Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести, На тема » Ноќва ќе има делумно затемнување на полната Месечина!

Ноќва ќе има делумно затемнување на полната Месечина!

16.07.2019

Вечерва, помеѓу 16 и 17 јули, во 22.01 часот, на небото ќе започне затемнување на Месечината. Природниот сателит ќе биде најмногу покриен со сенката на планетата Земја во 23.31 часот, а од неа ќе излезе во еден часот по полноќ. Затемнувањето настанува поради движењето на Месечината околу Земјата, при што често пати таа влегува во Земјината сенка. Според тоа, затемнувањето на Месечината може да се случи само во фазата на полна Месечина, односно кога таа е во опозиција (на спротивна страна од Сонцето или „зад Земјата“). Само во таква положба, постои можност Земјината сенка целосно да го покрие осветлениот дел на Месечината, односно нејзиниот диск. Иако би требало да се очекува да има затемнување секој месец, тоа не е така бидејќи Месечината не е во истата рамнина со орбитата на Земјата околу Сонцето (туку под агол од 5 степени). Исто така, орбитата на Месечината не е кружна, туку елипсеста со најблиска положба во перигеј (на растојание од околу 360.000 км од Земјата) и најдалечна во апогеј (на околу 400.000 км). Затоа, само 2-5 пати годишно, нашиот природен сателит поминува низ сенката на Земјата, што доведува до нејзино целосно затемнување. За време на затемнувањето, Месечината ќе има темно-црвена до бакарна боја (појава позната како „крвава Месечина“), затоа што е осветлена од рабните Сончеви зраци кои се прекршуваат низ Земјината атмосфера и делумно влегуваат во просторот на Земјината сенка.

Целиот тек на затемнувањето (помрачувањето) на Месечината ќе може да се набљудува од Јужна Европа, Блискиот Исток, поголемиот дел од Африка, западна Индија и Антарктикот. Доколку дозволат временските услови, појавата ќе биде видлива и од Македонија, а затемнетоста околу полноќ ќе изнесува близу 50%. Со оглед дека до крајот на 2019 година ова ќе биде единствено затемнување видливо од Македонија, вљубениците во ноќното небо не треба да ја испуштат можноста да уживаат во црвеникавата месечева боја.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 793 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести, На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger