Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Убавините на Рашковец – долината помеѓу кратовските вулкани!

Убавините на Рашковец – долината помеѓу кратовските вулкани!

5.03.2019

Кратовската област е позната по карактеристичниот палеовулкански пејзаж кој се одликува со бројни вулкански купи, некови, траги од течење на лава, вулкански бомби и сл. Ваквата релјефна морфопластика се одразила и на хидрографските, почвени, вегетациски и останати природни, па и социо-економски карактеристики на овој простор. За жал, голем дел од уникатните појави и локалитети со кои изобилува подрачјето околу Кратово, сеуште не се доволно истражени, ниту презентирани на пошироката јавност. Токму затоа, во оваа статија на кратко ќе ве запознаеме со живописната месност Рашковец кој се наоѓа во долината на истоимениот повремен водотек, 2-3 km северно од градот Кратово.

До него, најлесно може да се дојде преку патот кој води од кружниот тек на влезот во Кратово, кон “Зорле маало”, а потоа пеш по јасно видлива пешачка патека која води низ долината. Самиот водотек (Рашковец) е долг околу 10 km и функционира главно за време и неколку денови до недели по појава на врнежи или топење на снег, додека во останатиот период речното корито е суво. Причина за такво нешто е големата обесшуменост на овој простор уште од времето на Османлиското владеење кога огромна количина на дрвна маса се користела за топење на руда, за огрев и други намени. Уникатноста на Рашковец е тоа што тече преку терен со променлив геолошки состав што се одразило на морфологијата на неговата долина. Така во горниот дел, сливот е изграден главно од палеозојски шкрилци додека во долниот дел од мешавина на неотпорни вулкански туфови и бречи, со појаси од доста цврсти андензитски (лавични) карпи. Тоа условило силна селективна ерозија со скалести карпести отсеци надолжно и попречно на речната долина. Така, кога водотекот Рашковец функционира, по неговата должина се јавуваат неколку водопади, од кои најголемиот е висок дури 12 метри. Истиот, особено е интересен при поголем протек на водата, кога формира тенка водена завеса. Водопадот се наоѓа токму во месноста Рашковец, на околу 650 метри надморска височина.

Околу самиот водопад има крупни вулкански бомби со различна големина, од кои некои достигнуваат пречник и до 1 m. Вулканските бомби со вакви димензии зборуваат за жестината на некогашните експлозивни ерупции, кои на овие простори биле активни пред околу 20 до 30 милиони години (односно помеѓу олигоцен и миоцен). Покрај водопадите и вулканските бомби, интересна релјефна појава на долинските страни се пространите ерозивни плочници – резултат на оголеноста и силна еродираност на вулканските бречи и туфови, а на неколку места се забележуваат фосилизирани лавични текови. Движејќи се пак нагоре по долината, се поминува низ густа шума покрај самиот водотек, а речното корито е каменливо, наместа со мали базенчиња (вирови), брзаци и водопади. Секако, по престојот во природа, посетителите можат да поминат низ градот Кратово и да се освежат еден од бројните традиционални ресторани како и да пробаат од Кратовската пастрмајлија. За оние пак којшто еден ден не им е доволен и сакаат да видат нешто повеќе од бројните природни и културни атракции, можат да преспијат во Хотел Кратис и утредента да продолжат со своите авантури.

Подготвиле: Бојана Алексова и Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 1801 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger