Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Географски вести, По Светот » Поларните предели на Земјата – Арктик и Антарктик

Поларните предели на Земјата – Арктик и Антарктик

01.06.2020

Антарктик е континент кој се наоѓа околу Земјиниот Јужен пол. Во литературата често како граница на овој континент се зема Јужниот поларен круг. Тоа е најладното место на Земјата и е скоро целосно покриен со мраз. Воедно Антарктикот претставува и најголемата пустина во светот. Со површина од 14,200,000 km2, тој е петтиот континент по големина, по Азија, Африка, Северна и Јужна Америка. Сепак, убедливо најмалку е населен и нема постојано насление. Овој мистичен континент е најнеистражен на нашата планета. Во тој контекст, Антарктикот е најветровитиот, а воедно и најсувиот континент на Земјата, со незначителна количина дожд и снег во текот на годината. Откриен е од Руска експедиција во 1820 година и претставува единствено природно живеалиште на пингвините, иако истите можат да се забележат на јужните брегови на Ј. Америка и Африка. Со поновите истражувања е утвредено дека под ледената обвивка на Антарктикот се наоѓаат милијарди тони на метан, кој пак може да влијае врз покачувањето на глобалната температура на Земјата. Исто така, многу интересен факт е што се откриени околу 387 субглацијални езера (езера кои се наоѓаат под мразната покривка), од кои езерото Васток се смета за најголемо субглацијално езеро на планетата. Езерото е долго 230 km, широко 50 km a максималната длабочина се проценува на 800 m. На Антарктикот се наоѓа околу 90% од светскиот мраз, што е приближно еднакво на три четвртини од свежата вода за пиење на Земјата.

Арктикот, познат и како Северен пол е географски пол дефиниран како место на северната полутопка каде Земјината оска на ротација се допира со Земјината површина. Како граница на Арктичкиот регион обично се зема Северниот поларен круг. Северниот пол е најсеверната точка на Земјата, лежејќи дијаметрално спротивно од јужниот пол. За разлика од Јужниот пол кој лежи на континентална земјина маса, северниот пол се наоѓа во средината на Северниот Леден (Арктички) Океан, чии води речиси постојано се покриени со огромни ледени водни маси. Поради ова, не е сигурно да се изгради станица на Северниот пол (за разлика од Јужниот пол). Како и да е, Русија има изградено голем број на станици, преку кој го проучуваат Северниот пол. Од неодамна, научниците предвидуваат дека до 2050 година ќе дојде до целосно топење на глечерите, односно на мразната маса на Северниот пол. Длабочината на морето под Северниот пол е измерена и изнасува 4261 m. Истражено е дека најблиското копно до Арктикот е островот Кафеклубен, одалечен околу 700 km од северниот брег на Гренланд.

Во секојдневниот живот, многу луѓе Антарктикот го мешаат со Арктикот, кој се наоѓа близу до Земјиниот Северен пол, на спротивната страна на планетата. Арктикот и Антартикот се разликуваат и по животинскиот свет. На Арктикот има многу копнени животни, вклучувајќи: ирваси, волци, арктички зајаци, снежни бувови, верверички, арктичка лисица и поларни мечки. Бидејќи Арктикот е дел од копнените маси на Европа, Северна Америка и Азија, им овозможува на овие животни да мигрираат на југ во зима и повторно да се вратат кон север. И покрај тоа што Северниот и Јужниот пол се „поларно спротивни“, имаат огромни површини и различни температури во различни региони, сепак Јужниот пол е многу постуден од Северниот. Тоа е така затоа што Арктикот е опкружен со копно, додека Антартикот е опркружен со океан.

Да резумираме, Арктикот (Северен Пол) и Антарктикот (Јужен Пол) се студени области затоа што добиваат многу слаба, или воопшто не добиваат (во 6-те зимски месеци) директна Сончева светлина. Во зима, Сонцето е толку далеку под хоризонтот што воопшто не изгрева со месеци. Така, деновите се исто како ноќите, студени и темни. И покрај тоа што Северот и Јужниот пол се „поларни спротивности“ и двата пола добиваат иста количина на Сончева светлина.

Извори:

www.researchgate.net
www.coolantarctica.com
climatekids.nasa.gov/polar-temperatures

Автор: Бојана Алексова, студент на наставна географија и член на ИЗСГ „Природник“

Објавено од:

Од категорија: Географски вести, По Светот · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*