Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, По Светот » Кои се најголемите полуострови на континентите? Четврти дел – Јужна Америка

Кои се најголемите полуострови на континентите? Четврти дел – Јужна Америка

28.05.2020

Континетот Јужна Америка го завзема јужниот дел од големото Американско копно, а од  Северна Америка е одделен со Панамскиот канал. На исток  и север излегува на Атлантскиот океан и Карипското море, а  на југ се доближува до континентот Антарктик. На запад излегува на водите на најголемиот океан на Земјата т.е. на Тихи Океан. Јужна Америка е четвртиот најголем континент на Земјата и зафаќа површина од околу 18 милиони km2. Низ Јужна Америка поминува екваторот (почетниот напоредник), кој го дели континентот на два нееднакви дела. Помалиот дел од овој континент се наоѓа на северната полутопка, а поголемиот дел е на јужната хемисфера. Овој континент е еден од најслабо разгранетите континенти со слабо изразена брегова разгранетост, па речиси и да нема некои големи и изразени полуострови. Покрај присуството на неколку помали полуострови, од кои повеќето се наоѓаат на источниот брег од континентот, сепак во северниот дел на Јужна Америка помеѓу државите Колумбија и Венецуела се наоѓа полуостровот Гоахира кој е најизразен и најголем полуостров на овој континент. Во минатото, полуостровот Гоахира бил дел од голем историски спор помеѓу овие две држави, кога во 1891 година овој полуостров и бил доделен на Венецуела. Сепак, денес состојбата е променета и најголемиот дел од полуостровот и припаѓа на Колумбија, а сосема мал дел се наоѓа во состав на Венецуела. Најсеверниот дел или ‘рт од полуостровот се нарекува Пунта Галинас и овој ‘рт е најсеверниот дел од Јужна Америка. Од сите три страни, односно од запад, север и исток е обиколен со водите на Карипското Море. Во овие граници зафаќа површина од околу 25.000km2. Поголемиот дел, особено средишните и јужните делови на полуостровот се карактеризираат со топла и сува клима, и тука се протегаат големи рамнини кои имаат полупустински карактер. Дневната температура во рамнините е многу висока, додека на планините е поумерена. На полуостровот се издвојуваат 4 екваторски климатски сезони: сезоната на дождови која трае од месец септември до месец декември, сува сезона, која трае од месец декември до месец април, втора дождовна сезона која трае од месец април до месец мај, и долга втора сушна сезона која трае од месец мај до месец септември. На северниот брег од  полуостровот  Гоахира се наоѓаат неколку убави плажи кои овозможуваат овој полуостров да биде посетен од поголем број на луѓе во текот на годината. За издвојување е областа Кабо де ла Вела која е популарна дестинација за екотуризмот во Карипскиот регион на Колумбија. Исто така, доста атрактивен е и  националниот парк Макуира, кој се протега по планинскиот венец Серанија де Макуира. Националниот парк е дом на бројни видови фауна и флора и поради релативно високата влажност на воздухот предизвикана од ветровите пасати и близината на Карипското море претставува шума од нискостеблести растенија, но и облачна шума (генерално тропска или суптропска, зимзелена, влажна шума која се карактеризира со постојана, честа или сезонска покривка на ниско ниво на облак, обично во облик на крошна). Во непосредна близина на површина од некаде 80 км2 се наоѓа и големо засолниште на птиците Фламенго. Гоахира е ретко населен полуостров, пред се заради климатските услови, но, и заради релјефот. Во сушните рамнински делови од полуостровот живее племето Вајо кое  е старо индијанско домородно население и на овие простори има длабока традиција и вредности. Ваите успеале да се приспособат на суровите услови за живот. Тие ги користат рамнините за одгледување добиток, овци, кози и коњи, па така сточарството претставува нивно главно занимање. Традиционалните населби на Ваите се состојат од пет до шест дрвени куќи, формирајќи ранч. Секој ранч е именуван според некое растение, животно или географско место.  Територијата која содржи повеќе ранчеви се именува според презимето на мајката, бидејќи ова општество е матријахално. Ваите се познати по изработката на вајо торбите или уште и познати под името мохили, кои претставуваат платнени ранци за складирање на лични предмети и предмети за работа. За време на колонизацијата, во јужните делови на овој полуостров се населиле шпански колонисти, кои формирале свои населби.

Пејзаж од полуостровот Гоахира

Литература:

  1. https://archive.usgs.gov/archive/sites/coastal.er.usgs.gov/coasts-colombia/
  2. https://www.britannica.com/place/La-Guajira-Peninsula
  3. https://wayuu-mochila-bags.com/about-us/blog/faqs-wayuu-mochila-bags/wayuu-patterns/
  4. http://www.redatam.ine.gob.ve/Censo2011/

 

Подготвил: Тоше Столески, наставник по географија

Оваа статија е прочитана 1026 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags:

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger