Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема, По Светот » Соко Бања – Оаза на кислород во Европа

Соко Бања – Оаза на кислород во Европа

21.05.2020

Инспирирана од убавините на природата и лековитоста на познатата Соко Бања, во источниот дел на Србија, бев мотивирана да напишам за природно-географските карактеристики на бањата и нејзиното опкружување. Од градот Скопје се наоѓа на оддалеченост од 260 km, a на самиот влез  ке наидете на паролата „Сокобања, Соко град, дођеш стар, одеш млад“. Соко Бања  се наоѓа во долината на реката Моравица, помеѓу планините Озрен и Ртањ, на 400 m надморска височина. Бањата постои уште од римско време, а на темелите на римските бањи, Турците го подигнале својот амам, што претставува најстар објект за лекување во оваа бања. Планината Ртањ се наоѓа во источна Србија, околу 200 km југоисточно од Белград, во близина на Бољевац, а нејзин највисок врв е Шиљак (1565 m). На оваа планина, доста изразен е карстниот релјеф. Ртањ има форма на асиметрична тристрана пирамида, чиј однос на должината на краците е многу правилно дефиниран и е во сооднос од 4:2:1. Најдолгиот крак се простира кон север и е долг 3 km, југозападниот е долг 1,5 km, додека третиот крак  е долг 0,75 km. На јужната страна, планината Ртањ има благи падини, а кон подножјето се протега висорамнина  која се спушта кон Соко Бања. За разлика од јужната, северната страна на планината е изразито стрмна со остри врвови.Пирамидата е скоро идентична со онаа во Мексико, додека аглите се поклопуваат со Кеопсовата пирамида во Египет. Ртањ е познато туристичко место, со преубавата природа  во чија близина се наоѓа и Соко Бања, воедно еден од најзначајните бањски центри во Србија.Планината Озрен се одликува со бујна вегетација и ретки растителни видови. Бидејќи е на премин на различни воздушни струи, има карактеристики на природна воздушна бања. Поради тоа, на планината, на 5 km од Сокобања, во живописно опкружување, изградена е специјална болница за белодробни заболувања.

Овие две планини (Ртањ и Озрен), се познати по изобилството на лековити растенија, по убавината на реката Моравица и езерото Бован, едно од најбогатите езера со риба, што го прави ова место уште попривлечно за туристите. Во близина на бањата, се наоѓа и водопадот Рипаjка, кој е периодичен и е висок околу 20 метри.Она што исто така ја прави Соко Бања привлечна за туристите се термо-минералните води, идеалната надморска височина, умерено-континенталната клима, чистиот планински воздух и убавата недопрена природа. Богатството со лековита вода и климатските фактори, влијаат позитивно на лица со хроничен бронхитис, астма, психонеуроза, благи форми на висок крвен притисок и сл. Друг интересен факт за оваа фантастична бања е тоа што се смета за боемско место и место за одмор на уметници, писатели, сликари, режисери и многу други познати личности кои престојувале тука, како на пример Иво Андриќ, Бранислав Нушиќ, Меша Селимовиќ и др. Слободно може да кажеме дека Соко Бања е идеално место за одмор и уживање и со право го носи епитетот „оаза на кислород во Европа“.

Подтотвила: Лилјана Војнеска – дипломиран професор по географија.

Објавено од:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags: , , ,

Leave a Reply

*