Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Наставни » Инсерти од теренската настава низ Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија, реализирана во јуни 2019 година

Инсерти од теренската настава низ Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија, реализирана во јуни 2019 година

21.06.2019

Последната реализирана теренска настава за студентите од Институтот за географија се реализираше на територијата на Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија. Просторни целини кои се одликуваат со несекојдневна убавина и автентичност.

Првата дестинација која се посети беше туристичкиот бисер на Хрватска, градот Дубровник, препознатлив по стариот дел на градот и автентичните тесни и скалести улички, кои ја зголемуваат естетската вредност на оваа луксузна туристичка дестинација на Јадранот. Покрај другото, Дубровник е препознатлив и по снимањето на сцени од мега популарната серија Игра на тронови, што дополнително влијае кон неговата изразена туристичка популарност.

Инсерти од Дубровник (Фото: Бл. Маркоски, 2019)

Понатаму, патувањето продолжи кон Босна и Херцеговина, каде најпрво се посети пештерата Вјетреница (името го добила поради силниот ветер во внатрешноста), најпознатата пештера во Босна и Херцеговина, која во 1952 година ја добива титулата Споменик на природата (со должина од 7.013 метри), а од 2004 година се наоѓа на прелиминарната листа на UNESCO за светско наследство. Денес е прилагодена за туристички посети во должина од 650 метри.

Влез во пештерата Ветерница (Фото: Бл. Маркоски, 2019)

Дополнително, се посети и Хутово Блато, птичји и резерват на природата кој се состои од мочуришта, а претставува живеалиште на голем број на ендемични видови, дом е и на 240 видови птици, како и 23 видови риби.

Студентите имаа можност да ги видат и најубавите водопади во БиХ, Кравице, кои несомнено располагаат со исклучително важна естетска вредност. Нивната височина е околу 25 метри и се поделени на 20 слапови под кои е формирано езеро широко 120 метри.

Пејзаж од Слаповите Кравице (Фото: Бл. Маркоски, 2019).

Дополнително, како дел од програмата се посети и надалеку познатиот религиозен центар „Меѓугорје“, кој претставува туристичка дестинација, која годишно ја посетуваат околу 1 милион посетители, од повеќе од 100 земји. Меѓугорје својата афирмација ја добива по 24 јуни 1981 година, кога Дева Марија се појавила пред шест тинејџери и им оставила пет пораки, и тоа: секојдневни молитви и читање на Библијата, пост во среда и петок, месечно исповедување и свето причестување.

Инсерти од Меѓугорје (Фото: Благоја Маркоски, 2019).

Разгледот на Мостар, со стариот дел на градот и со популарниот и препознатлив мост на Неретва, претставува ново и несекојдневно искуство за секој посетител, па и за студентите, учесници на теренската настава.

Мостар со стариот (нов) мост на река Неретва (Фото: Бл. Маркоски, 2019).

Во близина на градот Благај, се наоѓа карстниот извор Врело Буне, еден од најсилните карстни извори во Европа, кој извира од пештера под вертикално издигнатиот отсек, со капацитет од 43 m3 вода во секунда. Веднаш до изворот лоциран е манастирот Текија, кој бил изграден за време на Отоманската империја, подоцна во неколку наврати реконструиран, но сепак го задржал првобитниот изглед.

Врутокот на река Буна (Фото: Бл. Маркоски, 2019).

Впечатокот е неповторлив и уникатен и позитивните сеќавања нема да ги наруши ниту поројниот дожд кој не пречека на изворот. Овој простор номиниран е на листата на UNESCO како природно-архитектонски комплекс во 2007 год.

Во продолжение го посетивме и Сараево, градот кој реката Миљацка го дели на два дела. Прошетката и разгледот на градот и препознатливата Баш Чаршија беше навистина неповторливо искуство, како поради убавините на градот, така и поради начинот на негова презентација од господинот Зија, локален туристички водич, кој е толку уникатен, колку и неговиот пристап во презентација на обележјата и историјата на Сараево.

Како дел од програмата беше и посетата на Вишеград, градот познат по Нобеловецот Иво Андриќ, и мостот на Дрина, мост која за домашните жители живот значи и чија вредност е симболично прикажано во романот „Мостот на Дрина“.

Вишеград и мостот на Дрина (Фото: Бл. Маркоски, 2019).

Последна дестинација беше посетата на Дрвен Град на Мокра Гора во Србија. Туристичка атракција создадена и креирана од познатиот Емир Костурица, чија идеја за  искористување на природата и културното наследство, постанува успешна реална приказна и влијае кон заживување и ревитализација на просторот.

Дрвен град (Фото: Бл. Маркоски, 2019).

На крајот може да се резимира дека студентите имаа можност да видат голем број на природни атракции, но и значајни антропогени обележја и културни добра, а теренската настава беше успешно реализирана благодарение на студентите и нивното совесно однесување, но и водството на наставниот и соработничкиот кадар.

Технички организатор на патувањето беше туристичката агенција “Оскар Травел Сервис“, која успешно и на високо ниво ја реализираше својата обврска.

Подготвиле: д-р Христина Димеска и проф. д-р Благоја Маркоски

Оваа статија е прочитана 1320 пати!

Автор:

Од категорија: Наставни

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger