Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести, На тема » Изработен сеизмички томографски модел на Македонија

Изработен сеизмички томографски модел на Македонија

14.02.2020

Терминот томографија потекнува од грчките зборови: τόμος (tomos) кој има значење на дел или парче и γράφω (graphō) кој има значење на запис.
Под поимот сеизмичка томографија се подразбира геофизичка метода наменета за истражување на градбата и физичката состојба на Земјата преку интерпретација на записите од земјотресните бранови (сеизмограми) иницирани од природни извори (земјотреси) или вештачки извори (нуклеарни или други експлозии).

Шематски приказ на методата (Husen at al., 2011).

Припадноста на територијата на Македонија, на Медитеранската област на Алпско-Хималајскиот ороген појас условува висока сеизмичка активност, а истата е една од силните на копнениот дел на Балканскиот Полуостров. Бидејќи сеизмичката активност е тектонска, во истражувањето на градбата и физичката состојба на подповршинските слоеви на територијата на Македонија, со цел да се добијат податоци со поголема точност при моделирањето на овие подповршински структури, за прв пат се применува комплексна сеизмичка интерпретација на сеизмичкиот модел, со геофизичка метода – сеизмичка томографија. Сеизмичкиот модел ја моделира геолошката структура преку определувањето на брзините на простирање на еластичните бранови кои зависат од геомеханичките карактеристики на средината. Секоја посебна фаза на земјотресниот бран може да се поврзе со одредена патека на патување на тој бран. На овој начин сеизмолозите врз основа на настапот на лонгитудиналниот P земјотресен бран, кој го поминува патот од местото на настанување на земјотресот (хипоцентарот) до сеизмолошката станица, може да ја одредат брзината на патување на тој бран како и слоевите низ кој тој бран патува. Резултатите добиени со сеизмичката томографија покажуваат дека внатрешната структура на Земјата е хетерогена.
Од меѓусебната соработка на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ во Скопје и професорот д-р Лазо Пекевски, сеизмолог во пензија, за прв пат е направена сеизмичка томографија на територијата на Македонија, а за таа цел се користени блиски земјотреси случени на територијата на Македонија и соседните епицентрални подрачја, анализирани во Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ во Скопје, а избрани се регистрации за одредени земјотреси во временскиот период од 1970 па се до денес. Користени се сеизмограмите од 47 сеизмолошки станици за истражуваниот регион и разгледувана е длабочината на Земјината кора до околу 45 км.

Шематски приказ на сеизмичкиот томографски модел на територијата на Македонија (Pekevski at al., 2020)

Врз основа на применетата постапка подетално ќе се истражуваат одредени сеизмогени зони и посебни епицентрални подрачја на територијата на Македонија. Овие резултати ќе можат да најдат и примена во различни геофизички истражувања на нафта и гас како и на рудни наоѓалишта. Во понатамошните истражувања на сеизмичкиот хазард ова истражување може да е од посебно значење.

Литература:
Sinadinovski, C., Pekevski, L., Abdullah, A., McCue, F. K. Seismic Tomography of Macedonia, EGU2020, Vienna, Austria, 2020.
Boschi, L., and Husen., Seismic Tomography, Swiss Federal Institute of Technology, ETH Zurich, 2011.

Автори:

  • науч. сор. д-р Катерина Дрогрешка
  • науч. сор. д-р Јасмина Најдовска
  • виш науч. сор. д-р Драгана Черних

Оваа статија е прочитана 1628 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести, На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger