Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Географски вести, На тема, По Светот » Тибет – најголемата и највисоката висорамнина во светот!

Тибет – најголемата и највисоката висорамнина во светот!

28.06.2020

Кога зборуваме за Тибет, многумина мислат дека се однесува на Тибетскиот Автономен Регион – ТАР, со главен град Ласа. Всушност, тоа е пространа висорамнина во Централна Азија, на просечна надморска висина од 4.900 m, од која најголем дел е во состав на Народна Република Кина. Тибет е еден од најзначајните региони во светот и се нарекува „покрив на светот“ или „третиот пол во светот“, затоа што тука се заробени 15% од светскиот мраз, односно огромна количина на слатка вода. Висорамнината Тибет ги опфаќа автономниот регион Тибет, потоа Кингхаи, јужен Ксинџијанг Ујгур, југозападен Гансу, западниот дел на провинциите Сихуан и Јунан во Кина. Потоа, делови од Бутан, Непал и Ладах во Индија исто така припаѓаат на овој регион. Таа е највисока висорамнина на светот, со просечна надморска височина од 4.900 метри, а тука се и највисоките планини на светот – Хималаите.

Тибет е опкружен со двата највисоки планински врвови во светот: Монт Еверест, 8.848 m и К2, 8611 m (најсмртоносниот врв во светот). Она што е значајно исто така за оваа фантастична висорамнина е тоа што на нејзина територија се наоѓа планината Каилаш, чиј врв на височина од 6.638 метри никогаш не бил освоен. Тибет го има најголемиот кањон во светот, Голем кањон на реката Јарлунг Занбо, со длабочина од 5.382 m. Има бројни глечери, а воедно и изворите на многу важни реки се тука. Има многу уникатно опкружување и многу уникатни висорамнини.

Како што напоменавме погоре, Тибет се состои од високи планини и големи реки, прерии и клисури. Тука се сместени Хималаите на југозапад, планините Кунлун и планините Калакунлун на северозапад, планините Гангдиси, Тангула и Нијанкентанџа се среќаваат во средишниот дел, а планините Хенгдуан се долж нејзината источна рамка. Има 6 врвови од над 8000 m , 50-тина врвови над 7000 m и бројни врвови од над 6.000 m, каде и се наоѓа највисокиот врв во светот, Еверест со височина од 8.848 m. Во средина на многубројните величенствени високи планини се распространети бројни езера и клисури. Тибет е исто така еден од регионите во светот со најмногу клисури. Овие клисури главно се распространети на исток од висорамнината Тибет и јужните крајни области.

Она што е интересно за овој простор е тоа што низ него минуваат над 20-тина реки, со должина поголема од 10.000 km. Најпознати реки се: Јарлунг Занбо, Јининша, Нуџијанг и Ланканг, а воедно, на подрачјето на Тибет се наоѓаат изворите на Азиските реки Ганг, Инд и реката Меконг. Регионот има над 1500 езера, вклучувајќи 47 со над 100 km2 површина. Површината на езерата е над 24.183 km2, што претставува над една третина од вкупната површина на eзера во Кина. Трите најголеми езера на Тибет се наоѓаат централно, северозападно од главниот град на ТАР (Тибетски автономен регион), Ласа: Дангре Јонг, Нам и Силинг.

Од историски аспект, за Тибет има големо значење Далај Лама, добитник на Нобеловата награда за мир во 1989 година, кој се борел низ годините за автономија на Тибет. Населението во овој регион е скоро целосно Тибетско, но има и неколку малцински националности. Така, мнозинството на Тибетанците имаат исто етничко потекло, традиционално практикувале иста религија. Зборуваат на Тибетски јазик, а Бон се смета за прва позната религија. Во меѓувреме се застапени и будизмот, исламот, христијанството и хиндуизмот во мал процент. Во однос на енергетските извори, голем напор е насочен кон развој на хидроцентрали, особено на реките Брамапутра, Меконг, Ласа и Нјанг. Индустријата во овој регион е прилично слабо развиена Регионот Тибет се состои од три региони/регии и тоа: ТАР (Тибетски автономен регион) и областите Кам и Амдо на истокот на Тибет.

Искачување кон врвот Еверест 8.848 m, атракција во градот Шигатце

Доколку сакате да патувате во Тибет, најпрвин морате да ги знаете најпознатите и најатрактивните туристички дестинации. Во таа смисла освен Ласа, главниот град на регионот Тибет, има и други дестинации што вреди да се посетат, како што се Шингаце, Шанан, Ниничи, Чамдо, Нагку и Нагри. Тоа се туристички дестинации со прекрасни природни и прекрасни културни пејзажи кои никогаш не треба да ги одминете. Воедно не треба да се изостави дека Тибет, како и секој регион во светот изобилува со прекрасна храна, која нема да ја најдете на ниту едно друго место, а тука се и фестивалите, кои се едни од главните туристички атракции, и она по што е познат Тибет, кои се национални и локални по карактер. Па така, како главни туристички дестинации кои би можеле да се посетат во Тибет се: главниот град на Тибет – Ласа, најпозната туристичка атракција во градот Шигатце – Еверест, највисокиот врв во светот, потоа регијата Шанан со атрактивното езерото Јамдрок, а воедно и едно од трите најголеми езера во Тибет, градот Нингчи, наречен Тибетска Швајцарија, со големиот кањон „Јарлунг Занбо“, Чамдо, најстарото живеалиште за Тибетанците, во позадина атрактивната планина Меили, која важи за најсвета планина на светот, на која што се поклонуваат Тибетанците, Нагк, перфектен регион кој плени со убавина и за крај би го издвоиле
регионот Нгари со планината Каилаш.

Големиот кањон „Јарлунг Занбо“, во градот Нингчи

Од сето напишано може да воочиме дека Тибет познат како „покрив на светот“, претставува мистериозно, егзотично место за кое копнеат многу авантуристи и планинари. Од почетокот на XX век, оваа огромна регија со својата прекрасна глетка и мистериозна религиозна култура станува се попривлечна за туристите. Доколку сакате да патувате во Тибет, никако не треба да ги одминете врвните атракции наведени во оваа статија, затоа што тие го претставуваат најавтентичниот Тибет. Тибет е совршена дестинација за сите што сакаат да видат нешто ново и невообичаено. Почнувајќи од разновидниот релјеф, високите планини, врвови, многубројните езера, реки, се до различната култура и туризам. Сето тоа ќе ве остави без здив и со многу впечатоци, затоа што сепак, патувањата ќе ве направат духовно побогати, посреќни, а ќе имате и поголемо чувство на задоволство во животот.

Користена литература:

  1. tibettravel.org/top-attractions/
  2. topchinatravel.com/tibet-travel/most-famous-tibet-tourist-destination.htm
  3. britannica.com/place/Tibet
  4. topchinatravel.com/china-guide/qinghai-tibet-plateau-the-highest-plateau-in-the-world.htm

Автор: Бојана Алексова, студент на Институт за географија и член на ИЗСГ „Природник“

Објавено од:

Од категорија: Географски вести, На тема, По Светот · Tags: , , ,

Leave a Reply

*