Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести, Наставни » Македонскиот тим се врати со бронзен медал од Светската олимпијада за геонауки во Тајланд!

Македонскиот тим се врати со бронзен медал од Светската олимпијада за геонауки во Тајланд!

20.08.2018

Во периодот од 8-17 август, во местото Сај Јок, провинција Канчанабури, во западниот дел Тајланд, се одржа 12-та Светска олимпијада за геонауки (International Earth Sciences Olympiad), на која за прв пат учествуваше и тим од Република Македонија. На натпреварот присуствуваа досега рекорден број национални екипи – од 40 држави, меѓу кои од Кина, Јапонија, САД, Австралија, Франција, Италија, Германија, Русија, Кореја, Индија, Индонезија, Мјанмар, Аргентина, Бразил, Шпанија, Португалија, Финска, Чешка, Филипини, Пакистан, Израел, Турција, Малави, Хаити, Тајван и бројни други.

Секој национален тим вообичаено се состоеше од 4 ученици од средните училишта номинирани преку државни натпревари или систем на строга селекција, како и 2 ментори од редот на подготвени средношколски наставници, или пак универзитетски професори и истражувачи. Покрај нив, десетина тимови беа зајакнати со студенти-гости и ментори-набљудувачи. Вкупно на натпреварот имаше 140 ученици-натпреварувачи, 76 ментори и околу 120 набљудувачи и гости или вкупно 340 учесници. Македонскиот тим беше составен од 2 ученика (Александар Стојчески и Венеса Бакреска од средното училиште Јахја Кемал од Струга) и еден ментор (д-р Ивица Милевски од ПМФ-УКИМ во Скопје). Мора да напоменеме дека нашиот тим беше единствениот кој настапи како самофинансиран – сите останати учествуваа преку финансиска поддршка од соодветните државни образовни институции и фондации.

Целта на ИЕСО олимпијадата е да се увидат, споредат и разменат теоретските и практичните знаења на учениците во областа на геонауките. Во таа смисла, во натпреварувачкиот дел, најголем акцент е ставен на геологијата (распознавање на минерали и карпи, нивна положба, својства, пореметеност, тектонски процеси, сеизмика, вулканизам, историска геологија и др.), потоа астрономијата, метеорологијата и климатските промени, хидрологијата, како и взаемни влијанија и условености на претходните компоненти.

Првиот ден, поточно 8 август, беше предвиден за пристигнување на учесниците до сместувачките објекти во 2 комплекси – еден за студентите и еден за менторите. Овој ден беше искористен и за запознавање со некои детали околу настанот, програма, екскурзии и др. Олимпијадата официјално започна следниот ден на 9 август, со свечено отворање во „западниот кампус“ на Махидол Универзитетот, еден од најголемите универзитети во Тајланд. На отворањето, според посебен протокол учествуваше принцезата на Тајланд, која има мошне значајна и ценета општествено-политичка улога во оваа држава. Потоа следуваше претставување на националните тимови од државите учеснички и упатства за текот на натпреварот.

Натпреварувачкиот дел започна на 11 август, по еднодневната екскурзија на учениците низ овој дел на Тајланд. Самиот натпревар се состоеше од 4 дела и тоа: решавање на писмен тест (кој носи најголем број на поени), потоа решавање на практични задачи, тимски теренски истражувања на неколку локалитети и изработка на презентација на претходно зададена тема. Првите два дела се основа за рангирање на натпреварувачите и освојување на медали. Во третиот дел, се формираа меѓународни тимови на млади истражувачи (16 тима со по 7-8 ученици), со задача да ги распознаат карпите од кои е изграден локалитетот, падот на слоевите, степенот на ерозија, релјефните процеси и сл. Работата на тимовите беше следена од посебно жири, исто како и изработката на презентациите на зададена тема. Сите 4 натпреварувачки дела беа завршени во текот на 5 дена, за чие време учениците не смееја да имаат никакви средства за комуникација (телефони, интернет и сл.) ниту можност да комуницираат со менторите или други стручни лица (освен со жирито).

Од официјалното отворање, па во следните 5-6 дена, менторите и набљудувачите од националните тимови беа одвоени од учениците и имаа посебни задачи: неколку заеднички состаноци поврзани со прашањата и одговорите од тестовите, повеќе панел дискусии за геонауките и нивната положба во државите учеснички, идеи за унапредување на положбата на геонауките во образовниот систем, идеи за унапредување на самата Олимпијада и др. Воедно, за менторите беа предвидени 2 целодневни теренски екскурзии низ провинцијата Канчанабури со посета на повеќе геолошки локалитети, рудници, пештери, една голема хидроцентрала и повеќе културно-историски знаменитости. По завршување на натпреварувачкиот дел, менторите учествуваа во заедничка дискусија за резултатите постигнати од учениците, проверка на нивната точност, евентуални забелешки, приговори и сл.

Конечните резултати и наградите беа соопштени на завршната церемонија при свеченото затворање на олимпијадата, на 16 август. Според претходно утврден процентуален однос, во зависност од рангирањето на учениците, беа доделени бронзени, сребрени и златни медали. Златни медали за севкупно најдобри резултати добија 3-ца ученици: еден од тимот на Република Кореја, еден од тимот на САД и еден од тимот на Јапонија.

Со особено задоволство може да кажеме дека на овогодинешната Олимпијада за геонауки, бронзен медал доби и ученик од Македонија, поточно Александар Стојчески од Струга. Со оглед на тоа што нашата држава учествуваше за прв пат, без некое претходно искуство, со кратко време за подготовки (3 месеци; од крајот на мај до август) и без никаква претходна поддршка од државните институции (освен помош од Институтот за географија за покривање на дел од патните трошоци на менторот, како и симболична, но драгоцена помош од општините Струга и Охрид), сметаме дека може да бидеме сосема задоволни од освоениот медал. Дополнително, иако поради финансиските потешкотии настапивме како полу-тим (наместо 4 ученика и 2 ментори, тимот имаше само 2 ученика и еден ментор), се потрудивме, а верувам и успеавме нашата држава да ја презентираме на најдобар начин. Во прилог на наведеното се бројните нови контакти, пријателства, договори за натамошна соработка, запознавае на останатите со карактеристиките на Република Македонија (некои за прв пат овде слушнаа дека „постоиме“), размената на традиционални сувенири и др. Посебно внимание привлече презентацијата на нашите традиционални ора, песни и музика во интернационалната вечер.

Се надеваме дека следната година повторно ќе имаме можност за (севкупно позначаен) настап и резултати на IESO-2019 (Сеул, Република Кореја), со селекција на кандидати преку државен натпревар и со поддршка на државните институции (особено МОН и Агенцијата за млади и спорт) за настап на цел тим (4+2). Со тоа и ние како држава ќе се покажеме во далеку повпечатливо светло, ќе се презентираме на соодветен начин, а ќе покажеме и дека вистински се грижиме за младите таленти.

Подготвил: д-р Ивица Милевски, ментор на IESO тимот од Македонија.

Оваа статија е прочитана 2526 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести, Наставни

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger