Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Утре ни пристигнува долго, жешко и „нестабилно“ лето!

Утре ни пристигнува долго, жешко и „нестабилно“ лето!

20.06.2019

Утре (петок), на 21 јуни, во 17 часот и 54 минути, на 172-риот ден во годината, на северната полутопка и во Македонија почнува летото. Поради поставеноста на Земјата кон Сонцето, на северната полутопка, оваа недела ќе биде најдолгиот ден во годината (летен солстициум), а на јужната пак, ќе биде најкраткиот ден. Така, Сонцето во Скопје ќе изгрее во 4 часот и 58 минути, а ќе зајде во 20 часот и 12 минути. Денот ќе трае цели 15 часа и 14 минути, а ноќта само 8 часа и 46 минути.
Веќе од сабота (22.06), деновите ќе почнат да се скратуваат за по околу 2-3 минути, а за сметка на тоа ќе се зголемуваат ноќите и тоа до зимскиот солстициум (зимска краткоденица) на 22 декември 2019 година.
Поради елипсоидната форма на Земјата, должината на најдолгиот ден и најкратката ноќ се различни одејќи од екваторот кон половите, а различни се дури и во нашата држава. Така, во најјужните делови на Македонија (во правец на Битола), денот ќе трае 15 часа и 5 минути, а во најсеверните делови (над Крива Паланка) ќе трае 15 часа и 17 минути. На екваторот, денот и ноќта ќе траат подеднакво по 12 часа. На северниот пол, пак, денот веќе трае непрекинато 6 месеци, а на јужниот пол со слично траење од 6 месеци е ноќта. Летото ќе трае 95 дена и ќе заврши на 23 септември во 9 часот и 50 минути (по средноевропоско време кое е официјално и во Македонија), кога на северната полутопка ќе почне есента. Прогнозите на големите светски метеоролошки центри, укажуваат дека оваа лето на Балканот и во Македонија ќе биде натпросечно топло и со чести појави на невреме. Се очекува температурите да бидат високи, но не и екстремни (ретко ќе поминуваат над 40 степени Целзиусови), а голема е веројатноста и за т.н. „продолжено лето“ кое ќе трае до крајот на септември и почетокот на октомври. Чести непогоди проследени со интензивни врнежи, грмежи и град, ќе има до средината на јули, а помалку во август и септември, со можни поплави во пониските предели, силна ерозија и свлечишта. Спротивно на тоа, во западниот и централниот дел на Европа, се очекува летото да биде екстремно топло, со голем број на шумски пожари. Овие прогнози се во согласност со сценаријата и проценките за климатските промени во овој дел на Европа. Затоа планирајте каде и како ќе се разладувате, но воедно внимавајте на претераната изложеност на високите температури и УВ зрачење, кое често ќе се искачува над ризичниот индекс 9!

Интересно е да се напомене дека иако на северната полутопка почнува летото, по 10-тина дена, поточно на 6 јули, Земјата ќе биде најдалеку од Сонцето за оваа година или на 152 милиони километри – положба позната како афел. Сепак, оваа оддалеченост е само 2,5 милиони километри поголема од просечната, а со оглед на распоредот на копното (од кое поголемиот дел е на северната хемисфера), нема големо влијание врз температурите.

Извор: http://www.accuweather.com

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 1454 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger