Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести, Наставни » Одличен настап на македонскиот тим на 13-та Светската Олимпијада за геонауки, IESO-2019

Одличен настап на македонскиот тим на 13-та Светската Олимпијада за геонауки, IESO-2019

7.09.2019

Во периодот од 26 август до 3 септември во Даегу, Јужна Кореја, се одржа 13-та Светска Олимпијада за геонауки IESO 2019, под мотото: „Со пасија кон геонауките продолжуваме понатаму…“. На настанот учествуваа преку 180 ученици и околу 120 ментори и набљудувачи од 42 држави од сите континенти, меѓу кои: САД, Австралија, Русија, Јапонија, Кина, Јужна Кореја, Тајланд, Филипини, Малезија, Индија, Непал, Кувајт, Малави, Бразил, Турција, Казакстан, Украина, Италија, Франција, Австрија, Германија, Романија, Норвешка, Финска, Чешка, Литванија, Естонија итн. И покрај големиот број на присутни натпреварувачи, ментори и набљудувачи, организацијата беше на извонредно ниво, со максимално коректен однос кон сите учесници и нивната култура.

На оваа олимпијада, во организација на Македонското географско друштво учествуваше тим од нашата држава, составен од 4 ученици (Јована Маниќ, Кристина Спасовска, Оливер Куновски и Сара Стојчевска), 2 ментори и еден набљудувач. Учениците – гимназијалци, беа избрани со селекција на државниот натпревар по географија и дополнителен избор според покажаните знаења. Нивната стручна подготовка се одвиваше во периодот мај-август од страна на д-р Ивица Милевски и д-р Свемир Горин, додека севкупната организација беше изведена со помош на д-р Билјана Апостоловска Тошеска, сите професори на Институтот за географија на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Натпреварувачкиот дел кој траеше 5 дена, се состоеше од писмен тест во четири дела (геосфера, атмосфера, хидросфера, педосфера) и практичен тест (два практични лабароториски теста и теренско истражување). По завршување на писмениот и практичниот тест, следеше теренска работа во интернационални тимови (ITFI-International Team Field Investigation), чии резултати беа претставени преку постер и усни презентации (ESP-Earth System Project).

Со задоволство може да кажеме дека нашиот национален тим, на 13-та светска олимпијада по геонауки освои 4 награди. Во главната категорија (писмен и практичен тест), ученикот Оливер Куновски освои бронзен медал. Покрај тоа, во категоријата практични истражувања (ITFI), Кристина Спасовска освои златна награда, додека во категоријата презентации на истражувања (ESP), Оливер Куновски и Кристина Спасовска освоија две бронзани награди.

Покрај натпреварувачкиот дел, за време на Олимпијадата беа реализирани неколку екскурзии и тоа:

  • Посета на културно-историските знаменитости на Гиенгу, град во југозападниот дел на Корејскиот Полуостров, седиште на духовноста и историјата на Кореја, под заштита УНЕСКО.
  • Посета на геопаркот Чеонгсонг, планински простор со прекрасна шума и недопрена природа и
  • Разгледување на градот Даегу (2 милиони жители) во кој беше одржана Олимпијадата.

Воедно пред завршната церемонија сите национални тимови на учесници имаа можност да ја претстават сопствената земја и народ со избор на некои карактеристични национални обележја на земјата од каде доаѓаат. За таа цел се слушаше и пееше Македонско девојче на бината во свечената сала во Даегу и се играа македоски ора.

Учеството на Олимпијадата не направи сите побогати со нови доживувања и нови пријателства. Задоволни од успехот, со верба дека можеме и повеќе, веќе се размислува за учество и развиорување на македонското знаме на следната Олимпијада во Тјумен, Русија, во следната 2020 година.

Подготвиле:

  • д-р Билјана Апостоловска Тошевска, Претседател на Македонско географско друштво
  • д-р Ивица Милевски, ментор во тимот
  • д-р Свемир Горин, ментор во тимот

Оваа статија е прочитана 744 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести, Наставни

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger