Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Викенд предлог, На тема, Чудесна Македонија » Лубничките Слапови (водопади) во заборавената Лакавичка Област

Лубничките Слапови (водопади) во заборавената Лакавичка Област

Географска положба на областа Лакавица

05.02.2019

Областа Лакавица е една од малку познатите и ретко посетените краеви во Република Македонија. Областа се наоѓа по долината на реката Крива Лакавица, па оттаму доаѓа и нејзиното име. Лакавичката Област од три страни е заградена со неколку ниски и средно – високи планини како што се  планината Смрдеш (Еленица 971 m) на североисток и исток, Конечка Планина (Волчјак 1159 m) на запад и Градешка Планина (Вршник 1031 m) на југ. На север областа Лакавица со долината на реката Крива Лакавица е отворена кон долината на Брегалница.  Денес, најголемиот дел од оваа област е административно организиран во една мала рурална општина со седиште во селото Конче. Општината Конче регионално гравитира кон градот Радовиш, а до истата може да се стигне од два правци и тоа од градот Штип кон езерото Мантово и од Радовиш преку селата Ивање и Дедино. Вториот патен правец е многу повеќе користен, но и е во многу подобра состојба. Во рамки на оваа област се наоѓа и селото Лубница, каде се наоѓаат Лубничките слапови (водопади).

Водопад (слап) II, дел од горниот дел висок 3 метри

Лубничките Слапови или водопади се наоѓаат на реката Пршева, а оттаму може да се именуваат како и Пршеви Слапови. Реката Пршева извира од планината Серта или Конечка Планина. Реката ја формираат два потоци, кои потоа се прихрануваат со вода од уште 5 потоци, од нив 4 потоци се од левата, а еден е од десната страна. Реката Пршева во долниот тек е позната како „Трска“ и претставува лева притока на реката Крива Лакавица (притока на Брегалница).  Пршева Река во горниот тек (извор – село Лубница) има изградено стрмна долина, која има вкупен пад од 330 метри или на секои 100 метри во должина речното корито паѓа за 13,3 метри во височина. Токму на тој простор се појавуваат серија на разиграни слапови и водопади, кои ги има во изобилство. Од нив 5 слапови (водопади) се повисоки од 2 метри, од кои 3 се повисоки од 4 метри. Водопадите се распоредини од 590 до 750 метри н.в.. Првиот водопад се наоѓа веднаш над селото Лубница, а покрај него поминува планинарска патека, која продолжува паралелно со водотекот Пршево се до преминот „Преслап“.

Слап IV

Водопадот I претставува типичен водопад, кадешто водата паѓа вертикално, истиот е висок 4 метри и е составен од 2 дела, секој од нив е висок по 2 метри. Во долниот дел, водопадот има формирано мал вир или „џиновски лонец“. Вториот водопад (слап) се наоѓа на околу 100 метри низводно од првиот, истиот е изграден од три слапови со вкупна височина од околу 5 метри. Третиот слап се наоѓа на 300 метри низводно од вториот. Овој систем е изграден од четири слапови и сите заедно го формираат највисокиот  слап (слап III) на реката Пршева, кој има вкупна височина од околу 6 метри. Водата кај третиот слап од овој систем на слапови (слап III) има речиси вертикален пад со височината од 2 метри и истиот има изградено „џиновски лонец“ или мал вир со кружна форма. Четвртиот водопад или слап IV се наоѓа на 10 минути од третиот слап, овој слап има височина од околу 3 метри. Петиот слап од оваа група на високи слапови се наоѓа на левиот поток кој ја формира реката Пршева. Овој слап е составен од два дела со вкупна височина од 2 метри. Слаповите и водопади на Пршева Река се од привремен карактер, најмногу вода имаат во врнежливот период од годината, особено во текот на зимата и пролетта па се до крајот на месец мај. Во текот на летото и почетокот на есента слаповите се без вода.

Водопад I – висок 4 метри

Слап II – составен од 4 дела со вкупна височина од 6 метри

Извори:
– ВГИ (1987) Топографска карта 1:100 000 – Демир Капија, лист 783
– www.wikipedia.com
– Теренска посета на 03.02.2019

Автор: Дарко Стојчески, дипломиран географ

Оваа статија е прочитана 843 пати!

Автор:

Од категорија: Викенд предлог, На тема, Чудесна Македонија

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger