Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема, По Светот » Корона вирусот (covid-19) регионално-географска распространетост во светот

Корона вирусот (covid-19) регионално-географска распространетост во светот

19.05.2020

Корона вирусот (COVID-19) е заразна болест предизвикана од тежок акутен респираторен синдром coronavirus 2 (SARS-CoV-2). Прв пат е идентификувана во декември 2019 година во повеќе милионскиот град Вухан во Кина. Потоа, се рашири на глобално ниво, така што резултираше со пандемија која е во тек и го зафати целиот свет, односно присутна е во 188 држави и територии.
Заклучно со 16-ти мај 2020 година, во светот (во 188 држави и територии) се евидентирани 4717010 случаи на заболени со Covid-19. Од нив, евидентирани се 312902 смртни случаи, оздравени се 1810160 лица, а останатите 2593498 лица се водат како сеуште активно заболени. Регионалниот преглед според Светската здравствена организација (СЗО) е прикажан на следната табела.

Преглед на регионално географската распространетост на вкупното население, заболени, смртни случаи, излечени и активни случаи од Covid 19, според Светската здравствена организација (СЗО)

Според податоците, се констатира дека според бројот на население во наведените региони, најголем број заболени има во Северна Америка (0,45 % од населението), Европа (0,24%), Јужна Америка и Карибите (0,065%), Азија и Океанија (0,02%) и Африка (0,006% од населението).
Но, регионално географскиот распоред на заболени од Covid-19 според некои природни регионално географски аспекти се констатира дека е значително поголем во умерените топлински појаси, а нешто помал во тропските и субтропските топлински појаси. Во тропските и субтропските појаси причина за помала застапеност на Covid-19 може да се:
• повисоките температури кои владеат во овие простори,
• поголема изложеност на Сонце и соодветно на тоа, поголемо ултравиолетово зрачење (кое како што наведуваат стручњаците кога е поголемо од 4 уништува секакви вируси),
• поголем имунитет кај населението поради витаминот D (од изложеност на Сонце),
• помалата сообраќајна фреквенција (значително помал авиосообраќај, како што е примерот со Африка и Австралија) и трансмисија на Covid-19.
Посебен аспект за трансмисијата на Covid-19, особено во земјите од Африка и Јужна Азија (засега) е фактот што поголем дел од населението (сеуште) живее во рурални средини, така што самите по себе на некој начин се природно изолирани и со помали комуникации.
За разлика од нив во умерените топлински појаси:
• температурите се попогодни за ширење на вируси воопшто па и за Covid-19,
• има силно развиен авиосообраќај и воопшто масовен транспорт на патници и стоки,
• со силно развиени урбано популациски регии, во кои функционира масовно дневно движење на населението, поради работа, трговија, образование, рекреација итн.

Медицинските наоди на трансмисија на Covid-19 се дека истиот се пренесува од човек на човек (главно во опфат на растојание помало од 1-2 метри). Тоа е логично, бидејќи ако се погледне регионалната распространетост на Covid-19, се констатира дека најмасовна трансмисија се случува во најгусто населениете региони во поедините држави во светот. Типични примери се Приатлантската урбана регија во САД (Бостон, Њујорк, Филаделфија, Вашингтон), Калифорнија (Лос Анџелес и Сан Франциско), Илиноис (Чикаго), Падската Низина во Италија (Милано и Торино), Холандско-белгиската Низина (со над 350 ж/км2), Северна Рајна Вествалија (Есен, Келн, Диселдорф, Дортмунд), Париската агломерација во Франција, агломерацијата Лондон во Велика Британија, Мадрид и Барселона во Шпанија, Москва во Русија, приатлантските агломерациии во Бразил (Рио де Жанеро, Ресифе), Техеран во Иран, Мумбај во Индија, Ријад, Мека и Медина во Саудиска Арабија. Наведените регии опфаќаат скоро 70% од териториите во светот со најголема застапеност на пандемијата Covid-19.
Но како и да е, процесот на заболување заради трансмисијата од човек на човек е присутен и бележи пораст. Во земјите со повеќе рестриктивни мерки, трансмисијата е поспора, а во земјите со полиберални мерки побрза. Во тој контекст, после Кина (прв бран на трансмисија во јануар, февруари и март), најголема прогресија на трансмисијата на Covid-19 се случи (околу 15-и март 2020 година) во САД, Италија, Шпанија, Белгија, Холандија, Велика Британија, Франција и други, како втор бран на трансмисија на вирусот. Со околу 2-3 недели задоцнување (околу 1-ви април 2020 година) трансмисијата на вирусот Covid-19 прогресираше во Русија, Турција, Бразил, Мексико, Перу, Саудиска Арабија, Индија, Пакистан, Индонезија и други. Во третиот бран (после 15-и април 2020 г.) се наоѓаат земјите како Бангладеж, Нигерија.

Според времетраењето на заболувањето, се забележува дека времето на траење на болеста на индивидуално ниво заедно со инкубациониот период трае околу шест недели. После овој период се забележува намалување на бројот на заболување, а зголемување на бројот на оздравени. Од прегледот на податоците низ светските статистики (особено податоците од СЗО) може да се заклучи дека: Поради мерките за забрани, поради заштита од заболување, поради подобрување на климатските услови (завлегување во летните месеци на Северната полутопка на Земјата), природните процеси на борбата на организмот со вирусот и процесите на лечење за очекување е периодот (условно кажано) за лечење од последниот заболен да трае уште околу шест недели, односно пандемијата опстојува на конкретна географска територија околу 3 месеци (зависно од карактерот на мерките). Но, тоа не значи дека индивидуите не треба да бидат претпазливи и да продолжат да ги спроведуваат мерките за самозаштита, хигиена, редуцирана дирекна социјална комуникација и слично, така што ќе и се помогне на природата за поцелосно елиминирање на вирусот.
Гледано по држави се констатира дека има држави во кои:
• пандемијата Covid-19 нее присутна или е со незначителен број заболени. Типични примери се Северна Кореја (со свој својствен политички систем), Лаос, Сомалија, Либија, Сирија, Ирак, Јордан, (неразвиени земји или земји со неодамнешни воени случувања во кои патувањето е сведено на минимум).
• здравствениот систем е организиран, така што во периодот по Втората светска војна се вршело и врши систематско вакцинирање на населението со БСЖ-вакцината (земјите од Источна и Југоисточна Европа, Кина, Јапонија, голем дел од африканските држави). Ако се земе како главен индикатор стапката на смртност од Covid-19 се констира дека овие земји имаат значително помала стапка на смртност. Типични примери се Русија, Кина, Данска, Германија, Турција, Иран и други.
• здравствениот систем (иако техничко технолошки имаат развиена медицина) не е организиран за систематска заштита на населението од разни заразни болести (со образложение дека конкретни заразни болести се искоренети на нивните територии).

Типични примери се Холандија, Италија, Шпанија, САД и други земји, претежно од развиениот западен свет (Западна Европа, Северна и Јужна Америка). Како резултат на тоа, во контекстот на Covid-19 само државите САД, Велика Британијуа, Италија, Франција, Шпанија и Бразил опфаќаат 72,6% од вкупниот број смртни случаи во светот.
Во првата и втората група главно припаѓаат Источно Европските земји и земјите од третиот свет (претежно членки на неврзаните земји, кои во периодот на 60-ите, 70-ите и делумно 80-ите години на 20-и век функционираа многу координирано). Типични примери се Русија со над 270000 заболени, а само околу 2500 смртни случаи, источниот дел на Германија, Полска, Украина, Романија, земјите од поранешна Југославија кои соодветно на бројот на население имаат соодветен број на заболени но имаат значително помал број на смртни случаи [8].
Од податоците според бројот на оздравени се констатира дека најсоодветно се справиле државите Австрија, Швајцарија, Германија, Данска, Турција, Иран, Словенија и тн., а најнесоодветно Белгија, Холандија, САД, Италија, Велика Британија, Франција, Шпанија.
Како што е констатирано на почетокот, во оваа статија се прави пресек заклучно со 16-и мај 2020 година, така што ќе следи и наредна анализа заради потврдување или негирање на некои од изнесените констатации.

Литература:
1. “Coronavirus disease 2019 (COVID-19)—Symptoms and causes” . Mayo Clinic Retrieved 14 April 2020.
2. Hui DS, I Azhar E, Madani TA, Ntoumi F, Kock R, Dar O, et al. (February 2020). “The continuing 2019-nCoV epidemic threat of novel coronaviruses to global health – The latest 2019 novel coronavirus outbreak in Wuhan, China”. International Journal of Infectious Diseases. 91: 264–266. doi:10.1016/j.ijid.2020.01.009. PMC 7128332. PMID 31953166.
3. Jump up to:a b “WHO Director-General’s opening remarks at the media briefing on COVID-19”. World Health Organization (WHO) (Press release). 11 March 2020. Archived from the original on 11 March 2020. Retrieved 12 March 2020.
4. A novel coronavirus outbreak of global health concern – Chen Want et al. The Lancet. January 24, 2020
5. https://www.worldometers.info/coronavirus/
6. Novel Coronavirus (2019-nCoV) situation reports – World Health Organization (WHO)
7. A novel coronavirus outbreak of global health concern – Chen Want et al. The Lancet. January 24, 2020.
8. Авторски анализи.

Автор: проф. д-р Благоја Маркоски, ПМФ

Објавено од:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags: , , , , , ,

Leave a Reply

*