Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » По Светот » Моренското Езеро и Езерото Луиз во Канада – меѓу најчистите во светот!

Моренското Езеро и Езерото Луиз во Канада – меѓу најчистите во светот!

28.06.2019

Националниот парк Банф (Banff) е најстариот национален парк во Канада и е основан во 1885 година. Се наоѓа во Карпестите планини, 110 km западно од Калгари во провинцијата Алберта. Банф опфаќа 6.641 км кв. планински терен, со многу глечери, густа зимзелена шума и стрмни отсеци. Овој канадски парк може да се пофали со некои од најдобрите недопрени екосистеми во светот. Денес, Банф е една од најпознатите светски дестинации, опфаќајќи регион со неверојатни величествени планински предели. Секоја година, милиони туристи го посетуваат Банф и уживаат во уникатноста на ова место и живописната природа што ја нуди. Банф е дел од светското природно наследство на УНЕСКО, заедно со Канадските Карпести Планини.
Најчистите и најубавите езера во светот се наоѓаат токму тука. Моренското Езеро и езерото Луиз се меѓу најпосетуваните езера во овој национален парк.
Моренското Езеро кое има тиркизна вода и планинско опкружување, е скриено во канадските карпести планини. Се наоѓа на надморска височина од 1885 метри и има површина од 50 хектари. Една од најпопуларните активности на Моренското Езеро, застапена повеќе од еден век е кајакарството. Доколку туристите посакат да го видат езерото од птичја перспектива имаат можност бидејќи има достапни хеликоптерски тури. Ако некој не сака височини и нема интерес за кајакарство, тогаш има можност да се вози со гондола.

Моренското езеро

Живописните синозелени води на Моренското Езеро се заштитени во “Долината на Десетте врвови”. Прошетка по должината на брегот, кајакарство, пешачење и фотографирањето се најпопуларни активности овде. Моренското Езеро е отворено за туристите од средината на јуни до средината на октомври, а потоа се затвора во текот на зимата, поради силни снежни врнежи и ризик од лавини. Во зависност од условите, патот се отвора некаде помеѓу третата недела на мај и првата недела на јуни и се затвора во октомври. Пејсаж од Моренското Езеро е прикажан на канадските 20 долари во 1969 и 1979 година, која го доби прекарот “Поглед на 20-те долари”.

Покрај Моренското Езеро, преубаво е и езерото Луиз, исто така во Националниот парк Банф. Долго е 2,5 км и длабоко 90 метри. Езерото нуди одлични услови за љубителите на веслање. Лос, мечки, пума и елени се само некои од многубројните животни што го сочинуваат животинскиот свет покрај езерото. Здогледување на диви животни е вообичаено на 60-километарскиот автопат меѓу градот Банф и Езеро Луиз.

Езерото Луиз

Благодарение на глечерите и нивното топење, водата во ова езеро секоја зима замрзнува. До езерото има прекрасна патека од најблиското село, која поминува низ преубава шума, иако планинарите мора да бидат претпазливи заради мечките кои ги има во поголем број. Гризли мечките, иако по природа се срамежливи и обично преферираат големи височини, понекогаш се спуштаат кон населбите и во близина на луѓето.
Во овие езера е забрането капење поради нивната заштита и чистота, но затоа пак е можно крстарење. Со право овие две езера го носат епитетот – најчисти езера во Канада и едни од најчистите во светот.

Извори:
https://www.travelassociates.com/luxury-holidays-news/11-things-you-probably-didnt-know-about-lake-louise
https://www.banfflakelouise.com/moraine-lake
https://www.wildcanada.net/moraine-lake.html
https://www.travelalberta.com/ca/listings/moraine-lake-1209/
https://www.travelassociates.com/luxury-holidays-news/11-things-you-probably-didnt-know-about-lake-louise
https://www.lonelyplanet.com/canada/alberta/lake-louise

Подготвиле:
Мартин Петров, ученик во ООУ” Срашо Пинџур” – Јосифово, Валандово
Славица Тенекиџиева, дипломиран географ

Оваа статија е прочитана 2509 пати!

Автор:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger