Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема » Дроновите – дел од иднината на хуманитарните операции

Дроновите – дел од иднината на хуманитарните операции

20.02.2020

Забрзаниот технолошки развој на нашето општество нуди можности за современо, ефикасно и пред се финансиски исплатливо користење на технологија на беспилотни летала, дронови. Самите можности за развој, но и залагањата на одредени компании како Тесла, не наведуваат да размислуваме дека беспилотните летала ќе променат сè. Во иднина, дроновите ќе имаат можност да ги заменат луѓето во нивните работни места, поточно да ја подобрат нивната ефикасност (мониторинг на животна средина, дистрибуција на материјали итн.), менување на текот на војувањето и избегнување на директен контакт на војници и воедно намалување на можните ризици од колатерални штети, транспорт на продукти за домаќинство, транспорт на луѓе, мапирање, но и спасување на човечки животи.

Дроновите веќе се користат во хуманитарни акции низ целиот свет, па така голем број мали и лесни дронови беа во употреба на Филипините по Тајфунот Хајан во 2013 година. Тие исто така се користеја во Хаити по ураганот Сенди во 2012 година, поплавите на Балканскиот полуостров, катастрофалните земјотреси во Турција и Албанија и од неодамна како одговор на епидемијата на Корона вирусот во Кина. Оваа зголемена употреба на дронови за хуманитарни цели активно ги инволвира голем дел на организациите кои работат во случај на подготвеност и одговор при катастрофи како што се пред се Обединетите Нации, Европската Цивилна Заштита, Меѓународната Федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина, Канцеларијата за координација на хуманитарни операции (OCHA), како и многу други. Дел од овие организации се приклучија и на Хуманитарната UAV мрежа (UAViators), која е основана за промовирање на безбедна и одговорна употреба на дронови во хуманитарни услови. Погледот одозгора е клучен за хуманитарниот одговор, што објаснува зошто сателитските слики играле клучна улога во операциите за помош во текот на скоро две децении. Сателитите имаат голем број на ограничувања, вклучувајќи цена, ограничувања за споделување податоци, влијание на метеорологија и време потребно за нивно активирање. Спротивно на тоа, дроновите можат да снимаат воздушни слики со далеку поголема резолуција, побрзо и по многу пониска цена. И за разлика од сателитите, јавноста всушност може да дрон кој што може да го искористи во секој момент. Ова значи дека заедниците погодени од катастрофи можат да употребат дронови во случај на катастрофи. Катастрофите предизвикани од човекот уништуваат околини, честопати ги отежнуваат условите, така што спасувачите не можат да пристапат до области и да им помогнат на настраданите луѓе. Дроновите имаат можност да завземат клучна улога во хуманитарните операции.

Дел од активностите кои што може да ги реализираме со помош на дронови се:

  1. Мерење на штети во услови на опасни хемиско – биолошки инциденти

Опасните хемикалии можат да истекуваат во околината од различни причини и предизвикуваат небезбедни и услови како за луѓето така и за спасувачите. Некои причини вклучуваат дефект на фабриката, излевање за време на транспортот или дури и терористички напади. Во март 2011 година, силен земјотрес предизвика цунами кое ја погоди Јапонија, што резултираше со сериозно оштетување на нуклеарната централа Фукушима. Штетата доведе до целосна евакуација заради количината на опасен нуклеарен материјал што беше ослободен. Дроновите беа распоредени во воздухот и на теренот во првиот можен момент за да се процени степенот на уништувањето. Овие беспилотни возила беа во можност да обезбедат помош при следење на изложеноста на зрачење, санирање на уништени области како и поддршка на активности за обнова, сè додека се минимизира опасноста за луѓето

  1. Мапирање пред и во случај на катастрофи

Областите кои се склони кон големи катастрофи, како што се земјотреси и поплави, имаат голема корист од визуелното снимање и 3Д мапирање. Авионското снимање честопати е премногу скапо за употреба, мапирањето со сателити не ги задоволува потребите со висока резолуција, а воедно и одземаат премногу време и средства за време на катастрофи. Употребата на беспилотни летала за мапирање на области од катастрофи обезбедува поголема предност во трошоците и во брзи периоди на реакција, кога ќе се спореди со традиционалните методи. Беспилотните летала можат да бидат распоредени брзо, да генерираат мапи со висока резолуција и 3Д, да идентификуваат области на жариште кои претрпеле најголема штета и да ги постават податоците во реално време за да ги координираат напорите за помош.

  1. Проценка на структурната штета

Доста често, стручните лица во случај на катастрофа се наоѓаат во опасност кога треба да направат проценка на структурната штета од катастрофата. Тие честопати наидуваат на згради кои се на работ на пропаѓање, потенцијални експлозии поради хемиски протекување и места до кои тешко се пристапуваат, како што се тунели и мостови. Затоа, посебни дронови со сензори за протекување на гасови како и детекција на оштетувања се употребуваат со цел брза и ефикасна проценка.

  1. Транспорт на хуманитарна и прва помош

Во случај на природни катастрофи или катастрофи предизвикани од човекот, доста често се случува инфраструктурата да биде оштетени и воедно да предизвика отсекување на одредени места. Кога се загрозени патиштата, мостовите, каблите за комуникација и гасните и водоводните линии, исто така е загрозена и безбедноста на жителите во областа. За да ги намалат страдањата и натамошните штети, екипите за спасување можат да користат беспилотни летала за поддршка на погоденото население а воедно и дистрибуција на хуманитарна помош. Во области во кои е скоро невозможно да се стигне, дроновите можат да доставуваат хуманитарна помош, како што се вода, храна, лекови и др. на оние што имаат потреба. Исто така, дроновите започнуваат да се користат во транспорт на животоспасувачки дефибрилатори.

  1. Одговор во случај на пожари

Бидејќи авионите мора да летаат на мала височина за да се борат против пожарите, пилотите и екипажите се ставени во сериозна опасност и висок стрес. Дроновите можат да ги отстранат ризиците со кои се соочуваат пилотите и можат да ја зголемат ефикасноста на борбата против пожарите. Преку употреба на сензори и камери, дроновите може навремено да дејствуваат и помогнат во координација и лоцирање на одредени жаришта, да бидат искористени во гаснење на пожарите како и да бидат контакт помеѓу пожарникарите на терен и координативниот центар.

  1. Активности за спасување и пребарување

Дроновите за пребарување и спасување ги користат службите за итни случаи, како што се полицајци, пожарникари или волонтерски екипи за спасување, и се идеални за пребарување низ огромни области а воедно и во случај на масовни катастрофи (земјотреси). Тие можат да обезбедат визуелни информации и податоци во реално време за затрупано лице, изгубен планинар итн. преку користење на различни сензори и инфрацрвена топлинска камера, преку која може да се открие топлината на човечкото тело.

Кога се работи за спасување на одговорните за итни случаи, им требаат информации и слики во реално време за да донесат подобри одлуки и да заштедат време. Дроновите можат да обезбедат информации за голема област брзо, намалувајќи го времето и бројот на спасувачи кои се потребни за лоцирање и спасување на повредено или изгубено лице, во голема мера намалувајќи ги трошоците и ризиците од мисиите за пребарување и спасување. Можностите за помагање во обезбедувањето на јавната безбедност се бесконечни.

Проект „HERO

Проектот Hero е напредно комуникациско возило, создадено за поддршка на партнерството на Јагуар Ланд Ровер со Меѓународната Федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина, најголемата хуманитарна мрежа во светот и е пилотиран заедно со Австрискиот Црвен крст. Проектот Hero е првото оперативно возило со беспилотно летало кое е поставено на покривот. Целосниот интегриран систем за слетување кој се карактеризира со технологија за самоцентрирање и магнетно задржување е прв во светот кој му овозможува на дронот да слета кога возилото е во движење. Дронот овозможува снимките во живо да се пренесат до екипите за одговор при катастрофи на Црвениот крст, помагајќи им да реагираат побрзо и поефикасно на лизгање на земјиштето, земјотреси, поплави и лавини.

Hero се заснова на 3,0-литарскиот TD6-мотор на новиот Land Rover Discovery. Покрај уникатната технологија на беспилотни летала обезбедена со Hero, задниот дел од ентериерот во ова специјално возило има и радио врски, ЛЕД осветлување и др. Дронот, согласно неговите карактеристики и спецификации, ќе се користи во симулации за развој на нови и иновативни техники за спасување од катастрофи и сложени сценарија за природна катастрофа, вклучително во текот на ноќта и во густи шуми. Hero, исто така, ќе се искористи кога Црвениот крст обезбедува итна поддршка во време на природни катастрофи, како што се земјотреси, поплави, несреќи и др.

https://www.youtube.com/watch?v=Ujmre9pqLWA

Користенa литература:

 

Подготвил: Александар Стојаноски, студент на насока ГИС

Објавено од:

Од категорија: На тема · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*