Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести, На тема » Промоција на туристичка енциклопедија „Скопје и Скопскиот Регион“

Промоција на туристичка енциклопедија „Скопје и Скопскиот Регион“

22.01.2019

На 24.12.2019 година во просториите на Порта Македонија, кој функционира во рамки на Музејот на Македонската борба во Скопје, се одржа промоција на енциклопедијата Скопје и Скопскиот регион, дело со исклучителна важност за туризмот во Република Македонија. Делото е во издание на ИДБЦ. На промоцијата беа присутни претставници од високообразовни институции, медиуми, туристичкиот сектор, стопанска комора и од повеќе ентитети чија дејност директно или индиректно е поврзана со туризмот. Книгата Скопје и Скопски регион има обем од 214 страници, поделени во 11 поглавја, поставени согласно трендовите во методолошките енциклопедиски изданија. Опфаќа 169 наслови и рубрики, над 420 фотографии, 10-тина картографски прикази и над 50 рекламни композиции за најмаркантните туристичко угостителски објекти во Скопскиот Регион. Искористени се над 100-ина библиографски единици. На промоцијата се обрати еден од авторите, проф. д-р Благоја Маркоски, редовен професор на Институтот за географија, при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во прилог е и дел од говорот на проф д-р Благоја Маркоски:

Делото Скопје и Скопскиот Регион претставува продолжение на проектот Македонија полна со живот. Овој проект започна околу 2010 година, а своето олицетворение најпрво го доживеа со издавањето на монографијата со енциклопедиски карактер под наслов МАКЕДОНИЈА – ТУРИСТИЧКИ БИСЕР во 2013 година (дело за кое на авторите им е доделена државната награда „Гоце Делчев“ во 2014 год.). Во него е обработена територијата на Република Македонија како целина и поодделно 10-те туристички региони меѓу кои се вбројува и Скопскиот туристички Регион. Делото Скопје и Скопскиот Регион е продолжение на  проектот со подетален приказ на природните и антропогените туристички вредности и потенцијали. Книгата се одликува со специфичен методолошки концепт. Таа не е класична туристичка студија и затоа методолошкиот пристап е конципиран според принципот на илустрираните енциклопедиски изданија. Редакциски, текстовите се уредени според принципите кратко, јасно, навремено, точно и илустративно. Во функција на туристичката дејност низ категориите простор и време поконкретно се обработени 11-те поглавја.

Првото поглавје се однесува на општите географски карактеристики на Скопје и Скопскиот регион со поконкретен приказ на најмаркантните туристички локалитети и објектите во нив. Во второто поглавје се зборува за хронологијата на настани од времето на палеолитот, неолитот, енеолитот, бронзеното време, железното време, класичниот период, средниот век, новиот век и современиот период, односно сегашноста. Во поглавјето археолошките локалитети се прикажани скоро сите објекти како на пример Тумба Маџари, Тврдината кале, Римскиот аквадукт, Адам од Говрлево и други. Христијанските објекти се презентирани низ еден поголем сет на манастири и цркви од различни временски периоди и различно значење. Преку исламските објекти е презентирана исламската култура од османлискиот период на владеење на овие простори. Посебно внимание е посветено на музеите во Скопје како објекти од клучно значење за туристичката дејност. Поглавјето Скопје – меѓу минатото и сегашноста, главно е посветено на покарактеристичните објекти во Скопје, традицијата и културата на живеење. Иако книгата во основа е ориентирана кон презентирање на туристичките вредности на Скопје и регионот околу него, неизбежно е презентирано и времето на катастрофалниот земјотрес од 1963 година и вниманието на пријателските нации и народи од светот, така што Скопје е опишано како град на светската солидарност и во оваа книга на едно место се потенцирани хуманитарните аспекти и дела на помош во несреќните моменти. Но Скопје и потоа живее, архитектонски се проширува и модернизира, но и повесело функционира, така што во посебен дел на оваа книга е прикажан сетот на фестивали и манифестации кои се одржуваат во Скопје и Скопскиот Регион. Кон овој сет се приклучени и аспектите на спортот, рекреацијата, спортските центри и објекти. Кон крајот на книгата е поместено поглавје во кое се прикажани разни информации за Скопје и Скопскиот Регион, кои понепосредно се поврзани и се важни за туристичката дејност. Прикажани се збратимени градови на Скопје, хотели, театри, музеи, кина, трговски центри, спортско рекреативни центри, такси служби, болници, амбасади и други информации.

Според целокупната текстуална содржина, фото-илустративна композиција и картографска презентација книгата СКОПЈЕ и Скопскиот Регион претставува општо корисно, несекојдневно дело со енциклопедиски карактер, дело од кое може да се стекнат голем број информации, дело низ кое може да се повторат некои подзаборавени лекции. Оваа книга сигурно ќе претставува мошне солиден репрезент на туристичките вредности, историјата, културата, традицијата и живеењето воопшто во Скопје и неговиот непосреден регион.

Како еден од редакторите, професорот Маркоски изрази благодарност кон сите кои посредно и непосредно помогнале во создавањето на ова значајно дело.

На крајот може да се резимира дека оваа енциклопедија претставува еден од најзначајните елаборати во сферата на туризмот и на еден јасен, разбирлив и многу сликовит начин ни ги презентира основните обележја на Скопје и Скопскиот регион, со осврт на атракциите и нивниот објективен туристички капацитет.

Подготвиле: м-р Владимир Златановски и м-р Христина Димеска.

Оваа статија е прочитана 810 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести, На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger