Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, По Светот » Посета на Музејот на националната историја во замокот Фредериксбoрг во Данска

Посета на Музејот на националната историја во замокот Фредериксбoрг во Данска

28.01.2019

Понесена од љубовта кон историските уметности и многуте приказни што ги слушнав за музејот Фредериксборг, во текот на месец јули 2018 година, заедно со моето семејство имавме прилика да се увериме во тоа колку уникатно и интересно е местово за туристи. Замокот Фредериксборг се наоѓа во градот Хилеред, односно 40 км северно од Копенхаген. Замокот е изграден на остров, обиколен со езеро и има убава градина во барокен стил. Самата градина се одржува со највисок квалитет, има прекрасни фонтани и многу статуи. Замокот бил изграден како кралска резиденција за кралот Кристијан IV во почетокот на 17 век, заменувајќи постар замок стекнат од Фредерик Втори и со цел да стане најголема ренесансна резиденција во Скандинавија.
По сериозен пожар во 1859 година, замокот бил повторно изграден врз основа на стари планови и слики. Благодарение на јавната поддршка и финансиската помош на пиварницата Ј.Ц. Јакобсен, зградата била целосно обновена до 1882 година, кога повторно беше отворена за јавноста како Дански музеј за национална историја. Музејот, кој е отворен во текот на целата година, содржи најголема колекција на портретни слики во Данска. Исто така, посетителите имаат можност да посетат неколку државни простории на замокот, вклучувајќи ја и реставрираната соба Валдемар и Големата сала, како и Капелата и Комората на публиката, кои беа во голема мера поштедени од огнот и содржат раскошни декорации.


• Собата Валдемар
Првиот и вториот кат од Кралското крило ја претставуваат историјата на Данска од 12 до 17 век. Собата во Валдемар содржи голем број на историски слики кои биле посебно нарачани за музејот, Тука има и копија од најстарото данско знаме од 1427 година. Оригиналот се користел за да се вее во катедралата во Либек, каде што бил уништен со бомбардирањето во 1942 година. Колекцијата на портрети содржи голем број вистински историски дела, вклучувајќи слики на Карел ван Мандер на Леонора Кристина и Кристијан IV, како и голем број дела на Џејкоб Бинк.

• Капелата
Капелата, осветена во 1617 година е дел од музејот. Тоа е најдобро зачуваниот дел од ренесансниот комплекс, кој не бил уништен во пожарот во 1859 година. Капелата се протега по целата должина на западното крило и има двокатна галерија и има богато украсен таван. Столбовите содржат фрески на библиски ликови, насликани во 1690-тите. Галериите биле украсени за време на владеењето на Фридрих III. Најзначајниот артефакт на капелата се оргулите направени во 1610 година. Најстарата оргула во Данска има 1.001 дрвени цевки. Нејзиниот оригинален вентилатор со рачен погон е зачуван. Инструментот е богато украсен со абонос, слонова коска и сребро.

• Големата сала
Големата сала се наоѓа над капелата и над западната крило. Била уништена од пожарот во 1859 година, но подоцна речиси целосно обновена благодарение на архитектонските слики. Реставраторската работа била извршена од страна на Фердинанд Мелдал, кој користел зачувани сегменти. Големиот лустер во центарот на собата е дело на ученикот на Мелдал, Карл Брумер.

• Собата Роза
Собата на приземјето во кралското крило позната како Роза првично била трпезарија за кралот и неговите дворјани. И таа била уништена во пожарот во 1859 година, а подоцна реконструирана од стари слики. Се смета дека Мелдал успеал повторно да употреби делови од декорациите на прозорецот, вклучувајќи ги и монограмите на Кристијан IV и кралицата Кетрин.

• Фонтаната Нептун
Фонтаната Нептун се смета за скулпторско ремек-дело на замокот. Таа била создадена помеѓу 1620 и 1622 за да ја претстави Данска како водечка нордиска сила во почетокот на 17 век. Сегашната фонтана е копија од оригиналот кој бил уништен од шведските трупи во 1659 година и однесен во Шведска за воени репарации. Реконструираната фонтана сега стои во градините на дворецот Дротнингхолм надвор од Стокхолм. Копијата била направена од Хајнрих Хансен во 1888 година со финансирање од Ј.Ц. Јакобсен.

• Парковите во замокот
Во 1850 година, замокот имал убава градина со дрвја, цвеќиња, канали и вештачки езера. На еден од островите, во норвешки стил била изградена мала дрвена куќа, од која кралот би можел да оди на риболов и да ужива со своите најблиски. Барокниот парк со неговите водопади, првично бил изграден за кралот во 1720-тите. Уредно поставени патеки, грмушки и цветници биле распоредени околу централната фонтана. Градината се одржувала до почетокот на 19 век, кога била напуштена. Грмушките пораснале, но патеките и терасите сè уште можеле да се видат. Во 1993 година било одлучено паркот да се обнови во неговиот оригинален стил, така што во во 1996 година повторно бил отворен. Изработени од минијатурна жива ограда, монограмите на Фридрих IV, Кристијан VI, Фредерик V и Маргарет II претставуваат елементи на централниот дел.

Замокот Фредериксборг е оворен за посета од понеделник до недела (11 до 15 часот), а барокната градина е отворена секој ден од 10 часот до зајдисонце – најдоцна до 21 часот. Влезницата чини 75 дански круни или околу 10 евра. Со турнеја низ убавите соби на музејот ќе се сретнете со статуи на кралеви, кралици, благородници, буржоази, ќе забележите повеќе временски епохи кои ја обликувале историјата и развојот на Данска од Средниот век до денес. Прошетката низ прекрасните простории на музејот е прошетка низ 500-годишна историја на Данска, илустрирана со портрети, историја, мебел и декоративна уметност. Потребно е повеќе време за да прошетате низ целиот замок и да обрнете внимание на секој детал во секоја просторија. Архитектурата е прекрасна, заедно со сликите на таваните, мебелот и целиот ентериер.
Замокот Фредериксборг заедно со Музејот на националната историја е идеално место за посета, нудејќи незаборавни искуства, уникатни моменти и спомени вредни за паметење.


Извори:
www.dnm.dk/uk/forside.htm
www.visitcopenhagen.com/copenhagen/fredensborg-palace-gdk423442
kongeligeslotte.dk/en/palaces-and-gardens/fredensborg-palace-and-palace-gardens.html
famouswonders.com/frederiksborg-palace/

Текст и фотографии: Мартина Коколанска, ученик во СОУ “ Гоце Делчев” Валандово
Корекции: Славица Тенекиџиева, дипломиран географ

Оваа статија е прочитана 1652 пати!

Автор:

Од категорија: На тема, По Светот

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger