Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, Чудесна Македонија » Патепис од теренската настава во областа Азот…

Патепис од теренската настава во областа Азот…

30.04.2019

Основното училиште “Стојан Бурчевски Буридан” – Иванковци секоја година во нивната програма за работа има планирано теренска настава за учениците во природа. Организатор на овие теренски настави е наставникот по географија Трајче Недев, во соработка со наставниците од училиштето. Оваа година теренската настава се одржа во областа Азот, во период 19-21.04.2019 година. Нашето патување го започнавме од селото Иванковци со крајна дестинација до манастирскиот комплекс Св. Ѓорѓија, околу 5 km оддалечено над селото Ореше. Прво застанување беше кај селото Богомила, кадешто учениците имаа можност да се запознаат со историското наследство на ова село. Учениците имаа можност да го видат веќе прочуениот ѕиден мост од Римско време како и спомен куќата на македонскиот револуционер и еден од основачите на ТМОРО Петар Поп Арсов. Бистрите води на Бабуна, опкруженоста на селото со високите планини како и прекрасното сончево утро направија да уживаме во прошетката низ с. Богомила. После ова интересно доживување се упативме кон Манастирскиот комплекс Св. Ѓорѓија, каде попатно панорамски го разгледавме мијачкото село Ореше. Последните неколку километри од патот беа со многу кривини и со стрмни засеци каде што се подигна адреналинот на учениците на високо ниво. Околу 12 часот пристигнавме во комплексот на надморска височина од 1100 m, топло добредојде ни посака домарот Горан. Спектакуларниот поглед од домот и одличните услови кои ги нуди е топла препорака за секој добронамерник. Учениците се сместија во собите и по кратката пауза бевме подготвени за следното доживување. Се упативме кон шумската патека, низ која навидум лесна, но сепак исполнета со низа предизвици, преминување на потоци, паднати дрвја, мали наклони, стрмни сектори.

На крајот на патеката, на последната кривина, пред нас се издигнуваше прекрасен водопад кој предизвика големо воодушевување меѓу учениците. Имено, тоа беше водопадот на Орешка река, притока на реката Бабуна. Самата височина на водата што паѓаше од околу 20 m, претставуваше вистинска атракција која ги инспирираше учениците да направат одлични фотографии. По потрошени два забавни часа се вративме во домот, каде што учениците ги покажаа своите вештини во приготвување на храна, на кои и наставниците беа импресионирани. Вечерта беше резервирана за одмор.

Следниот ден учениците имаа настава од околу три училишни часа. Првиот час беше резервиран за физички вежби. Потоа наставниците Иле Попов и Сандра Ноневска им одржаа предавање за планинарење, која опрема треба задолжително да ја имаат и како да се однесуваат во планина. На крај учениците имаа практични вежби со наставникот по географија Трајче Недев, за ориентација во простор со и без инструменти. После појадокот се подготвувавме за следното искушение кое и најмалку не беше едноставно. Овој пат таргет беше селото Папрадиште. За да успееме во тоа треба да се искачиме некаде околу 1500 m надморска височина над домот, каде што бевме сместени, па да се спуштиме кон Папрадиште, кое се наоѓа на околу 1000 m надморска височина.

Се движевме по маркирана патека низ шумски простор. На почетокот патеката беше широка и лесна, меѓутоа, во средишниот дел патеката беше со голем наклон и се јави сомнеж дали ќе успееме во нашите намери. Дополнителен напор ни предизвикуваше лизгавиот терен со многу лисја. Измореноста на учениците беше воочлива. Заедно со наставниците им сугериравме дека треба да се вратиме, но бевме изненадени од нивната упорност и желба да го совладаат предизвикот. Невозможното го направивме возможно, испаднавме од шумата и знаевме дека сме близу до целта. Конечно по два саата планинарење дојдовме до сртот на Куртовица, од каде што погледот беше непроценлив. Планината Даутица се издигнуваше пред нас а во далечина се гледаше и врвот Солунска Глава. Задоволството на учениците беше огромно. Со двоглед ги набљудувавме околните географски објекти, овој пат од птичја перспектива.

Тивкиот ветер веќе стануваше се посилен, температурата беше околу 5°, надоаѓаа и облаци кои наговестуваа и дожд и тоа беше всушност аларм дека сепак треба да се враќаме назад. Тоа што не успеавме да дојдеме до следното мијачко село Папрадиште не зажаливме, бидејќи претходната година бевме таму. Кога се вративме во домот се осети голема среќа меѓу учениците од потфатот што го направија. Вечерта ја поминавме во забава, дружење и играње на друштвени игри во кои учениците се натпреваруваа во шах, карти, бинго на кои имаа и пригодни награди.

Неделното утро беше ладно иако имаше сонце. Учениците после појадокот имаа за задача да потполнат бележник за теренската настава, како и анкетен прашалник. После тоа се подготвувавме за напуштање на домот. Следна дестинација ни беше рибникот во Нежилово, каде што не пречека сопственикот, кој љубезно ги запозна учениците со рибникот и на крај за ручек пробавме и вкусна пастрмка. Теренската настава ја заокруживме во селото Теово, каде што пред импресивниот јавор засаден од 15 век, им доделивме дипломи на учениците за успешно реализираната теренска настава.

Благодарност до сите наставници кои земаа учество во изведувањето на оваа теренска настава.

Подготвил: Проф. Трајче Недев

Оваа статија е прочитана 2462 пати!

Автор:

Од категорија: На тема, Чудесна Македонија

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger