Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Наставни » Проф. д-р Драган Колчаковски – по повод 60 години од животот

Проф. д-р Драган Колчаковски – по повод 60 години од животот

31.10.2018

Вистинска чест и задоволство е да се пишува за проф. д-р Драган Колчаковски, редовен професор на Иститутот за географија при Природно-математички факултет во Скопје, по повод 60 години од неговиот живот и во последните децении еден од водечките геоморфолози во југоисточниот дел на Европа.

Проф. д-р Драган Колчаковски е роден на 23 јуни 1958 година во Скопје. Во 1982 го­дина, со дипломската работа „Природно-географски карактеристики на Кадина Ре­ка“, под менторство на Проф. д-р Душан Манаковиќ, дипломира на Географскиот факултет во Скопје. Во 1991 година, на темата „Крашки рељеф Скопске Котлине”, под менторство на Проф. д-р Драгутин Петровић, магис­трира на Природно-ма­те­ма­тичкиот факултет во Белград, а во 1996 година со те­­мата „Морфогенетски проце­си и нивните релјефни форми на високопланин­ските предели на планините Јабла­ни­ца, Стогово, Стара Галичица и Пелис­тер”, докторира на Природно-матема­тич­киот фа­­кул­­тет во Скопје. Во 1984 го­дина се вработува како помлад асистент на Географ­скиот факутет во Скопје, а во 2006 година е избран за редовен проферсор на При­род­но-математичкиот фа­култет во Скопје.

Научно-истражувачката активност на професорот д-р Колчаковски може да се по­де­ли на два основни периоди. Во првиот, почетен период, речиси исклучиво се посветува на истражување на карстот и карстниот феномен во Македонија од што произлегу­ваат повеќе трудови и неколку монографски изданиа. За најзна­чајни резултати мо­же да се сметаат истражувањата на повеќе, дотогаш непоз­нати пештери, како што се: Драчевската, Христијановата, пештерата Слатин­ски Извор, пештерите во источниот дел на Република Македонија, на планината Галичица и други. Уште со сво­јот прв труд, презентиран на 9-от Конгрес на спе­леолозите од поранешна Југослави­ја, одржан во Карловац во 1984 година го свртува вниманието. Еминентниот геолог од Загреб, Академик Милан Херак, за новоистражената пештера Слатински Извор, со својата должина од 800 метри, истакнува дека е најголемата ваква појава во најстарите карбонатни карпи (пре­кам­бриумски формации) во Светот. Инте­рес­но е да се напомене дека по предавање­то на магистерската ра­бота за рецензија во познатата белградска школа за карстоло­гија, кај еми­нент­ниот геоморфолог, професорот Петровић, истиот на неколкумина магис­тран­ти им го проширува обемот за работа на веќе пријавените магистерски те­ми за да бидат на „исто ниво”со темата што ја приложува проф. д-р Колчаковски. Во вториот период, проф. д-р Колчаков­ски интересот го насочува кон геоморфологијата на високопланин­ските преде­ли, проблематика со која малкумина геоморфолози на Балканот претходно се зафаќале. Kомуникацијата и соработката за оваа проблематика што ја вос­пос­тавува со водечките авторитети во Светот, како: проф. д-р Klaus Hein од Гео­графскиот институт на Универзитетот во Bonn (Deutschland), проф. д-р Stefan Has­ter­ath од департментот за Метеорологија на Универзитетот Wisconsin (USA), проф. д-р Kurt Graf од Географскиот институт на Универзитетот во Zurich (Schweiz), проф. д-р Jirgen Hagedorn од Географскиот институт на Уни­верзитетот во Got­tingen (Deutschland), проф. д-р Sten Rudberg од Гео­графскиот инсти­тут во Go­te­borg (Sch­we­den) и проф. д-р Alan S. Tranhaile од департментот за гео­графија на Уни­верзи­тетот Windsor (Canada), му овозможу­ва со­лидно да ги постави тезите на док­торска­та дисертација. Со овие истражу­вања, како на­учен предизвик, а подоцна и во наста­ва­та по геоморфологија, во Репуб­лика Македо­ни­ја ја воведува периглацијалната гео­морфо­логија, дотогаш мар­гинално и не соод­вет­но третирана проблематика.

Апликативноста на неговите истражувања ја валоризира во активности за заш­­­­тита на повеќе локалитети или појави, како што се Алшар, Јабланица, Шар Планина, Маркови Кули и др. Како резултат на неговите истражувања и елаборација, ло­ка­ли­тетот Маркови Кули и пештерата Слатоински Извор се ставен на привремената лис­та на УНЕСКО како светско природно наследство.

Во наставата што му е доверена посветува, исто така, сериозно внимание од што произлегуваат пет универзитетски учебници и четири практикуми. По­себно зна­чај­ни се учебникот Биогеографија кој се користи и во наставата на Институтот за био­логија, додека за учебникот со монографски карактер Физичка геогра­фија на Репуб­ли­ка Македонија може да се каже дека, ваква слична публикација немаат ниту соседните држави со многу поголема тради­ци­ја во географијата. За учебникот Геоморфологи­ја, еминентните балкански гео­мор­­фо­лози се изкажуваат исклучително позитивно. Та­ка, на пример, Академик Ivan Gams (Ljubljana), еден од водечките карстолози во све­тот по Втората Светска војна, вели дека „Knjiga Geomorfologija je na kvalitetnem nivoju mednarodnih učebnikov za geo­mor­fologijo. Predlagam njenem avtorju prof. dr. Draganu Kolčakovskemu, da tehničko izboljša ilustracije, tekst prevede v enega od mednarodnih jezikov in knjigo izda v med­narodni založbi” додека, Проф. Балтаков (София) истакну­ва дека „…учебникът може сво­бодно да се исползува и от бъгарских студенти и аз ве­че го препоръчам като ма­териал за курса ми по Обща геоморфология за студен­тите по Геология и География от бакалавърския курс в Софийския и Пловдивскя университети”. Професорот Гав­ри­ловић (Београд) истакнува дека „Уџбеник је доб­ро концепиран, са јасно и прег­лед­но изложеним садржајем и на високом стручном нивоу. Заснован је на најнови­јим научним сазнањима из ове дисциплине у свету, што се односи не само на текст, већ и на графичке прилоге. По бројним фотогра­фи­ја­ма аутора може се закључити да је доста материјала сакупио путовањем по свету”.

Професорот д-р Колчаковски за натамошен развој на геоморфологијата и вооп­што на физичката географија, оформува геоморфолошка лабораторија на Ин­сти­тутот за гео­графија при ПМФ и покренува периодично списание „Билтен за Физичка Гео­гра­фија” од кое до денес се излезени 8 броја.

Покрај редовната теренска настава со повеќе генерации студенти на територи­јата на Република Македонија, професорот Колчаковски во неколку наврати на врвно про­фесионално ниво за студентите организирал и факултатив­на терен­ски настави во по­­блис­киот регион, како што се: теренската настава во Итали­ја (2003 и 2011 годи­на), со главна цел посета на вулканот Везув. На не­колку наврати посета на Шко­ци­јан­­ска Јама во Словенија, Плитвичките Езера во Хрват­ска, Моравскиот карст во Чеш­ка (2010 година), Ме­теори и Халкидики во Грција, како и на повеќе нав­ра­ти во атрактивната од геоморфолошки ас­пект об­ласт Кападокија во Турција.

Подготвила:м-р Анита Тодорова

Оваа статија е прочитана 1497 пати!

Автор:

Од категорија: Наставни

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger