Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, Отворено... » Што е тоа просторно планирање и зошто е толку неопходно?

Што е тоа просторно планирање и зошто е толку неопходно?

23.01.2020

Просторното планирање е мултидисциплинарна активност која обезбедува планско регулирање на просторните аспекти на развојот. Тоа опфаќа методи кои ги користи јавниот сектор со цел да влијае на дистрибуција на луѓе и активности во просторот. Просторното планирање ги опфаќа сите нивоа на планирање на употреба на земјиштето, вклучувајќи убанистичко планирање, регионално планирање, планирање на животната средина, просторни планови на национални паркови, а во Евопската Унија опфаќа и меѓунационални планови.

Постојат многу дефиниции за терминот просторно планирање. Една од најраните дефиниции се наоѓа во Евопската повелба за регионално-просторно планирање, која во 1983 година беше прифатена од Европската конференција на министри надлежни за просторно планирање (CEMAT): „Просторно/регионално планирање е географски израз за економски, социјални, културни и еколошки политики на општеството. Тоа истовремено е научна дисциплина, административна техника и политика, замислена како интердисциплинарен пристап, усмерен рамномерен регионален развој и физичка организација на просторот, според одредена севкупна стратегија“.

Во средината на минатиот век, низ светот се појавуваат разни видови на просторно планирање, а во Европа тоа особено се развива во доцните 1950-ти години. Во 1999 година, министрите задолжени за просторно/регионално планирање во земјите членки на ЕУ, потпишаа документ под наслов „Европска перспектива на просторниот развој“ (ESDP). Иако ESDP нема обврзувачки статус, а ЕУ нема службени надлежности за просторно планирање, ESDP влијаеше на политиките на просторно планирање во државите членки и во Европските региони и постави координација на секторските политики на ЕУ.

Просторно планирање често има свои синоними во термините регионално планирање во делови на Европа и урбано планирање во САД. Просторното планирање може да се одвива на локално, регионално, национално и интернационално нив и резултира со   донесување на просторен план.

Улогата на просторното планирање е промоција на долгорочниот и одржлив социо-економски развој и спречување на неговото штетно влијание врз животната средина. Планирањето обезбедува рационално користење на расположивиот простор и воспоставување на баланс помеѓу расположивиот простор, економскиот и демографскиот развој, природните и културните ресурси. Просторното планирање има за цел создавање на рационален модел на користење на просторот, различни но меѓусебно синхронизирани намени на земјиштето, со што би требало да се избалансираат потребите од социо-економски развој, а истовремено да се подобри квалитетот на живеењето на предметниот простор.

Просторното  планирање е во надлежноста на јавниот сектор на државата, која има улога на посредник помеѓу различните интереси  врзани за просторот. Планирањето претставува начин на кој јавниот сектор (државата) на различни нивои на власта влијае врз приватните и јавните активности преку водење, поставување на правила, регулативи и иницијативи.

Специфичноста на просторното планирање може да се согледа низ некои основни и најсуштествени принципи. Тоа ги користи сите општи принципи кои се карактеристични за сите видови планирања, но освен нив во просторното планирање се истакнуваат и оние низ кои може да се уочат посебните атрибути на просторното планирање. Такви принципи се:

  • принципот на интегралност и интердисциплинарност,
  • принципот на долгорочност,
  • принципот на перманентно или континуирано планирање,
  • принципот на научност или креативност,
  • принципот на демократско планирање,
  • принципот на развојност,
  • принципот на објективност,
  • принципот на мерливост, совладливост и применливост,
  • принципот на ангажираност, објективност, еластичност, критичност и други принципи.

Согласно актуелната регулатива во нашата држава, просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторен план и урбанистички планови, со цел да се обезбеди уредување, хуманизација на просторот, заштита и унапредување на животната средина и природата. Во зависност од просторот кој е предмет на планирањето, Законот за просторно и урбанистичко планирање на Република Македонија предвидува донесување на просторен план на национално ниво, просторни планови по региони, општини и подрачја од јавен интерес за Државата, генерален урбанистички план на ниво на град, детален урбанистички план на ниво на дел од град, урбанистички план на ниво на село и урбанистички план вон населено место.

Според тоа, во светски рамки, просторното и регионалното планирање се „синоними“, меѓутоа суштината и на едното и на другото е иста. Во основа, двата типа на документи се однесуваат на планирање на просторни целини и тоа од национално, преку регионално, до локално ниво.

Просторното планирање има долга традиција и во Македонија. Всушност, на Институтот за географија при ПМФ (УКИМ) во Скопје, неколку децении успешно опстојуваа магистерските (последипломски) студии за Просторно планирање од кои произлегоа бројни магистри-просторни планери. Заради потребата за ваков кадар и големиот интерес, годинава е во тек повторна акредитација на студиумот, па се надеваме дека веќе од септември, ќе има можности за упис на истиот.

Извори:
Andreas Faludi, Bas Waterhout, The Making of the European Spatial Development Perspective, London Routledge 2002. ISBN 978-0-415-27264-3.
Gerhard Larsson, Spatial Planning Systems in Western Europe – An Overview, Delft Univ Press (2006), ISBN 978-1-58603-656-0.
Richard H. Williams, European union spatial policy and planning, London Chapman 1996. ISBN 978-1-85396-305-6.
UNECE, Spatial Planning – Key Instrument for Development and Effective Governance with Special Reference to Countries in Transition, Report ECE/HBP/146, Geneva UNECE 2008.
en.wikipedia.org/wiki/Spatial_planning

Автори: д-р Ивица Милевски (ПМФ, Скопје) и д-р Душица Трпчевска Анѓелковиќ (Агенција за планирање на просторот)

Оваа статија е прочитана 1537 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема, Отворено... · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger