Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема, По Светот » Кои се најголемите полуострови на континентите? Седми дел – Австралија со Океанија

Кои се најголемите полуострови на континентите? Седми дел – Австралија со Океанија

02.06.2020

Австралија заедно со регионот Океанија претставува најмалиот континент на Земјата кој зафаќа површина од околу 8,5 милиони km2. Најголемиот дел од континентот е претставен со копното Австралија, а помал дел го зафаќаат островите од Океанија кои се наоѓаат во Тихиот океан. Регионот Океанија е составен од неколку големи острови како што се Нова Гвинеја и Нов Зеланд, како и огромен број на мали острови. Океанија се дели на три пространи области: Меланезија, Полинезија и Микронезија. Меланезија ги опфаќа островите што се наоѓаат североисточно од Австралија. Полинезија го опфаќа најголемиот дел од Океанија и  во неа се наоѓаат најголемиот дел на острови и островски групи во Тихиот Океан. Микронезија ги зафаќа просторите што се наоѓаат северно од Меланезија и во неа се наоѓаат голем број на мали острови кои се наоѓаат североисточно од Меланезија. Најголем дел од островите во Микронезија се корални острови.

Австралија со Океанија излегува на повеќе мориња како што се Арафурско Море, Тиморско Море, Коралско Море, Тасманово Море, Бандско Море, Соломоново Море, Ново-гвинејско Море и на два океани, на Индиски Океан и на Тихи Океан. Копното на Австралија има слаба брегова разгранетост, па на него се забележуваат само неколку заливи, острови и полуострови. Од тие полуострови, најголем  и најзабележителен е полуостровот Кејп Јорк или само Јорк, кој се наоѓа во северниот дел на континентот Австралија. Овој полуостров лесно се приметува, има карактеристична форма (како рог) и зафаќа површина од околу 220 000 km2. Полуостровот Јорк од север и запад е обиколен со водите на Арафурското море, додека пак на исток со водите на Коралското море. Името го добил од страна на капетанот Џејмс Кук во 1770 година, во чест на принцот Едвард, војводата од Јорк.  Релјефот е на овој полуостров е претежно низински. Во крајните југо-западни делови со своите северни делови се простираат големите Разводни Планини. Највисокиот врв на полуостровот Јорк е врвот Бартл Фрир со височина од 1611 метри. Во најголемиот дел од полуостровот е застапена тропската клима, додека во неговите северни делови преовладува екваторската клима. Тропската клима се одликува со појава на поголеми количества на врнежи од дожд особено во периодот од ноември до април, а во периодот од месец мај до месец октомври настапува сувата сезона. Средните

годишни температури се движат од 18 °C  на повисоките места и до 27 °C на низините во посувиот југозапад. Температурите над 40 °C и под 5 °C се ретки. На овој полуостров, од повисоките места се спуштаат неколку реки кои се вливаат во Карпетаринскиот залив, но најголема и најполноводна е реката Мичел. Останатите реки во сушните периоди значително ја губат водата, а дел од нив и пресушуваат. Со доаѓање на влажната сезона како резултат на големите количества на врнежи на дожд овие реки повторно се полнат со вода. Овој полуостров уште одамна е препознаен како еден од најголемите и најважните екорегиони во Австралија. Околу 10% од неговата територија се заштитени подрачја, вбројувајќи и три национaлни паркови: Езерско поле (5.370 km2), Мунган Канџу (4.570 km2) и Националниот парк на реката Јардин (2.530 km2).  Полуостровот Јорк преставува комплексен мозаик на недопрени екваторски дождовни шуми, тропски и суптропски пасишта, савани, степи, и мочуришта. Оваа различна вегетација е дом на околу 3300 видови цветни растенија. Полуостровот се одликува со највисока стапка на ендемизам во Австралија, при што досега се пронајдени повеќе од 260 ендемични растителни видови. Дождовните шуми на Јорк содржат најмалку 1000 различни растенија, вклучувајќи 100 ретки или загрозени видови и 16% од орхидејските видови на Австралија. Крајбрежните области на полуостровот се карактеризираат со мангрови шуми (крајбрежна  мочуришна вегетација) од кивила и други дрвја. Најголемата мангрова шума се наоѓа кај заливот Њукасл. Полуостровот има извонреден биодиверзитет, претставен со повеќе од 700 видови на ‘рбетници, од кои 40 се ендемични, 200 видови  на пеперутки од кои 11 ендемични пеперутки,  голем број на птици и цицачи. Полуостровот, исто така е дом на источната кафеава змија, која е една од најотровните змии во светот. Во мошуришните предели има голем број на риби, а тука живеат и крокодили. Покрај источните брегови на полуостровот Кејп Јорк се наоѓа и Големиот Корален Гребен кој е заштитен како национален парк и претставува најголемиот систем на корални гребени во светот. Големиот Корален Гребен е составен од над 2.900 индивидуални гребени и 900 острови протегајќи се на над 2.300 километри на површина од околу 344.400 km2 . Овој гребен е составен и  изграден од милијарди мали организми, познати како корални полипи и е најголема структура во светот составена од живи организми. Во Коралниот гребен живеат над 1500 видови на риби, џуџестиот кит, индо-пацифичкиот луксузен делфин, 17 видови на морски змии, 6 видови на желки итн. Полуостровот Кејп Јорк е ретко населен, и во него живеат околу 19 000 жители населени во 12 урбани центри (околу 8 700 жители) и околните помали гратчиња и рурални места (околу 9 000 жители). Најголемиот дел од населението на полуостровот Јорк се Абориџините кои се староседелци на копното Австралија.  

Литература:

  1. http://www.capeyorkinfo.org/
  2. Mittermeier, R.E. et al. (2002). Wilderness: Earth’s last wild places.
  3. Frith, D.W., Frith, C.B. (1995). Cape York Peninsula: A Natural History. Chatswood: Reed Books Australia. Reprinted with amendments in 2006.
  4. http://www.epa.qld.gov.au/
  5. Wildlife of Tropical North Queensland. (2000).
  6. https://www.worldwildlife.org/ecoregions/aa0703
  7. http://www.anra.gov.au/topics/vegetation/pubs/native_vegetation/nat_veg_contents.html
  8. http://www.environment.gov.au/erin/cyplus/lup/index.html
  9. https://en.wikipedia.org/wiki/Oceania

Подготвил: Тоше Столески, наставник по географија

 

Објавено од:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags: , , , ,

4 одговори на "Кои се најголемите полуострови на континентите? Седми дел – Австралија со Океанија"

  1. Да се надоврзам за темата за најголемите полуострови во Австралија и Океанија, поточно со неколку мои стручни информации околу ова:

    На полуостровот Кејп Јорк се наоѓа најсеверната точка на континетот Австралија (Ртот Јорк – 10°41′ ЈГШ.).

    Во февруари 1606 година, холандскиот навигатор Вилем Јансзун со бродот Дојфкен, стигнал до Австралија, како прв Европски истражувач, односно пристигнал во близина на местото каде што денес се наоѓа градот Уејпа (Уејпа е крајбрежен рударски град кој е најголемиот град на полуостровот Кејп Јорк, и има население од 3.900 жители.), на западниот брег на полуостровот Кејп Јорк. Надвор од тоа има малку човечки контакт, бидејќи Кејп Јорк останал гранична дивина, потполно недопрена од човечкото присуство. Ова бил прво регистрирано пристигнување на Европеец во Австралија, а исто така го означил и првиот пријавен контакт помеѓу Европскиот и Абориџинскиот Австралиски народ.

    Едмунд Безли Корт Кенеди британски воен топограф, геодезист и научник бил првиот европски истражувач кој се обиде со копнена експедиција да пристигне на полуостровот Кејп Јорк. Тој бил втор командант на Сер Томас Ливингстон Мичел во 1846 година, кога наишле на реката Барку. Целта била да се воспостави пат до врвот на полуостровот, каде бизнисмените во Сиднеј се обиделе да развијат пристаниште за трговија со Источните Инди. Најголема река на полуостровот Кејп Јорк е реката Мичел долга 750 километри, која воедно е и најдолга, додека втора најголема река во полуостровот Кејп Јорк е реката Стаатен долга 383 километри, и трета е реката Џардин долга 163 километри.Најпознати водопади кои што се наоѓаат на полуостровт Кејп Јорк се водопадите Изабела, водопадите Фрут Бат, водопадите Твин, и секако водопадите Елиот.

  2. После полуостровот Кејп Јорк во Австралија, најголем полуостров во регионот Меланезија, Океанија е Папуанскиот Полуостров кој што се наоѓа во Папуа Нова Гвинеја.Папуанскиот Полуостров, познат и како Полуостров Птичја Опашка (наречен е така бидејки национална птица во овој дел на Папуа Нова Гвинеја е Сината Рајскат Птица (науч.Paradisaea rudolphi) ,е голем полуостров во Папуа Нова Гвинеја, југоисточно од градот Лаe, што го сочинува југоисточниот дел на островот Нова Гвинеја. Полуостровот е најисточниот степен на Висорамнините на Нова Гвинеја и се состои во најголем дел од планинскиот венец Овен Стенли, со врвови како што се планината Викторија (4.038 мнв) и планината Сиклинг (3.676 мнв). На јужниот брег се наоѓа Порт Морсби, главен град и најголем град на Папуа Нова Гвинеја со население од 375.000 жители.
    Островот Нова Гвинеја честопати се визуелизира како во форма на птица, при што полуостровот Птичја Глава (Bird’s Head Peninsula, или општопознат како Полуостров Доберај.)е на северозападниот крај на островот (овој полуостров се наоѓа во провинцијата Папуа,Индонезија), а полуостровот опашка на птицата на југоисточниот крај.

  3. Трет полуостров по големина после Папуанскиот Полуостров во Папуа Нова Гвинеја е Полуостровот Нортленд, кој што се наоѓа на Северниот Остров во Нов Зеланд.Полуостровот Нортленд, во поранeшни времиња наречен Полуостров Северен Окленд, се наоѓа на крајниот Северен Остров на Нов Зеланд. На остатокот од островот му се придружува Оклендскиот провлак, или Оклендски теснец, тесно парче земја помеѓу пристаништето Ваитмата и пристаништето Манукау во средината на градското подрачје на Окленд. Полуостровот не е постојан со подрачјето на локалната самоуправа во Регионот Нортланд, кој зазема 80% од северниот дел од полуостровот. Јужниот дел на полуостровот е административно дел од Окландскиот Регион. Полуостровот се протега северо-западно на околу 330 километри од островот Окленд (или Тамаки теснецот), достигнувајќи максимална ширина од 85 километри.Има згчено или искривено крајбрежје, со многу помали полуострови кои разгрануваат надвор од него.
    Втор најголем полуостров во Нов Зеланд, после Полуостровот Нортленд, е полуостровот Бенкс кој што се наоѓа на Јужниот Остров на Нов Зеланд.
    Полуостровот Бенкс е полуостров со вулканско потекло на источниот брег на Јужниот Остров на Нов Зеланд. Има површина од околу 1.150 квадратни километри и опфаќа два големи пристаништа и многу помали заливи. Најголемиот град на Јужниот Oстров, Крајстчерч (со население од 385.500 жители), е веднаш северно од полуостровот.

  4. Во регионот на Микронезија, Океанија, најголем полуостров е Деке Сокехс, или Полуостров Сокехс, кој што се наоѓа на островот Сокехс, во Сојузните Држави на Микронезија.
    Деке Сокехс, или Полуостров Сокехс, е планински полуостров на северниот брег на островот Понпеј во Сојузните Држави на Микронезија. Претходно бил остров, познат како остров Сокехс, но сега е поврзан со главниот остров по автопат и поле со мангрови дрвја. Каналот Дау Мвоакоте, е долг 1.570 метри, се пробива низ мангровата вегетација, што освен на запад, е широк само неколку метри.
    Припаѓа на општината Сокехс и лежи на западниот дел од Колонија. Населбите од југ кон север ги вклучуваат: Реоу, Ахсеија, Соледи, Камвеле, Мвалок, Роие, Нанеир, Пеилонг, Кепиндау и Данипеј.

Leave a Reply

*