Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, Чудесна Македонија » Мала Река – најдолгата притока на реката Треска

Мала Река – најдолгата притока на реката Треска

30.11.2018

Поречката Мала Река или реката Црнешница е најдолгата лева притока, а воедно најдолгата притока на реката Треска. Во реката Треска се влива во централниот дел на Поречкиот Басен. Мала Река се формира од три реки кои во селото Самоков (во близна на хотелот Поречки Бисер) се соединуваат, од една страна се спојуваат реките Бенческа и Ковачка, а потоа овој водотек се спојува со реката Црнешница и надоле водотекот е познат како Мала Река. Често пати, реката Црнешница која настанува со спојување на реките Волчица и Битовска, е нарекувана, но и е носител на Мала Река, што до некаде е оправдано бидејќи оваа река има многу подолг водотек за разлика од Бенческо – Ковачката Река (Самоковска Река). Kако извор на водотекот Мала Река – Црнешница претставува реката Волчица, која извира на источните падини од планинскиот венец Добра Вода – Сува Гора (непосредно до преминот Пеклиште) на надморска височина од 1.460 m. Инаку, вливот на Мала Река се наоѓа во близина на селото Калуѓерец на надморска височина од 470 m. Мала Река има должина од 30,6 km и има густа речна мрежа составена од 141 постојани, периодични и повремени водотеци. Сите овие водотеци имаат вкупна должина од 245,8 km. Мала Река (Волчица – Црнешница – Мала Река) има вкупно 45 директни притоки (21 десни и 24 леви), од нив најголемиот дел се периодични и повремени водотеци. Од особено значење се само 7 притоки, од кои две се леви (Требовска и Брестовска Река), а пет десни притоки (Битовчица, Ботушка, Бенческо – Ковачка, Петроа и Инческа Река). Вкупниот пад на водотекот Мала Река изнесува 990 m, а просечниот пад е 32,39 m/km. Релативниот пад е најголем во горниот тек, каде реката има пад од 79,86 m/km. Во средниот и долниот тек, водотекот Мала Река има речиси рамничарски карактер со релативен пад од 15,47 m/km, односно 9,19 m/km. Мала Река завзема сливна површина од 188 km2 или 9,08 % од сливот на реката Треска. Површината не е рамномерно распоредена, поголемиот дел се среќава на десната страна која зафаќа површина од 121,4 km2  или 64,57%, а на левата страна и припаѓа површина од 66,60 km2 или 36,43% од сливот. Имено, сливот на Мала Река може да се подели на три дела: горен, среден и долен слив. Површината на горниот слив се поклопува со сливот на изворните реки Волчица и Битовчица, а истиот зафаќа површина од 58,39 km2.   Средниот слив го зафаќа поречието на реките Црнешница и Бенческо – Ковачката Река, а на овој простор му припаѓаат 78,97 km2 или 42 % од вкупната површина.  Долниот слив се простира источно од населбата Самоков односно од спојот на реките Црнешница и Бенческо – Ковачката Река низводно до вливот, а овој дел зафаќа површина од 50,64 km2. Средната височина на сливот на Мала Река изнесува 1108 m. Највисока точка во сливот е врвот Добра Вода (2061 m), а најниска точка е вливот на Мала Река во реката Треска (470 m).

Географска карта на сливот на Мала Река

Текстот е извадок од трудот:
Стојчески Д., Димитровска О., Радевски И. (2017) Хидрографски карактеристики на сливот на Мала Река (Волчица – Црнешница – Мала Река), Географски Разгледи, бр. 50, Скопје

 

 

Оваа статија е прочитана 347 пати!

Автор:

Од категорија: На тема, Чудесна Македонија

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger