Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Излезе јубилејниот 50-ти број на списанието Географски Разгледи (Geographical Reviews)!

Излезе јубилејниот 50-ти број на списанието Географски Разгледи (Geographical Reviews)!

29.11.2018

Денес, на веб страницата на Институтот за географија и на Македонското географско друштво е поставена електронската верзија на новиот јубилеен 50-ти број на списанието Географски разгледи (Geographical Reviews). Ова реномирано списание кое го издава Македонското географско друштво, излегува непрекинато уште од 1962 година, поради што спаѓа меѓу научно-стручните списанија со најдолга традиција во Република Македонија. Досегашните 50 томови на списанието, од кои 11 како двоброј (што значи вкупно 39 одделни книги), се печатени на вкупно 6987 страници. За целиот период, објавени се вкупно 473 трудови, или просечно по 12 труда во секој том од списанието. Во досегашните изданија на Географски Разгледи, свои трудови публикувале 116 автори и коавтори. Од нив, 5 објавиле над 20 трудови, 13 автори објавиле од 10 до 20 трудови, 31 автор објавиле помеѓу 2 и 9 трудови, додека останатите 67 автори се застапени со пo 1 труд. Значајно е да се спомене дека од нив 32 автори (27,6%) работеле или работат на Институтот за географија, но истите објавиле дури 356 трудови или 75,3% од вкупниот број. Од останатите, 55 автори (92 трудови) се од Република Македонија и 29 од странство.

Од 2009-та година, списанието покрај во традиционална печатена верзија излегува и во електронска верзија (online: www.igeografija.mk/MGD). Со тоа е достапно до многу поширок круг на вљубеници во географијата, не само во Република Македонија туку и надвор од неа. Едновремено, уредувачкиот одбор беше проширен со 6 универзитетски професори од странство (од Албанија, Бугарија, Италија, Словенија, Србија и Хрватска), со што списанието доби меѓународен карактер. Заради поголема меѓународна „видливост“ на трудовите, од 2011 година тие се објавуваат доминантно на англиски јазик, што помогна да се зголеми цитираноста на списанието.

Во последниот број се објавени 11 трудови од 28 автори и коавтори. Од нив, 9 трудови со 11 автори и коавтори се од Институтот за географија при ПМФ во Скопје. Објавените трудови покриваат широк спектар на географски теми: од геонаследството, преку хидрографските карактеристики на Мала Река, потоа преглед и објаснување на позначајните природни непогоди кои се случија во 2016-та и 2017-та година, теми поврзани со демографските процеси и движења, потоа труд на тема картографија како уметност, па до теми од регионализација и од туризмот. Паралелно со електронската верзија, во подготовка е и печатената верзија на јубилејниот број, а се очекува истата да излезе до крајот на 2018-та година. Со самото објавување на 50-тиот број, започнуваат подготовките за следниот (51-ви), кој планираме да излезе до средината на 2019 година, на посебна интернет платформа наменета за open-access научни списанија.Затоа ве повикуваме доколку сте заинтересирани да го подготвите или испратите вашиот труд до уредувачкиот одбор најдоцна до крајот на мај, 2019 година. Сите трудови кои третираат географска и сродна проблематика се добредојдени, со тоа што рецензентскиот тим ќе изврши преглед и селекција на трудовите за новото специјално издание.

Линк до новиот број.

Од уредникот, д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 680 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger