Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, Чудесна Македонија » Изработени модели на просечно траење, максимална и просечна височина на снежната покривка во Македонија!

Изработени модели на просечно траење, максимална и просечна височина на снежната покривка во Македонија!

5.07.2019

Поради недостаток на карти и податоци за просечно траење и височина на снежната покривка на територијата на нашата држава, а поради потребата од такви податоци, изминатиот месец се пристапи кон изработка на модел за овие климатски елементи. Како основа, во постапката беа користени податоците од Лазаревски (1993), за метеоролошките станици во Македонија, за периодот 1951-1980. Овие податоци беа надополнети со пресметките од дневните сателитски снимки MODIS Terra за периодот 2009-2019 година. Претходното послужи за висинска и просторна интерполација на вредностите. Покрај нив, во предвид беа земени климатско-топографските елементи коишто имаат влијание врз должината на задржување на снежната покривка и врз нејзината височина. Такви се: просечното месечно количество на врнежи во комбинација со просечните месечни температури, потоа експозициите на релјефот (со оглед на тоа што на северните експозиции, снегот се задржува подолго отколку на јужните) и формата на падините, односно дали станува збор за конкавен-вдлабнат или испакнат терен. Моделирањето е извршено со посебна постапка во софтверскиот пакет SAGA GIS, при што неколкукратно се вршени проверки и корекции на добиените податоци. Како краен резултат се добиени три модели, од кои првиот покажува просечно годишно траење на снежната покривка,  вториот максимална повеќегодишна, а третиот просечна повеќегодишна височина на снегот. Според овие модели, должината на траење на снежната покривка се зголемува од најниските делови т.е. Гевгелиско-Валандовско поле каде изнесува помеѓу 5-10 дена, до највисоките осојни планински предели над 2000 метри, каде достигнува преку 200 дена. Треба да се нагласи дека станува збор за просечно повеќегодишно траење на снежната покривка, иако секоја година должината е различна.

Моделот на максимална повеќегодишна височина на снежната покривка (средна вредност од максималните височини) ги користи скоро истите влезни податоци, а единствено постапката е поинаква. Податоците од овој модел покажуваат дека најниските подрачја на државата имаат мала максимална височина на снежната покривка од околу 5-15 cm, која постепено се зголемува кон највисоките осојни планински делови, каде изнесува до над 1 m.

Третиот модел ја дава просечната височина на снегот, од почетокот до крајот на периодот со снежна покривка. Слично како и за траење на снежната покривка, просечната височина на снегот се зголемува од Гевгелиското подрачје, каде што е просечно околу 3-5 сm годишно до околу 45 сm во највисоките осојни планински делови.

Овие три модели кои се со резолуција од 15 m даваат вредности за било која точка на подрачјето на Македонија. Со финалните проверки на моделите и достапните метеоролошки и сателитски податоци е добиено совпаѓање над 90%, што укажува дека моделите можат да се користат за согледување на трите параметри, за било кој дел од државата.

Споредба на точноста на податоците од моделот и од метеоролошките тсаници за траење на снежната покривка во денови.

Точната постапка како се добиени моделите, колкави се отстапките и за какви цели може да се користат, ќе се најдат во научниот труд кој ќе биде публикуван наскоро.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 796 пати!

Автор:

Од категорија: На тема, Чудесна Македонија

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger