓу соѕвездијата Голема Мечка и Лав на кои не им придал ниедна ѕвезда. Со пронаоѓањето и усовршувањето на телескопот, откриени се многу егзотични објекти во Вселената, а меѓу нив можеби најинтересни се маглините. Тие главно се составени од водород и други гасови, но и честички од прашина кои гравитациски се собираат во меѓуѕвездениот простор. Овие прекрасни „облаци“ се со големина од десетици и стотици светлосни години, односно стотици илјади милијарди километри. Инаку се на огромни растојанија од Земјата, но и покрај тоа, некои се толку  големи што можат да се видат на ноќното небо и со голо око. Маглините претставуваат неверојатен спектар од живописни бои, форми и извонредни големини. Според астрономите, за 5 најубави маглини во нашата Галаксија може да се сметаат следните:

5.  Маглината Мачкино Око (Cat’s Eye Nebula; NGC6543)

Оваа маглина е значајна пред се по тоа што е една од првите откриени планетарни маглини. Се наоѓа во соѕвездието Змеј, а од Земјата е оддалечена 3300 светлосни години. Пречникот на оваа маглина изнесува 4,5 светлосни години. Откриена е на 15 февруари 1786 година од страна на Вилијам Хершел, со помош на рефлекторски телескоп, чие огледало имало пречник од 187 mm. Она што ја прави толку магична е тоа што има уникатен изглед од единаесет прстени (како школки) од гас. Воедно, Мачкино око е исклучително сјајна маглина односно околу 10000 пати посјајна од Сончевиот систем на Сонцето.

 4.  Маглина Пеперутка (Butterfly Nebula; NGC6302)

Оваа маглина е именувана според формата која асоцира на пеперутка. Таа претставува планетарна маглина која била откриена во 1947 година од страна на Рудолф Минковски и се наоѓа во соѕвездието Шкорпија. Од Земјата е оддалечена околу 4000 светлосни години и е со пречник од околу 3 светлосни години. Крилјата на оваа маглина се изградени од гас и плазма исфрлени од умирачка ѕвезда, која некогаш била пет пати поголема од масата на нашето Сонце.  Во центарот има температура од само околу 400.000°С, а околу неа има облаци од прашина. Облаците сјаат во ултравиолетови бранови должини, што е една од многуте работи што ја прават оваа маглина необична. Прекрасната портокалова боја на работ на крилата на пеперутката е резултат на светлината што ја емитува азотот, додека белите области се од иззрачување на сулфур.

3.  Маглина Песочен часовник (Hourglass Nebula)

Оваа маглина претставува ѕвезда во умирање која што има големина колку нашето Сонце. Таа е откриена од страна на Рагвендра Сахаи и Џон Траугер на 18 јануари 1996 година. Се наоѓа во соѕвездието Мува и од Земјата е оддалечена околу 8150 светлосни години, а нејзиниот пречник е околу 1 светлосна година. Таа има два големи надворешни прстени и еден мал централен прстен, кои заедно имаат форма на око, со што е именуван и како „Божјо око“. Оваа впечатлива карактеристика ја прави една од најлесните маглини за препознавање. Сложената, уникатна форма на внатрешното “око” на маглината Песочен часовник сеуште не е во целост разбрана. Друга чудна карактеристика на маглината е фактот дека централното бело џуџе кое ја осветлува маглината лежи надвор од центарот што е сосема невообичаено за планетарна маглина.

2.  Ракова Маглина (Crab Nebula; NGC1952)

Оваа маглина претставува првиот астрономски објект индентификуван како остаток од супернова, врз основа на стари историски записи од 1054 година. Според споменатите записи, во 1054 година, кинеските астрономи забележале многу сјајна нова ѕвезда која како таква блескала неколку месеци. Новата ѕвезда била толку сјајна, што можело да се чита дури и ноќе. Сепак, дека станувало збор за супернова експлозија, станало јасно дури во средината на минатиот век. Маглината Рак инаку е откриена во 1731 година од страна на Џон Бевис, со помош на мал телескоп рефрактор. Според положбата, таа се наоѓа во соѕвездието Бик, на оддалеченост од 6500 светлосни години, а нејзиниот пречник е 11 светлосни години. Проучувањето на Раковата Маглина е вршено од повеќе истражувачи, па поради тоа е вклучена и во други познати каталози според различн критериуми на поделба. Активниот облак на електрони во маглината е управуван од брза ротирачка неутронска ѕвезда – пулсар, со маса колку Сонцето, а пречник од само 30 km. Во 70-тите години на минатиот век, поради истата положба на небото, како во старите кинески записи, но и поради обликот, станало јасно дека маглината Рак е остаток од супернова која се случила речиси 1000 години порано.

1.  Маглина Орел (Eagle Nebula; NGC6611)

Оваа маглина позната и како Ѕвездена Кралица, името Орел го добила заради впечатливите контури во средишниот дел, кои наликуваат на орел. Маглината се наоѓа во соѕвездието Змија, а откриена е во 1745 година од страна на Жан Филип де Шезо, со помош на рефрактор (телескоп со леќа). Од Земјата е оддалечена околу 7000 светлосни години а нејзиниот пречник изнесува 110 светлосни години. Внатре во маглината, облаците на гас се привлекуваат заедно поради гравитацијата. Доколку има доволно гас, во средишниот дел можеби некогаш ќе отпочне нуклеарна фузија, а компактниот облак ќе стане сјајна ѕвезда.

Извор: astronomyisawesome.com/galaxies/the-5-most-beautiful-nebulae

Подготвил: Тихомир Митрев, студент на Институтот за географија.

Корекција: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 793 пати!

Автор:

Од категорија: Вселена, На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger