Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, По Светот » Националниот парк Рила – една од најубавите природни атракции на Балканот

Националниот парк Рила – една од најубавите природни атракции на Балканот

01.04.2020

Националниот парк Рила се наоѓа на истоимената планина, во југозападниот дел на Бугарија. Паркот има вкупна површина од 81.046 хектари и е најголем од трите национални паркови во Бугарија, како и еден од најголемите во Европа. Прогласен е за национален парк на 24 февруари 1992 година. Луѓето кои управуваат со националниот парк имаат за цел да ја зачуваат и одржат биолошката разновидност, да ја заштитат природата и да обезбедат можности за научни и едукативни активности, развој на туризам и еколошки начин на живот на населението. На територијата на овој национален парк има повеќе од 100 врвови, а тука се наоѓа и највисокиот врв на Балканскиот Полуостров, Мусала (2.925 метри). Најниската забележана температура на врвот Мусала е -31,2°С, а највисоката е +18,7°С. Температурата останува под нулата девет месеци во текот на годината, а во лето ретко се искачува над 15°С.
Во високите делови на Рила има повеќе од 120 постојани и 30 периодични глацијални езера. Тие главно се наоѓаат на дната на цирковите. Меѓу најубавите и најпосетуваните се Седумте Рилски езера, сместени во северозападната страна на планината. Се наоѓаат помеѓу 2100 и 2500 метри надморска височина. Седумте Рилски езера, имињата ги добиле по својата форма и имаат исклучително студена вода. За езерата, нивната форма и постанок има многу легенди и преданија, од оние поврзани со џинови до легендата за убавата девојка Смиљана, која живеела во село покрај Смиљанско Езеро. На планината Рила извираат некои од најголемите и најдолгите реки на Балканскиот Полуостров, како што се Искар, Марица и Места. Така, Марица е најдолга река на Балканот, а реката Искар, која тече кон север е најдолга река во Бугарија. Изворишните делови на овие реки се многу значајни за водоснабдување на околните општини, а особено за градот Софија.

Биодиверзитетот на Националниот парк е крајно разновиден. Територијата на Националниот парк Рила е покриена со шумски екосистеми, како што се смрека, ела, бел бор и џуџестиот бор. Околу 95% се природни шуми, со просечна возраст од 90 години. Регистрирани се околу 1400 разновидни растенија, а од нив 105 се реликтни и 57 ендемични растителни видови. Исто така Н.П. Рила е дом на 282 видови мов, 130 видови алги и 233 видови габи. Планинската фауна е претставена од 172 видови на ‘рбетници, од кои 5 вида се риби, 20 се влекачи и водоземци, 99 се птици, а 48 се цицач. Тука исто така живее најголемата алпско-европска популација на верверички. Безрбетната фауна е уникатна, а до денес се откриени 2934 видови.

Во рамките на Националниот парк Рила се наоѓаат четири резервати: Парангалица, Скакавица, Ибар и Централен Рилски резерват. Така, Централниот Рилски резерват е најголем резерват во Бугарија и е еден од најголемите во Европа, а резерватот Скакавица, пак, е еден од најмалите резервати во Бугарија.
Рила е планина со добро развиен туризам. Националниот парк нуди посебна зона, наречена Интензивна туристичка зона, која вклучува мрежа на патеки, видиковци, засолништа, како и сместувачки објекти. Има широк спектар на активности за туристите – јавање коњи, возење велосипеди, скијање по патеки, кампување, планинарење, итн. За љубителите на природата, изградена е ботаничка патека.

На територијата на Националниот парк функционираат 17 сместувачки објекти (главно планинарски домови) со околу 1500 легла и 4 засолништа во случај на лошо време. Од битно значење е и тоа што во 2007 година, Н.П. Рила доби комплетен сертификат за членство на Европската национална мрежа на паркови – ПАН паркови.
На падините на планината Рила има бројни културни и историски знаменитости, а еден од најпознатите е Рилскиот манастир.
Сето наведено е причина Националниот парк Рила да се смета за еден од најатрактивните природни предели на Балканскиот Полуостров и пошироко.

Извор:

bulgariatravel.org/en/object/354/Nacionalen_park_Rila#map=6/42.750/25.380

Автори: Бојана Алексова – апсолвент на Институтот за географија и д-р Ивица Милевски.

Оваа статија е прочитана 1414 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags: , , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger