Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Успешен настап на големата меѓународна конференција за картографија и ГИС, ICC&GIS-2018

Успешен настап на големата меѓународна конференција за картографија и ГИС, ICC&GIS-2018

26.06.2018

Во периодот од 18 до 23 јуни, во Созопол, Република Бугарија се одржа седмата меѓународна конференција за картографија и географски информациски системи ICC&GIS 2018. Главни организатори на оваа голема конференција беа Меѓународната картографска асоцијација (ICA), Бугарската картографска асоцијација (BCA) и Универзитетот за архитектура, градежништво и геодезија од Софија, во соработка со општина Созопол и повеќе спонзори. Целта беше да се презентираат и споделат најновите светски достигнувања во картографијата и ГИС, со посебен акцент на состојбата во државите на Балканскиот Полуостров. Во таа смисла, конференцијата беше целосно успешна со присуство на 95 учесници од 34 држави од сите континенти (САД, Канада, Франција, Велика Британија, Германија, Кина, Русија, Индонезија, Мексико, Мадагаскар, Саудиска Арабија, Јужна Кореја, Австрија, Полска, Швајцарија, речиси сите држави од Балканскиот Полуостров и бројни други), кои за 5-те конференциски дена изложија околу 116 усни и 12 постер презентации.

Конференцијата официјално започна со свечено отворање, а веднаш потоа беа изложени 5 воведни пленарни презентации на неколку врвни светски картографи и експерти за ГИС меѓу кои: Lynn Usery-САД, Huandong Guo-Кина, Wolfgang Kainz-Австрија, Nick Land-Велика Британија и Filip Kaderabek-Чешка). Потоа се пристапи кон работа во 10 посебни тематски сесии и тоа:

  • Примена на ГИС технологии во соодветни дисциплини (13 презентации),
  • Примена на ГИС во геологија и природни науки (12 презентации),
  • ГИС за рано предупредување и управување со непогоди (15 презентации),
  • Картографија и ГИС во образованието (10 презентации),
  • Веб-картографија и дигитални атласи (5 презентации),
  • Најнови „паметни“ ГИС решенија (12 презентации),
  • Геопросторни анализи и извлекување на податоци (11 презентации),
  • Картографска визуелизација (22 презентации),
  • Техники на далечинска детекција во функција на картирање (15 презентации),
  • Користење на дронови и 3Д картографско моделирање (12 презентации).

Покрај наведените сесии се одржа и посебен тренинг курс за користење на Коперникус сателитски податоци за ГИС и картографски апликации. Во продолжение, беше извршена презентација на 360-степенска панорама-фото камера од најновата генерација, со можности за нејзино користење.

На конференцијата активно учествуваа двајца претставници од Република Македонија и тоа др. Ивица Милевски (ПМФ-УКИМ) и др. Башким Идризи (Универзитет „Мајка Тереза“), кои имаа свои забележителни презентации поврзани главно со примената на ГИС за разни цели во Република Македонија. Треба да се напомене дека од 110-те научни трудови објавени и презентирани на ICC&GIS 2018, по избор на 5-члено меѓународно жири, д-р Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ во Скопје, ја доби наградата за најдобар труд на конференцијата. Истиот е со наслов GIS-Based Landslide Susceptibility Modelling for the Territory of the Republic of Macedonia и се однесува на софистицирано ГИС-базирано моделирање (зонирање) на подрачја подложни на појава на свлечишта на територијата на Република Македонија.

Во неформалниот дел на конференцијата, беа изведени 2 теренски екскурзии, потоа свечен коктел, како и заедничка вечера во стариот дел на Созопол. Преку сите наведени активности, се остварија бројни контакти, размена на идеи за соработка, а секако и пријатно дружење.

Да напоменеме дека следната конференција ICC&GIS ќе се одржи во 2020 година, исто така во Република Бугарија.

Корисни линкови: веб страна на конференцијата; зборник на трудови од ICC&GIS 2018

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5360 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger