Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема, По Светот » Пекинг – спој на историски и модерен град

Пекинг – спој на историски и модерен град

28.08.2020

Пекинг е главен град на Народна Република Кина и претставува политички и културен центар на државата. Покрај тоа, тој е фокусна точка на научно-технолошкиот развој, образованието, комуникациите и меѓународната размена на Кина. Оваа метропола е сместена во северозападниот дел на Северната Кинеска рамнина, на околу 150 km западно од Бохајското Море. Со население од околу 22,5 милиони жители, на површина од 16.800 km кв., Пекинг и втор по големина град во Кина после Шангај. Од етничките групи доминираат Кинезите со 96% од населението, потоа Манџури, Хуи и Монголци.

Историјата на една од најнапредните антички цивилизации е овековечена во архитектурата и културните обележја на луѓето што живеат таму. Пекинг е една од „четирите големи антички престолнини“ на Кина, (заедно со Нанџинг, Луојанг и Ксиан или Чанган), но и едно од најстарите населени места, за што кажуваат пронајдените фосили на Хомо еректус (т.н. Пекиншки човек), кој живеел таму пред 770.000 до 230.000 години. Станува збор за град стар колку Лондон, шест пати постар од Њујорк и десет пати постар од Сиднеј.

Пекинг е универзално признаен по својата богата историја и културен развој, но и како модерна меѓународна метропола полна со енергија и виталност. Овој град е светски познат по испреплетеноста на историските места и волшебната природа, што го прави привлечна туристичка дестинација. Тоа е извонреден град кој нуди изобилство на стара и модерна архитектура, голем број споменици со национална вредност, храмови, палати, градини, музеи, најразлични локални вкусови и обичаи. Уметничките богатства и многуте универзитети го прават градот културен центар на кинескиот народ. Не е чудно што токму овој милионски град се наоѓа на листата 10 најзагадени градови во светот како последица од големиот број автомобили и електрани кои користат јаглен, но и поради недостатокот на ветер.

Кога се зборува за Пекинг, можеби е интересно да се укажат следниве факти за него:

  • Неговото име не било отсекогаш Пекинг. Во различни периоди од кинеската историја добивал различни имиња како што се Даду, Беипинг, Јинченг, Јанџинг, итн. Сегашното име, кое значи “северна престолнина” , го добил од династијата Минг во 1403 г. за да го разликуваат од Нанџинг или „јужна престолнина“.
  • Бил шест пати главен град на шест значајни кинески влади:
    – 221 п.н.е: Главен град на династијата Јан
    – 1271: Главен град на династијата Јуан
    – 1402: Главен град на династијата Минг
    – 1644: Главен град на династијата Кинг
    – 1912 година: Главен град на Република Кина
    – 1 октомври 1949 година: Главен град на Народна Република Кина
  • Официјалниот јазик на Кина, односно мандаринскиот јазик е заснован врз Пекиншкиот дијалект.
  • Овој град е дом на седум места кои се наоѓаат на листата на светско наследство на УНЕСКО и тоа: Големиот Кинески Ѕид, Забранетиот град, Летната палата, Храмот на небото, гробниците на Минг, локалитетот Чоукудијан и Големиот канал;

– Големиот Кинески Ѕид е оддалечен 80 km од градот и е едно од најголемите културни знаменитости во светот – најдолгиот ѕид на светот (5600 km) и џиновски пример на античката одбранбена архитектура.

– Забранетиот град има правоаголна  форма и е најголемиот палатен комплекс во светот кој опфаќа површина од 74 хектари. Бил царска палата на 24 императори во периодот 1368-1911 година и содржи повеќе од 8.700 соби.

– Летната палата која потекнува од 17 век, е некогашна царска резиденција, а денес е најголемиот национален парк во Кина, со површина од 270 хектари.

– Храмот на небото се смета за најсвет храм во Пекинг, изграден во 1420 година. Неговата градба ја наредил царот Чу Ди, кој секоја година, во денот на зимскиот солстинициум, одел во храмот за да се моли за добра жетва.

– Гробниците на династијата Минг претставуваат збир од мавзолеи, односно 13 големи гробници, кои се простираат во близина на Пекинг и една во Нанџинг.

– Локалитетот Чоукудијан е пештерски систем кој се наоѓа во приградската област Фаншан кај Пекинг, и е местото каде се чуваат фосилите на Пекиншкиот човек.

– Големиот канал претставува најдолгиот канал или вештачка река во светот, чија должина изнесува 1.776 km.

Покрај наведеното, мошне интересни се и следните факти за Пекинг:

  • Кога нарачувате во ресторани, не очекувајте да примите сад само за себе затоа што храната во Пекинг (како и во повеќето кинески ресторани) се служи во стил на семејство и треба да се дели.
  • Главниот меѓународен аеродром во Пекинг е вториот најпрометен аеродром во светот кој услужува скоро 100 милиони патници секоја година.
  • Пекинг е поделен на 14 урбани и субурбани окрузи како и два рурални окрузи.
  • Зоолошката градина во Пекинг е најголемата зоолошка градина во Кина која вклучува и аквариум. Првично била кралска градина наречена Ваншенг, што значи „Градина со 10.000 животни“.
  • Една од најголемите знаменитости во градот е Олимпискиот парк, изграден за Летните олимписки игри во 2008 година, а во 2022 година, Пекинг веројатно ќе стане првиот град што ќе биде домаќин на летните и зимските олимписки игри.
  • Пекинг има две официјални градски цвеќиња: кинеската роза и хризантемот.
  • Пекинг е вистинската престолнина за велосипедизмот – постои огромна површина посветена на велосипедските патеки и паркинг за велосипеди.
  • Пекинг е познат по својата извонредна калиграфија, визуелна уметност поврзана со пишувањето, така што најпопуларните сувенири вклучуваат четка со широк врв за калиграфија и подлоги за мастило.
  • Најпознато јадење е печена пекиншка патка, која најпрво била готвена само за императорите во Забранетиот град уште пред околу 600 години, а подоцна била пренесена за да уживаат и останатите луѓе и станала симбол-јадење на овој град.

 

Koристена литература:

  1. www.factinate.com/places/31-凉-facts-about-beijing/
  2. www.chinahighlights.com
  3. www.wikipedia.org/
  4. www.beijingtrip.com

 

Изработила: Драгана Талеска, студент на Институтот за географија.

Објавено од:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags: , , , , ,

Leave a Reply

*