Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Активности, Географски вести, Наставни » Посета на професори и студенти од Универзитетот во Пиза (Италија) на Преспанскиот регион

Посета на професори и студенти од Универзитетот во Пиза (Италија) на Преспанскиот регион

30.09.2019

Во периодот од 8 до 12 септември 2019 година, во Преспанскиот регион престојуваше тим на професори и студенти – постдипломци од Универзтитетот во Пиза, Италија. Тимот беше предводен од светски познатиот геолог Ѓовани Занчета, професор на споменатиот универзитет, како и од неговата колешка, проф. д-р Моника Бини. Како резултат на нивната повеќегодишна соработка, оваа година на тимот од Италија се приклучија 4 постдипломци од Институтот за географија при ПМФ во Скопје, предводени од д-р Ивица Милевски и м-р Анита Тодорова. За време на заедничкиот престој во Преспа, беа изведени повеќе теренски активности.

Првиот ден (9.09), заедничката група се искачи до цирковите на планината Галичица под врвот Магаро (2254 m). При тоа, беа разгледани формите на глацијалниот релјеф, како што се долниот и горниот цирк, краткиот валов помеѓу нив и морените кои се особено добро сочувани под горниот цирк, на височина од околу 2100 m. Во продолжение, групата ги посети изворите на Св. Наум и нивниот истек во Охридското Езеро. Потоа, групата го посети локалитетот Косел, запознавајќи се со функционирањето на оваа солфатара-мофета, единствена од ваков тип во нашата држава.

Следниот ден (10.09), заедничкиот тим се упати кон островот Голем Град на Преспанското Езеро. Освен разгледувањето на самиот остров и неговите уникатни карактеристики, посебно внимание беше посветено на осцилацијата на езерското ниво, поточно мошне интензивното опаѓање на нивото на водата во последните години. Студентите покажаа посебен интерес околу причините и можните решенија за намалување на ваквиот негативен тренд на осцилација на езерското ниво, што може да има катастрофални хидролошко-билошки, пејсажни, социоекономски и други последици.

Наредниот ден (11.09), групата професори и студенти, се упатија на планината Пелистер (Баба), со цел да се согледаат периглацијалните појави, особено маркантните камени реки и мориња. Главен интерес овде беше да идентификува евентуалната современа активност и динамика на овие процеси. За време на сите споменати активности, професорите од Италија и Македонија, на студентите им ги разјаснуваа генезата, морфологијата, еволуцијата и значењето на појавите коишто беа посетени.

Покрај официјалниот теренски дел, за време на престојот во Преспанскиот регион, се разговараше на теми за заедничка можна соработка на проекти од делот на геонауките, како и за користење на програмата ЕРАЗМУС+. Во таа смисла, во следниот период ќе следи потпишување на договор за соработка, со цел да се овозможи размена на студенти и професори од двете институции. Исто така, се очекува да започнат активности околу проект за гео-мониторинг на подрачјето на Преспанското Езеро.

Особено позитивно беше дружењето на студентите од двете држави, од која произлегоа и вистински пријателства. Во дискусиите се разговараше за продлабочување на заедничката соработка, потоа за искуствата во начинот на студирања во двете држави и идеи за примена на позитивните искуства во студискиот процес. Студентите, но и нивните професори беа презадоволни од начинот на организација на целиот камп, престојот во Македонија, новите пријателства и од бројните фотографии на овој преубав дел на нашата држава.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 670 пати!

Автор:

Од категорија: Активности, Географски вести, Наставни

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger