Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Мистеријата на топчестите молњи

Мистеријата на топчестите молњи

18.02.2020

Познато ни е дека молњите се електрично празнење помеѓу различно наелектризирани облаци или помеѓу некој облак и земјата, и дека вообичаената слика на молњата наликува на краткотраен блесок во облик на искршена линија. Меѓутоа, во некои случаи се појавуваат посебен тип „молњи“ со чуден, топчест облик (топчеста „молња“), кои имаат подолго времетраење од неколку секунди, време во кое огнената топка “шета” во просторот натаму-наваму сè додека не исчезне. Според одредени проценки, годишно, на Земјата се регистрираат едвај до 1000 топчести молњи, што значи дека се извонредно ретки појави. Се појавуваат во форма на жолта до црвеникава, а поретко и синкаста светлечка топка, со пречник од 10 до 20 cm, а ретко и до неколку метри и со температура помеѓу 4000 и 5000°C. Обично се поврзани со олујно време и молњи, но може да се појават и без присуство на олујни облаци (кумулонимбуси). Светлата топка се движи многу кратко и се губи тивко или со експлозија, оставајќи мирис на сулфур. Експлозијата понекогаш може да има тешки последици по блискиот жив свет, па и по човекот.

Денес, уште нема општо прифатено научно објаснување за оваа природна појава. Проблем е тоа што, поради непредвидливоста и реткоста на појавата, научните податоци за топчестите молњи во природата се многу оскудни. Едновремено, се покажа дека бројните фотографии на „топчести молњи“ всушност се преосветлени обични молњи, или пак снимки со подолга експозиција. Токму затоа, до неодамна се сметаше дека ваквите појави се измислици и непостоечки. Одредени лабораториски експерименти успеале да добијат појави слични на топчести молњи, меѓутоа не се знае дали тие се сосема исти со оние во природата. За време на еден проект за анализа на спектартот на молњите во Кина, случајно е „фатена“ топчеста молња, при што е утврдено дека за разлика од спектарот на обичната молња која содржи претежно линии на јонизиран азот, спектарот на топчестата молња е со линии на железо, силициум и калциум – основни состојки на почвата.

Со оглед на сеуште недоволно истражениот феномен, има бројни хипотези за топчестите молњи и тоа: хипотезата на испарен силициум, хипотеза на нано-материи, хипотеза на магнетна стимулација итн. Според најновите сфаќања, се смета дека топчестите молњи всушност и не се молњи, туку светлински појави настанати поради одредени хемиски реакции на Земјината површина или пак како резултат на дејство на организмите. Интересна е теоријата на рускиот академик Торчини, кој смета дека топчестите молњи настануваат како резултат на фокусирање на светлината на мал простор, со помош на т.н. воздушни фокусирачки меури. Некои истражувачи пак ја прифаќаат теоријата за мозочната магнетна стимулација, според која топчестите молњи всушност се халуцинации предизвикани од силното магнетно поле на близок гром или молња, кои влијаат врз мозочните неврони на личноста во близина. Затоа и бројот на забележани вакви појави е најголем кај луѓе кои биле во непосредна близина до удар на гром. Други теории пак, велат дека топчеста молња претставува високо наелектризирана плазма, како резултат на електричното празнење во атмосферата. Во последно време стана актуелна и мошне интересната хипотеза за црна дупка. Истата се темели на објаснувањето дека топчестата молња настанува како последица на поминување на микроскопска црна дупка. Сепак бројни истражувачи сметаат дека вакво нешто е невозможно, но не би требало да биде целосно отфрлено.

Според повеќе истражувања, топчеста молња обично се создава по удар на гром. Како резултат на високата температура од громот, доаѓа до испарување на оксиди на силициум. Присутниот јаглерод од органските материи, го одзема кислородот од ова соединение, оставајќи врела пареа од силициум. Ваквата гасовита топка, потоа со помош на атмосферскиот кислород се реоксидира, а при таа реакција се емитира блескаво светло. За разлика од типичните громови чиј блесок трае многу кратко (дел од секунда), забележани се топчести молњи со времетраење и до 20 секунди. По некои сведоштва, вакви молњи може да се појават и без присуство на громови, иако многу поретко.

Во Македонија, до сега се забележани само неколку сведоштва за топчести молњи. Така, на 30 мај 2013 година, група граѓани на Битола, на локалните медиуми јавиле дека при силното невреме, забележале „чудна“ топчеста молња над Баирот, по што следела експлозија.

Во секој случај, оваа природна „мистерија“ сеуште чека да биде разрешена. Во продолжение се дадени неколку мошне ретки видео снимки од топчести молњи.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 2222 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger