Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Ви треба хотел? Побарајте на Trivago

Ви треба хотел? Побарајте на Trivago

26.07.2019

Trivago претставува светски познат интернет портал (онлајн компанија) фокусиран на избор и сместување во хотел, апартман, вила и слично. Порталот и компанијата се формирани во 2005 година во Дизелдорф, Германија од страна на Штефан Стабнер, Петар Винмајер, Малт Зиверт и Ролф Шремгенс (Stephan Stubner, Rolf Schrömgens, Peter Vinnemeier и Malte Siewert). Оваа компанија е првиот онлајн хотелски пребарувач во Германија и за брзо време остварила огромен пораст, двојно зголемувајќи го профитот од 2008 до 2012 година. Поради успехот во работата, во 2013 година е преземена од американската Expedia за фантастични 650 милиони долари. Денес има преку илјада вработени, а остварува годишен приход од близу милијарда долари.

Trivago нуди можности за споредба на квалитетот, типот, видот, удобноста и цените на близу милион објекти за сместување (главно хотели), присутни на преку 250 портали за резервации. Објектите и цените кои се прикажуваат на Триваго се „позајмени“ од други познати портали, како што се Expedia и Booking.com. Тоа значи дека корисниците, според свои критериуми и споредбата на цените, одбираат кој од понудените објекти најмногу се вклопува во нивните потреби, со тоа што процесот на резервација се извршува преку порталот кој го нуди тој хотел. Заради можноста за брза споредба на цените и карактеристиките на објектите, Trivago месечно го посетуваат преку 120 милиони луѓе ширум светот. Овој портал има огромна база на податоци со околу 200 милиони оценки за хотели, 14 милиони фотографии, на 55 светски јазици. Достапен е за разни компјутерски платформи, а како посебна апликација и за Андроид, iOS, Линукс и др.

Едноставниот пребарувач на Триваго во главното мени.

Резервација на сместување на овој сајт се врши така што најпрво се одбира дестинацијата, број на денови за престој (почетен до краен датум) и тип на сместување (соба, апартман, студио и сл.). Потоа се појавува предлог листа на слободни сместувачки објекти во бараната дестинација, при што може да се изврши „филтрирање“ на листата според категорија на објектите, цената, оддалеченоста од плажата или центарот на местото и слично. Така се стеснува „листата“ а се олеснува изборот на сместувачки објекти кои би дошле во предвид, а заради прегледност, истите се означени на мапа (карта) под самите филтри. При изборот на посакуваното сместување, на самиот портал се прикажуваат фотографии од објектот и неговата непосредна околина, поконкретни информации од значење и удобностите кои ги нуди (балкон, базен, градина или др.). Секој посетител има можност да остави свое искрено мислење за хотелот (review), кое понатаму ќе биде од корист за идните потенцијални посетители.

Најбитниот сегмент што го прави Триваго посебен е можноста за споредба на понудите од повеќе портали (Booking.com, Expedia, Agoda…), со лесен избор и резервација на објект на оној портал кој нуди најниска цена за ист објект. Овој пребарувач располага со онлајн листа на околу 800 сместувачки капацитети во Македонија, од кои најголем број се во Охрид, Скопје и Битола. Така, во јуни 2019 година, Скопје има 289 објекти на Trivago, додека Охрид има 251 објект, Битола 18 објекти итн.

Листа на хотели за дадена дестинација, со избор на цени од повеќе портали.

На крај, да споменеме дека студентите на насоката Туризам на Институтот за географија при ПМФ во Скопје, во рамките на предметот Туристички информациски системи (ТИС), покрај останатите е-туристички портали се запознаваат и со порталот Trivago. Тоа ќе им овозможи полесно користење на овој и сродните портали, како за сопствена цел, така и за букирање на соодветни објекти како дел од својата работа.

Извор: en.wikipedia.org/wiki/Trivago

Изработка: Јаневска Ана, студент на Институтот за географија – насока туризам. Корекција: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 672 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger